презвитер Горан Стојчевски
BACK TO THE ROOTS
(ПОКАЈАНИЕ)

„Никој да не каже дека го познал Бога, доколку не ја спознал својта слабост„

Митрополит Наум


Се случи, иако сеуште во најава, но епископот Климент убаво забележа, претстои судир на милитантниот атеизам и радикалниот фундаментализам. Првиот, почива на доктрината на либерализмот, во една статија и наречен сив, да и така е, безживотен е по суштина, но во светот функционира противприродно, и по плодовите го препознаваме (Мт.7,15-20), како што вели Христос Господ, а политички според истата констатација се има одомаќинето како Осмиот патник во над педесет нијанси десни, леви, конзервативни, социјалдемократски, демократски, републикански...шарени, шарени како виножито, дури и знаме си имаат, тоа е. Вториот, етимолошки и семантички има религиозно покритие, но е испревртување на  секое добро и полезно давање што доаѓа одозгора, а испревртувачот е таткото на лагата, ѓаволот (Јован 8,44), со тоа и доктрината на радикалниот фундаментализам е сатанистичка, а таква е и на дело. Каде сме ние? Та нели ние сме она што е душата за телото, тоа се христијаните за светот, како што е забележано во Посланието до Диогент. Што ни стана, млаки сме како Понтиј Пилат, лицемерни како фарисеите, се држиме до каноните како книжниците, а сме секуларни како садукеите? Ќе рече некој, лицемере, извадија гредата од своето око, а потоа ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си..(Мт.7,5 и Лк.6,42), да лицемер, оти секој на свој начин е тоа, само треба да признае и да се преуми. Во еден претходен текст напишав дека, дали на некого му изгледа преподобно или не, сепак како свештенослужители, а и како христијани треба да зборуваме и практикуваме за постојана молитва, молете се постојано (1Сол.5,17), за покајание и исповед, покајте се оти се приближи царството Божјо (Мт.4,17,Мр.1,15)..., за Причест, Кој Го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден... ќе биде во Мене, и Јас во него...(Јован 6,53-57), дека во Кршетнието сме дале завет дека ќе ја исповедаме благодатта, ќе ја проповедаме милоста и нема да ги скриваме доброчинствата...и дека на таа вера во Христа Исуса ставен ни е печатот од дарот на Светиот Дух, кој е залог на нашиот вечен живот и единството со нашиот СветоТроичен Бог во Неговото Царство... за тоа ли сме во светот? Да бидеме Црква - Тело Христово преку Евхаристијата како присуство на царството Божјо во овој свет, да бидеме светлина и сол (Мт.5,13-14), или ни се изгуби верата т.е солта? За се друго расправеме во светот, а за Христа не сведочиме. Гледаме како светот тоне во злото, но истиот тој свет нас нè чека, ние да се прославиме во Христа и него да го прославиме преку нас, луѓето во светот чекаат на нашите молитви, од нив и тие ја чувствуваат благодатта, сострадалноста и сочуствителноста на светите подвижници се состои во покажување на љубовта Божја преку молитвата преку нас за сите твои луѓе. Не зборуваме тука за некаков синкретизам, но зборуваме за она што треба да го правиме како православни христијани, да сведочиме за Христа, да ја чуваме чистотата на верата преку литургиското подвижништво, без компромиси со лажниот секуларизам и некаква психолошка религиозност втемелена на човечкиот разум но, со љубов Христова втемелена во Црквата Негова. Веруваме и исповедуваме дека ја имаме вистинската вера, да православна, но треба да покажеме како таа функционира на дело, практикувањето на православната вера да биде наш одговор во т.н. судир на цивилизациите во овие времиња на безумството во светот. Ние треба да се преумиме, покајанието да нè води, тоа е враќањето кон нашите корени кои се христијански како што вели во една своја беседа блаженејшиот наш архиепископ Стефан. Листајќи еден магазин за славните балкански ѕвезди, налетав на едно интрервју кое ни било кој теолог не може да го опише ако не го живее, а тоа е дека враќањето на корените е всушност е покајанието,а корените се верата на нашите татковци, православие. Никола Пејаковиќ, режисер на „Убавите села, убаво горат„ каде е прикажана балканската мерзост на запустението од деведестетите години, а сега видена насекаде во светот, тој исповеда за враќањето кон верата како покајние, за промена на животот како преумување, за спознавањето на Бога преку искушенијата низ маки, неволји, лоши и грди работи. Неговата исповед е дека егото (гордоста) е најголемиот порок, страст од која се раѓаат сите други страсти кој ни штети нам и на другите луѓе, но исто така неговото покајние е дека создавањето на нов човек (во Христа) е наша обврска и пат, и дека верата во Бога е единственото нешто што може да нè спаси. Токму покајанието треба да биде нашиот одговор што треба да му го понудиме на светот ако како христијани сме неговата душа, затоа опитот во верата одговара преку него, тоа можеби на луѓето ќе им се чини како атак или богомолечка (преподобна) пропаганда, но во светот кој лежи во зло, во како што вели, дното од пороци, страсти и испревртена логика, каде ѓаволот и демоните си играат, на човекот не му е местото, верувајте, нуркав таму долу длабоко и знам дека доле нема ништо. Не е преподобно ако дојдеме на себе како блудниот син, ако станеме и отидеме на исповед, ако се покаеме дека згрешивме и против Бога и против себе си, и кон ближниот, оти преку покајнието повторно го слушаме нашиот Отец, изнесете најубава облека со која се облекуваме пак и пак во Христа и ги посведочуваме зборовите, овој е мојот син, беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде (види Лк.15,11-24), тоа е нашата вера преку покајние до очистување, преку очистување до обожение, преку Крст до Воскресение. Радоста од животот во Христа мораме да ја споделиме во светот, кој од нас не очекува маршови, туку сведоштво за вечноста, за победата на животот над гревот, смртта и ѓаволот. Да не сееме магла од оправдувањата наши, како што вели о. Шмеман, грешиме од гордост и со телото, како и Адам, а во Црквата преку Евхаристијата преку благодарењето се обновуваме во Христа, лично за човекот т.е. сите луѓе во Новиот Адам (1Кор.15,22), соборно за светот преку Црквата Божја.

