24-ти септември, лето Господово 2014

 o.Goran.Stojcevski.hram.jpg

презвитер Горан Стојчевски


ВЕРАТА НАСПРОТИ РЕЛИГИЈАТА И ИДЕОЛОГИЈАТА


"Духовната состојба на светот не е одредена од верата, туку од идеологијата и од утопискиот ескапизам... мера за сè, веќе не е Бог, туку човекот...„
 о. Александар Шмеман
Присуствував на отворањето на летната школа под наслов „Религија, етничка припадност и национализам„ чија главна цел како што стоеше во програмата е да се даде придонес во надминувањето на статус кво ситуацијата во однос на верските, националните и културните разлики помеѓу акдемската младина во Р. Македонија, целната група беше наведено дека се студенти на Православниот Богословски Факултет, Факултетот за исламски науки, Философски факултет, Филолошки факултет, Правен факултет итн.  Го ислушав воведното излагање, како и излагањето на гостите поканети да говорат, а меѓу кои намаше претставник на верските заедници во Р. Македонија со цел и тие да го истакнат својот став околу зададената тема. Првиот, општ впечаток, е дека се работи само за еднострано политчко третирање на темата и воопшто не можев да разберам што навистина како Црква е потребно нашето присуство таму, да не зборувам од името на другите верски заедници, освен протоколарно како своевиден декор на темата која меѓу другото зборува за сè (читај политика), освен за верата или поточно верските разлики, поточно се однесува и на нас како верски заедници, но не и со наш став. Во понудената програма имаше најави за посета на христијански храмови, џамија и синагога, онолку колку да биде колоритно или да се почувствува и наше присуство, всушност ќе ги анимираат посетителите на школата во однос на религиите. Беше ставен акцент на секуларизмот како позитивен темел за надминување на верските разлики при различната етничка припадност, а заради надминувањето на проблемот со национализмот и промоција на толеранцијата во една синкеретистичка форма. Провејуваше декларативно радикален или коренит секуларизам со цитати на Господ Исус Христос од Светото Евангелие според Матеј, потоа, еден политички секуларизам, за тоа која линија во однос на религијата ја држи десницата или конзервативниот блок или понаклонетата во однос на политичко-правниот поредок, и која е позицијата во однос на левицата или помалку наклонетата, понатаму историски, за позитивниот пример на соживотот во Османската империја и либералната примена на шеријатското право, и кај последниот говорник, за секуларизам без предзнак на радикален со спомени на соживотот во социјалистичкиот систем и учеството на верските заедници во него. Бидејќи, организаторот е политичка фондација, со ништо не може да се занимава освен со политика, а политиката пак, на верата гледа исклучиво како на идеологија која треба да се насочи секуларно или помалку секуларно, во зависност од констелацијата на политичките односи, или да се направие еден синкретистички микс во интерес на братсвото, слободата и еднаквоста, т.е. човечките дострели без Бога кои се само утопија, иако ние сме познале дека преку верата во Христа Исуса имаме и братство и слобода и еднаквост (види Галат. 3,26-28), но никако да го реализираме и во Црквата, оти робуваме на страстите и идеологиите. Истиот извадок од светиот апостол Павле нека ни послужи и за етничката припадност. Потоа, на ред ми дојде некако да ја препрочитам „Евхаристија„ на отец Александар Шмеман, и во предговорот авторот сосема во право констатира дека омразата, крвопролевањата и духовната состојба на светот се резултат на оттуѓувањето од Бога, следењето на човечките идеологии и утопискиот ескапизам, кога веќе Бог не е мерило на сè, туку човекот. Овој заклучок, секако кореспондира со светиот апостол Јаков дека војните меѓу нас се заради нашите похоти (Јаков 4,1), или со свети Силуан Атонски, кога владетелите (и народите кои тие ги водат м.з.) би ја познале љубовта Божја, никогаш не би завојувале, ова нека послужи за одбрана од национализмот. Секуларизмот во општеството, правнички е дефиниран и разбран само како раздвојување на религијата од државата и обратно, и сите држави тоа така го подразбираат од Француската револуција па наваму. Тоа и ние го живееме, нашето општество е секуларно, а да го погледнеме и нашиот живот, дали е христијански или секуларен, или за жал двоен. Каков интерес во однос на Црквата, Евхаристијата, Царството Божјо, вечниот живот или воопшто спасението на светот и човекот имаме како христијани од тоа дали сме повеќе или помалку секуларен, дали сме конзервативни или либерални, сето тоа се само идеологии, наши паднати човечки расудувања. Зарем  Бога ќе го браниме со нашите закони? Или Бога ќе го забрануваме или одоброволуваме според нас? Во овој случај, можам да кажам, немој не ме брани, кога веќе не си ме прашал, за да одговорам. Со што ќе го дефинираме Бога, со пароли од крвавите револуции, со нашите политики, философии, историски, психолошки или економски достигнувања. Бог не може да се стави во ниедна рамка, ниеден човечки збор не Го доспева, ние не Го браниме Него, тој нè брани нас, но доколку ние сакаме Он да биде наш заштитник.
