Се надевам на коректност, дека овој напис како реакција на „Украина 2.0„ од Д. Митревски ќе го објавите во целост, и со тоа ќе придонесете во објективноста на информирањето. Ви благодарам!

Goran.S.Velig.jpg
Зошто за Русија?

Христос Воскресе! И јас кога ќе прочитам во нашите весници колумна во која авторот навива за „демократската„ влада во Украина, и мене како православен ми доаѓа да ја ставам главата во вреќа од срам, ама кој ме прашува мене. Украина ни давала оружје 2001 година (иако тоа не е истата влада, што е сега е во Киев) и сега треба заради тоа, мнозинството Македонци на интернет требало  да бидат на нејзина страна, а не на страна на Русија. Тоа што, мнозинство Македонци на интернет биле на страната Русија или како што сакаат да спинуваат, па велат Путин, не е за чудење, тоа доаѓа од срцето на тие нашинци на интернет, само се молам да не навиваат за жртви на едната или другата страна, бидејќи треба да се радуваме на животот, а не на смртта на било која конкретна личност независно од припадноста. Па, на Македонците им е преку глава од двојните аршини на т.н. меѓународна заедница, која нема еднаква дефиниција за терористи во Авганистан и терористи во Сирија, исто како што немаше и на овие простори, исто како што подеднакво не ги брои жртвите. Па, луѓе мои, во Сирија, Нигерија, Египет секојдневно гинат христијани од други луѓе кои сите знаеме дека политички работат под покровителство на западната демократија. Да објасниме за „заземањето„ на страната, прво, тоа што Македонците на интернет во „мнозинство„ заземале руска страна знаат за духовната и книжевна врска на Охрид со Киевска Русија, и обратнопропорционалната врска за време на османлиското владеење на Балканот.
 
Второ, ако некој случајно ја прочитал изјавата на Карл Билт (присутен во сите „мировни„ дејствија на Балканот во последниве дваесет години), парафразирам, дека Русија била православен бастион против западната цивилизација, и следствено на тоа дека православието му штети на Западот повеќе од исламскиот фундаментализам (што најверојатно го контролираат, а православието во Русија, не!), тогаш да не се чудиме која страна ќе ја заземеме личносно, бидејќи како држава веќе сме се определиле за ЕУ и НАТО, но срцето секогаш зборува друго и искрено.
 
Трето, пред неколку години, рускиот претседател изјави, дека Русија ќе се развива согласно својата духовна култура и традиција чии корени ги има во православното христијанство, а тоа треба да бидеме искрени дека не кореспондира со философијата за западната цивилизација и очигледно страшно ја фрустрира (бидејќи е ерес да размислуваш против Запад), а ние бидејќи знаеме дека нашите корени се во просветителството на светите Кирил и Методиј и светите Климент и Наум Охридски чие дело е познато кај сите Словени, и пак можеби е јасно која страна која ќе ја заземеме. Четврто, одамна уште пред Болшевичката револуција, на царска Русија и финансиските моќници завидувале за територијата, поточно за ресурсите што ги поседува, и дека треба да ги дели со останатите земји, а по реформите од 1905 година царска Русија сериозно се развива, но ете, „сучајно„ како и со Мајдан, дојде до октомвриската револуција, притоа никој во светската историографија не се интересира откаде Ленин се финансира (погледајте ги документарците, Бојкотиран триумф и Падот на Византија), па така и денес, не е заради демократијата во Украина, туку заради ресурсите (нафта, јаглен, гас, дијаманти, злато) во Русија, значи за пари е, а не за слобода, и во таа алчна битка за ресурси, човечките жртви воопшто не им се важни, а нашиот народ не е алчен, можеби затоа се приклонува на страната на оние што се бранат. Петто, треба многу добро да се познава историјата на Русија и да се даде било каков суд, па да се знае за Киевска Русија, за битката на Чудското езеро, и за наметнатото унијатство кое до ден денес е камен на сопнување на релација Ватикан и Московска патријаршија, да, треба да се знае и за четири и пол милиони Украинци жртви во Втората светска војна, но и за три до четири пати загинати Руси, за Сталинград и Ленинград и придонесот за слободата од фашизмот (Нормандија била невозможна мисија без успехот кај Сталинград), а приказните дека Хитлер им давал на Украинците, тоа што Сталин им го земал, и поистоветувањето на денешната Русија со нацистичка Германија или Советска Русија е смешно, па и овде ќе најдете сведоштва дека германски офицер давал чоколади на деца во Куманово, дека германски војници преврзале рани на македонски селанец, дека издале признаница за земени крави и волови во кичевско село (но, нашиот народ правилно се определил против фашизмот), тоа се човечки ситуации и немаат врска со алчноста за богатење и политиките во таа насока кои предизвикале милиони жртви и затоа не ме чуди што начинот на кој Гебелс водел пропаганда во Третиот Рајх за жал ја прифатија и западните демократии и не само таму, тоа нашиот народ го препознава и велам, можеби затоа ја симпатизира Русија.
 
Не ми беше целта да навивам за некого, можеби Русија во својата политика како светска сила не била секогаш наклонета кон Македонија, но како кон православен и словенски братски народ била. Немам намера да ја глорифицирам, бидејќи како светска сила и таа не постапувала правилно и се раководела од своите интереси како и денес. Но, голема е и непремостива разликата меѓу Исток и Запад, и на духовен , и на културен, и на материјален план, но не треба да се наметнуваме едни на други, кога едни се наметнуваат другите се бранат. За жал во тоа наметнување се губи Христовото, дека човек на човек му е брат, а се раѓа она револуционерното, дека човек на човек му е волк. Да се помолиме за сите луѓе  кои денес страдаат заради човечките страсти, и не само во Украина, да не се срамиме да се помолиме и за непријателите, бидејќи ако некои го заборавиле фактот на Христовото Воскресение, ние да не се срамиме, туку да исповедаме дека Христос Воскресна!

  

Goran.S.Velig.jpg

п.с. Ако веќе дошло дотаму да се избира, како што вели големиот Достоевски, дури и да докажат дека Христос не постои, јас пак ќе бидам со Него!


свештеник Горан Стојчевски

 

Друго: