“И кога се молиш, не биди како лицемерите, што сакаат да стојат по синагогите и раскрсниците за да се молат и да се покажуваат  пред луѓето. Вистина ви велам дека тие веќе си ја добиле својата награда. Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност, и Он, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно. Кога се молите, не говорете многу како незнабошците, зошто тие мислат дека за своите многу зборови ќе бидат услишени, вие, пак, немојте да бидете како тие, оти вашиот Отец Небесен знае од што имате нужда уште пред да сте Го помолиле. “ (Матеј 6, 5-8)  

И те молам Боже зошто ти ми си Татко, а јас Ти сум син и зошто ова не се изусти полни со барања и плач по неисполнети соништа, туку и форма на разговор, кој графички опишан бележи свој пад кога со скрушено срце барам простување на грешките, но и нагорна линија во навиката со радост и солзи да се искаже благодарност.
И кога се молиш, не биди како лицемерите по раскрсниците кои сакаат да се покажуваат пред луѓето. Ќе направам многу метании со понизно тело пред толпата зачудени погледи кои лесно ќе се восхитуваат на мојот напор и посветеност, истовремено дотурајќи ми елан да ја кулминирам претставата во која сум на врвот, најблиску до Бога. Ќе мрморам нешто што и носот со тешкотија ќе ми го разбере, пропратено со поглед во далечината помеѓу хоризонтот и полубудноста, згрчен во став на лав подготвен да нападне, и сето ова пак проследено од оние кои не можат, а да не помислат нешто друго освен на мојот дијалог со Небесниот Отец, овде и сега. За жал тоа и почнало со самоизмама.
Јас веќе сум ја добил својата награда. Награда ми беше ладниот под кој им испрати порака на дамарите да исплукаат крв ако не се одречам од начинот дошепнат од демоните. Награда ми беше и погледот во далечината кој требаше да ја распознае благодатта, но не виде ништо повеќе од искривени лица среде неизгаслив оган со натпис: заблуда.
И затоа влегов во својата скришна соба, ја затворив вратата и се помолив тајно. Ни капките од покривот, ни сенките на ѕидовите, ниту крцкањето на креветот не можеа да ми ги слушнат зборовите. Немаше звук, но толку беа бучни во критиката на телово, неговата гнилежност и стопостотна неразумност во обидот да ги заузда страстите. Беа плачни по неуспехот во борбата против искушенијата и надежта барем еден цел ден да се биде добар христијанин. Ветуваа дека ќе го исчистат сопствениот храм и ќе направат место за Патникот, Кој ќе тропне на портата и ќе Го остави Својот мир и светлина. Се убедуваа дека уште еден ден во светот е ден поблиску до Небото, а товарот на крстот само благ јарем со розова иднина. Се помолив тајно и мојот Отец ме награди јавно. Моето тело силно распадливо отчукуваше сепак со еден баланс помеѓу трпеливоста и олујните напади на злиот, трепкаше со зраци на помислата дека не е се загубено и дека ова е само домашна работа и подготовка за судот. Често ќе го преплавеше непознато чувство кое подоцна го идентификував како љубов и беше силен столб на кој се потпирав и во времињата на пораз и во оние на прелетување. Со еден збор ја добив нишката која ме поврзуваше со упатството како да се дофати Рајот.
Во својата скришна соба не молев со низа од зборови распоредени по томови и со својата обемност, како и по својата комплексност секогаш недоречена. Говорев: чувај, за заштита на ближните од сите немоќи по светот, со намера да ги замениме нашите места кога се чувствував спокојно. Говорев: прости, за покајание за сите отпади во кои ме турнаат мојата суета за која не постоеше камен за сопнување и нецеломудрие полно со наивност. И говорев: дојди, донеси нешто што го топи снегот и скротува ветрот и нема да биде толку студено понекогаш, и нема мразот да го попречува крвотокот. Но, немаше потреба од збор, ниту од молк. Ти знаеше за се што сакав да помолам уште пред да се родам, кога и Си ја запишал мојата судбина во Книгата.  

 

 

 

Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 19 ти aприл, лето Господово 2014

  Друго:

 

27-ми април, лето Господово 2014