Историски, кога настапи секуларизацијата во Црквата преку Миланскиот едикт, одговорот беше покајанието пројавено во монаштвото, кога беше уценета верата и паѓаше Византија, одговорот беше покајанието, преку исихазмот. Во време на туѓите иноверни владеења повторно е одговорот преку покајанието во дамаскинарството, коливарите, во атеизмот повторно покајнието се пројавува како одговор преку епископот Велички Гаврил, па повторно возобновување на монаштвото итн.итн. покајанието на личен план, а сведоштвото за тоа покајние на соборен план преку Евхаристијата која не престанала да биде сведоштвото дека сме едно со Бога преку Христа Исуса, Неговото Тело и Крв.

Наше не е да држиме моливи в раце, туку бројаници и да се молиме, наше не е да се мериме со светот, туку со Христа, не е наше да маршираме со празни слогани, туку да се собереме како Црква на Литургија, наше не е да манипулираме со смртта, туку да сведочиме за воскресението Христово и вечниот живот. Наше не е да мудруваме светски, туку да ја стекнеме благодатта Божја и да се молиме сиот свет и сите луѓе сведочејќи за „љубовта Христова која сите нè прегрнува со раширените раце на Крстот„ како што вели, митрополитот Пимен.
Нашиот одговор на сите во светот нека биде покајние и Евхаристија, да го држиме умот во пеколот и да не очајуваме како што вели св. Силуан, оти Христос победува...Јас Сум Оној Кој Е, Алфа и Омега, Првиот и Последниот, Кој е, Кој бил, и Кој доаѓа, Седржителот..(Откр.1,8).  Да не бидеме млаки и лицемерни за љубов Негова.


П.С. Некои велат, јас сум Шарли, па во тоа име ли се крстивте? (види 1Кор. 1,13).