Секуларизмот, накратко од  дефиницијата на погоре цитираниот учител на Црквата е сè она што е во светот, околу него и во него, и дака тоа нема врска со Бога, а тоа поимање со Црквата и христијанската вера нема никакви допирни точки, ние исповедаме дека сè е создадено (Евр. 2, 17; Рим. 8,3; Филип. 2, 7) од Бога Отецот преку Синот во Светиот Дух, и дека Бог го реализира Својот Домострој преку Црквата која како Тело Христово има за цел да го приведе човекот и светот кон царството Божјо, реализирање на спасението кое ни го даде Христос Богочовекот со Неговото Распетие на Крстот („Ете, сè ново создавам„, Откр. 21,5 и Јован 19,30), како помирување со човекот и светот и со Неговото Воскресение ни подари живот вечен, преку наше преумување (поакајние), очистување од гревовите и страстите во нашето срце и обожение со благодатта на Светиот Дух, а каде Црквата, таму е и благодатта, вели свети Иринеј Лионски.
Која толеранција ќе ја градиме ако не ги пазиме Божјите заповеди?(Јован 14,15), секако тоа се однесува и на другите вероисповеди секој според своите сили, убедувања и совест. Зарем членот од Уставот каде стои дека Црквата (или и другите верски заедници)и државата се одделни, или еве, да претпоставиме дека и Црквата и државата се едно, има ли тоа поголема важност од Христовите зборови, правете им го на луѓето тоа што вам сакате да ви го прават, или возљуби го ближниот свој како себе си, благословувајте ги своите непријатели, или целиот Декалог. Треба практично да поработиме на срцето (види Матеј 15,19) Моето мислење, што се разбира е лично, можеби и погрешно, не знам, е тоа дека како Црква ако учествуваме на било каков собир,школа или семинар, ако не е предвидено дека треба да се слушне и нашиот став, или ако однапред некој претпоставува за Црквата како можен фактор на дестабилност и нетолеранција, тогаш нема потреба да бидеме соучесници во монологот. Фактори на дестабилност и нетолеранција се незнаењето на верата, поистоветувањето на верата со националната и политичката, па дури и религиозната припадност, поистоветувањето на верата со било која идеологија и секако секуларизмот, односно човекоцентричноста. Христос не донесе идеологија или религија, Христос нам ни го објави и дарува царството небесно, тоа царство го сведочиме на Светата Литургија и учествуваме во него преку причестувањето со Телото и Крвта Христова, постануваме Црква, Тело Христово за чија и цел се собираме во храмот како Црква (епископ, свештенство, монаштво, верен народ во и преку Христа), и тоа сведоштво треба  да биде нашата мисија во светот, како што свети апостол Павле им го посведочил на атинските философи, Христос Воскреснатиот (Дела 17,16-34). Светите апостоли и светите отци не зборуваат за христијанска идеологија, за религија, зборуваат за Христа Богочовекот, и сведочат само за мерата од растот на полнотата Христова (Еф. 4,13). За едни Христос е соблазна, за други е безумство, за млаките е сосема неважен, но за нас, како христијани е Божја сила и Божја премудрост (1 Кор. 1,22-24), без разлика кои сме и на каква позиција сме (1 Кор. 7,24), ние на светот како Црква можеме да му сведочиме само за Него, како Евхаристија, благодарење. Личносно во Него се преобразуваме, соборно со Него се вознесуваме.  Од тоа влегување на царството Божјо во овој свет преку Литургијата се враќаме во светот за да го пренесеме мирот Христов, правдата и радоста во Светиот Дух (Рим. 4,17), не како што ни го дава било која човечка идеологија, т.е. светот (Јован 14,27), да ја сведочиме љубовта Христова пазејќи ги Неговите заповеди (Јован 14,15). Или ќе сакаме да се научиме христијански да живееме или ќе треба други да нè учат што треба да правиме, или ќе го избереме добриот Пастир или наемникот, зависи од нас (Јован 10 глава). Со јазикот на една детска емисија, лесно, лесно интересно, од просто, попросто, бидејќи многубројните наши човечки мудрувања и сложености ни го компликуваат животот што ни е даден за да станеме совршени (Мт. 5,48).
Верата никогаш не била фактор на нетолеранција, туку поистоветувањето на иделогијата со верата. Верата не е, и никогаш не била идеологија, се друго се човечки спекулации. Наместо да спекулираме, па дури, еве и теолошки, подобро е да се молиме! Пресвета Богородице, спаси нè!