DSC_0075.JPG

                                      Добар Татко


“Има ли меѓу вас човек, кој, ако му посака неговиот син леб, да му даде камен, и кога посака риба, да му даде змија? И така, ако вие, бидејќи лоши, умеете да им давате на своите чеда добри дарови, колку повеќе вашиот Отец небесен ќе им даде добра на оние што Му бараат?“              (Матеј 7, 9-1
1)  

Ако мојот син ми побара леб, јас нема да му дадам камен, и кога би посакал риба, јас нема да му дадам змија. Ако сум дал на моето чедо вакви добри дарови, значи дека не сум лош и умеам да оставам впечаток на татко со педигре. Тој одраз ќе биде ист како во огледалото, така и надвор помеѓу луѓето, па така сите ќе бидеме доволно убедени во цврстиот родителски темел. Но, ако се навратам историски од почетокот ќе забележам многу несовршености кои ќе доведат до работ на сомневањето дали се бил вистински или пак не? Многу од пресно оженетите сопрузи, со исклучок на денешните трендови кои само го поматуваат раскажувањето, а се однесуваат на зачнувањето на деца без претходно планирање или во надвор од законска врска заради разгледување на некојси пробен период, ... меѓу кои и јас своевремено посакуваат свои потомци кои ќе ги имаат нивните очи, истиот став во наздравување со чаша полна алкохол и ќе ги гледаат со очи полни љубов и возгордеаност. Биолошкиот пат да се добијат малите наследници е познат, иако сега со вмешувањето прсти на медицината има уште неколку, и страсно убав што се однесува на оставањето на своите татко и мајка и прилепувањето кон жената своја, посебно моментот кога обата ќе бидат едно тело. Верувам дека неколку мигови пред и после исходот, малкумина беа способни да благодарат за зачнувањето на новиот живот онака изгорени во похотта и потта кои од тогаш ќе биде тешко да се контролираат во приоритетот на помислите. Првиот плач подоцна го направи таткото објект полн со квасец и радост, но дали наредните врескања го натераа да бара друг кревет, друга соба, куќа или планета можеби? Првите зборови од кои без согласки се слушаше само “тато”, но и првите чекори кои требаше да бидат следени со внимание бидејќи беа несигурни и постојано се ориентираа кон пад кој можеше да биде спречен со погледот од две будни очи од кои едното загрижено гледаше фудбалски натпревар. Првите букви и таблицата за множење повторувани низ солзи и нервозно удирање по масата од таткото кој сеуште е под притисок на недовршениот проект на шефот. Нестрпливите детски очи кои повикуваат на игра која секогаш е побарана во време незгодно поради договорениот турнир со другарите, климаксот кај средовечните мажи, сервисот на автомобилот, заминување на штрковите на југ и друго. Нестрпливите тинејџерски очи кои очекуваат совет како да се изборат со сопствената хормонска војна, како да го најдат вистинскиот пат и куп прашања на кои животот нема да им даде прецизен одговор, туку ќе ги фрла на сите страни со каприци на олуја и цунами додека тие не дознаат сами. Вистинскиот татко ќе ги заштити од  природните и восебесоздадените катастрофи и ќе биде светлина видлива од секое непроодно патче. Дали сеуште мислите дека сте добри татковци заради неколкуте добри дарови?
Колку нашиот Отец небесен ќе им даде добра на оние што Му бараат? Тој немаше потреба да дише во вратот на некоја жена и да изјавува колку многу ја сака, за да добие син за местото кое Го подготвил. Првиот плач ги израдува ангелите и покрај нивната обврска долго да го чуваат тоа дете од лукавиот. Првите зборови ќе ја научат молитвата која ќе го повикува Таткото на почетокот на секоја неволја. Првите чекори ќе тргнат по потесниот пат полн со трња и нерамнини кој води право до убавините кои човечко око не ги спознало. Првите букви ќе го читаат почетокот кога Бог ги создаде небото и земјата и крајот кога Рече дека ќе дојде наскоро. Детската игра ништо нема да разбере од животот, но ќе се обиде да остане чиста бидејќи само така може да се влезе во царството небесно. А потоа треба да се порасне во овој страшен свет полн со негодности кои се грабаат за душите кои ги одвлекуваат во адот. Дали мислите дека добриот Татко ќе им го дозволи тоа?

 

 

Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 10-ти август   лето Господово 2014

  Друго: