Првата молитва


“Туку молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата, лебот наш насушен дај ни го денес, и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници, и не не воведи во искушение, но избави не од лукавиот, зошто Твое е царството, и силата, и славата, во сите векови. Амин! “ (Матеј 6, 9-13)  

Оче наш. Наш по вера и убедување и игнорирајќи ја матичната книга на родени. Наш, бидејќи не Си себично само мој со што само јас би се здобил со правото да Ти се обратам и очекувам чудо. На сите кои се чувствуваат сираци, Си заштитник во првата линија против началствата на темнината и против самите себе. Со еден збор: татко, поделен на безброј места каде молитвата стасала.
Кој си на небесата. Високо е Твојот престол и далеку е светот на мравките кои си работат на својата судбина, но доволен е само еден Твој поглед за да се дознае што се случува во нивните срца. И тие, иако ги измислиле скоро сите летала, не пронајдоа начин да дојдат до небесата освен со крила кои не се даруваат секому. Те молам не ги наградувај само птиците кога се зборува за летот.
Да се свети името Твое. Да не се изговара напразно ниту една буква, без љубов ниту акцентот на именката што означува Се. Да го смирува гневот и ја оттурне страста само што ќе се напомене. Да се користи и дење и ноќе во придружба на достојноста и надумната помисла за добри дела.
Да дојде царството Твое.  Хиерархиска поставеност на ангели, херувими и праведници на кои не им се потребни инструкции и заповеднички глас за да сторат нешто за светлината. Одразот да падне и тука за да се покаат несреќниците организирани во сатанските орди и познаат дека Царот е многумилостив, ... и можеби ќе им ја обели облеката ако просолзат на колена.
Да биде волјата Твоја. Не можеш да погрешиш зошто мед тече од поуките и кога Си гневен. Горчлива е нашата намера да одиме по сопствениот пат креиран во трката со суета и себезадоволување. Осени не со нејзиното исполнување и тука, за да стадата добијат овчар кој не ќе мора да бара деведесет и девет, туку само една загубена овца.
Лебот наш насушен дај ни го денес. Корка ли е или се рони помеѓу забите, нема да биде важно кога е поддаден од Твојата рака. И онака служи само за да го одржи телово додека не стане дом на неоскрнавеното во кој ќе престојува Отецот при душата смирена. Нека неговиот мирис биде знак за штрајк против стомакоугодувањето и уште еден проглас за слобода.
Прости ни ги долговите наши како што им ги проштеваме и ние на нашите должници. Прости ми за мојот гнев кон ближните, завист за немоќта, пораз пред похотта и немир по земјата. А јас ќе им простам за нивниот сарказам после милоста, иронија после шегата, заведување после љубовта и лагата после кроткоста. Да нема повеќе заборавени исплати.
Не не воведи во искушенија. Еден од мудрите старци рече дека Бог не го прави тоа. Неговата љубов ја цени нашата слободна волја со која треба да одлучиме за нашиот пат. Како и Бог, и Отпаднатиот ги нуди своите сладости. Ако ги прифатиме неговите, нашата слобода ќе стане ропство, а искушенијата уште една црна хроника.
Избави не од лукавиот. Сокриј не во Твоите пазуви додека лажните задоволства како мамка не повикуваат во стапицата. На работ на бездната и свесни дека падот води во пропаст, а сеуште човекоубиецот и неговата илузија го нудат прозирното скалило кое исчезнува паралелно со исчекорувањето. Дозволи ни да го слушнеме Твојот глас Кој буди од занесеноста и ветува уште еден обид за уште едно простување.
Зошто Твое е царството, и силата, и славата, во сите векови. Ќе биде и наше за кратко време. Царството ќе биде непрегледна ширина со сјај што досега човечко око не видело. Силата ќе биде неизмерна полнота на која досега човечко срце не помислило. Славата ќе биде непроодна висина за која досега човечко уво не слушнало. Потребна е само цела искреност во првата молитва. И многу каење. И многу љубов. И сето ова ќе биде и наше. Амин!

 

 

 

Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 19 ти aприл, лето Господово 2014

  Друго:

 

11-ти мај , лето Господово 2014