Двајца господари


“Никој не може да им слугува на двајца господари: оти, или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамона.“ (Матеј 6, 24)   

Толку многу време поминато со Писмото и долги разговори низ солзи, жар и ветувања со Таткото, не ми беа за жал доволни да не се нарекувам слуга на два господари. Едниот го замразив и презрев колку што ми дозволуваше оваа сомилосна душа, но останав послушен на многуте стапици кои ги поставил на оваа земја. Во право беа пустиножителите за разликата во искушенијата во нивните осамени живеалишта наспроти светот на Мамона, привлечен и ненапуштлив. Но, секој е дојден со сопствената задача во овој привремен живот и секако мораше да се помине тестот, а да не умре надежта дека сепак ќе се присуствува на невечерниот ден.
Лажниот сјај на она што се прифатило како убаво и вредно го мамеше секој дел од моето тело, секој ден за време од еден просечен век на битисување од бебе до старец, период и не толку мал за да се биде во постојана борба со себе си и непослушните органи. Слугата обично го игнорира своето мислење и го превзема она на господарот дека во погледот во огледалото се возвеличува сопствената убавина и тоа ќе биде факт и по цена на распрскување на стаклото. На слугата, онака како што му дошепнал господарот, никогаш не му се доволни средствата во паричникот и сака уште, било во форма на корекција на неправилноста на платата, како прелевање да се достигне стандардот на соседот или само бренд на современието да се биде богат, па спокоен. На слугата, повторно по одраз од господарот, му наликува и мрсен подбрадок резултат на заслепувачката љубов кон храната и нејзиното конзумирање над прибирачката способност на еден желудник, уште една разлика со животните кои јадат многу разумно според потребата. Слугата, чиј оган го запалил господарот, е сомничав во своите страсти кои веќе ја изгореле сопругата и се шират со нагон да опфатат се двоножно и градлесто во околината, сомничав дека може и сака да ги контролира кога веќе го има она што и пастувот незаврзан. Слугата, чија титула му ја позајмил господарот, е зол и страшно бесчувствителен, користи маски наместо лице за еднократна злоупотреба и практикува канџи без црно под ноктите.
Вистинскиот блесок на она што не чека ја мами мојата душа, секој ден за време од еден просечен век на копнеење од човек до ангел, период и не толку голем за да се биде покорен на докрсната смрт. Ако слугата го игнорира своето мислење и го превземе она на господарот, нема ниту да ја споредува ни да ја посакува надворешната убавина на телото наспроти благодатта на духот, внатре низ дамарите. Слугата парите ќе ги сака помалку од својата пот и ќе им се радува само кога ќе ги има за да се искаже милост. Слугата ќе ја замене лакомоста со скромност и нема да му угодува на стомакот, кој неисцрпен несвесно води во бездна. Слугата ќе става мраз на вулканот кој својата врелина ја поттикнува дури и со прељуба во сопствените мисли. Слугата е добар и вистинит и секогаш подготвен да ја жртвува кралицата за момент прифатена утеха.
Изборот на господарот е јасен и неколеблив. Во толку време поминато со Писмото и долги разговори со Таткото, веројатно сум пропуштил некои зборови. Со оглед на состојбата во која починувам, тоа се многу важни зборови. Претпоставувам дека тоа е зборот вера, недоволна да се препуштам во прегратките на Господа, па иако паѓам од висококатница да бидам убеден дека падот нема да биде смртоносен бидејќи до дното уште толку многу работи ќе се случат. И зборот надеж, неверлива дека се што сум посакал ми било подадено било како обилен дожд во време на суша или оаза длабоко во пустина со пејсаж каков човечко око не видело. И зборот љубов, променлива со нијанси недостојни да биде толку силна да го возљуби Господа со сето свое срце, со сета своја душа и со сиот свој разум. Ќе продолжам со Писмото и долгите разговори со Бога и ќе ги научам уште овие три зборови, се надевам додека не биде предоцна ...

 

 

Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 08-ви јуни, лето Господово 2014

  Друго: