5.Utrena.jpg

                                      Таинствен пост


“Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите, зошто тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам, оти тие ја добиле веќе својата награда. А ти, кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност, и твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно “ (Матеј 6, 16-18)   

Не ме допирај храно, ниту ти телесна утехо, сега сум во пост, во жал кон мојот Отец, кротко само со ветувањата дадени кон Него дека од телово мое нема да создадам пекол на земјата, а од душава моја врталиште на црните демони.
Кога постите, не бидете жалосни и со мрачен изглед како лицемерите кои сакаат да се покажат пред луѓето. Ќе се држам јавно за мојот стомак со двете раце задржувајќи ја болката која го раскинува барајќи го својот аперитив во тоа време, нескратен од кога постои како таков. Ќе го држам јавно мојот поглед спуштен длабоко во земјата не подигнувајќи го во висина на лицето на жена, посебно преколнувајќи ги нејзините очи да не го измамат тој свечен ден. Ќе си ја удирам јавно главата со двете раце за да го столчам патот по кој би дошле остатанатите грешни мисли и можеби би ми го уништиле декорот на свежо поставениот мрачен изглед. За жал сето ова почнало со самоизмама …
Јас веќе сум ја добил својата награда. Наградата ми беше гладен стомак во календарски маркирани денови кои со страв се дочекуваа, кој и не беше соодветен советник за да ме увери дека лакомоста е само уште едно идолопоклонство. Награда ми беа и слепи за миг очи кои не се осудија да ги соблекуваат женските силуети, но не си помогнаа да не уживаат и експериментираат во нивните разлигавени илузии со голите сенки и мириси. Награда ми беше и руинираниот пат кој требаше да го сопре протокот на понуди на злите, но неговата привременост и непостојаност беше уште една причина низ процепите на неверието да поминат црви, од кои метаморфозираа пеперутки, а потоа пајаци со заби од лав.
И затоа ја помазав главата своја за да покажам дека постам само пред Отецот мој. Го чувствував мирисот на маслото измешано со моите солзи и повеќе од се го посакував дарот на Светиот Дух за непоколебливост во верата. А за сето тоа време сепак се плашев од дождот кој ненамерно ќе ме очисти од единственото свето на мене.
И затоа го измив лицето свое за да покажам дека постам само пред Отецот мој. Влажните капки го нивелираа напорот до нивото на трпеливост и ми го донесоа студенилото неопходно да пресече и проговори: секое откажување ќе биде повторен пад во бездната, секое паѓање ќе бара молитва за нов почеток, и во секоја молитва ќе се спомене срамот кој не доживеал надминување.
Молк во душава подготвувана за пост. За четириесет дена, за среда или петок, за празник, за вечност ... Пост засекогаш, воздржување до гробот  во кој на мене нема да има премногу плот од кој ќе се прејадат црвите. И немало од што да се задржи кога бесните седенки сега се минато, а лакомите прехранувања се исцедени низ киселините на честите покаенија. На мене нема да има ниту премногу валканици по коските здобиени во коктел од слузови и кикотења на од разумот изгубени трупови кои сега се минато, но на кои им беа потребни векови да се заглушат во честите за простување ревненија. На мене таму нема да има ниту трошки од мислите на зависта, гневот, омразата, сомнежот, ... кои сега се минато и ме напуштиле не заради милост која би ги обзела, туку многу повеќе за моето заминување во прав, форма недолична за нивно вознесување. И така, тоа беше добро место, барем за успокојување.
Но, Отецот Кој гледа тајно, ќе ме награди јавно. Ќе ме прибере иако понекогаш ме измами парчето сирење кое се допрело до лебот насушен. Ќе ме прибере и иако понекогаш нејзините верни усни ме бакнале пред заспивање. Ќе ме прибере иако понекогаш им отворив на искушенијата, дозволив да си поиграат и да ме остават тажен по Изневерениот. Тој никогаш нема да ме напушти бидејќи е благ и Му помага на душите кои трпат заради Него и Го бараат. Тој им дава сила и крепост се до вечниот спокој.

 

Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 14-ти мај, лето Господово 2014

  Друго: