5.Utrena.jpg

 Заем од Бога


“На оној што бара од тебе, дај му; и не го одбивај оној што ти сака нешто на заем.”  (Матеј 5, 42)   


Распределбата на тоа да се има и да се нема е само почеток на желбата да се има и нагонот да се бара за да се задоволи таа желба. Добро е да се знае дека на оној што има ќе му се придодаде, додека на оној што нема, ќе му се одземе и она што го има. И затоа добро ли е да се посакува да се има? И всушност од што треба да се има?
На оној што бара од тебе дај му. Испружена рака на барање, вообичаена слика на скршена гордост или само уште еден деловен план преку кој се заработува. Претпоставувам дека воопшто не е важна приказната позади таа рака, ниту солзите молителки ако ги има и ако се вистински. Моментот за кој ќе одговараме пред Бога е истиот оној кога ќе ја донесеме одлуката да дадеме. Но, не обзирнувајќи се наоколу, фарисејски, дека толпата ќе не гледа воодушевено во вредноста на прилогот и потоа долго, долго ќе раскажува за нас. Туку скришно, покрај дрвото или напуштената куќа, кои ќе бидат неми сведоци на благородноста на едно срце, за кое сигурно ќе се дознае дека било допрено. Ќе си замине тоа од мене, но тоа не е вдовичината лепта, тоа е само дел од вишокот кој не го однел сатаната и тоа не е парче душа за да си тагувам. Ќе има облик на банкноти или стока, ќе ја наполне или само ќе го натовари малото прсте од раката, ќе го трогне или вознемири барателот, ... за на крајот се да се сведе на тоа всушност од што треба да се има?
Не го одбивај оној што ти сака нешто на заем. Само ти сака на кратко, ќе ти го врати твоето, загнездено под перница од грижите дали долгот ќе заврши навреме, заклучено во нелагодноста да се поседува туѓо во свет каде Божјото не е доволно. Можеби и не ти посакал на кратко, се премислил за да го врати и ја предизвикал новата братоубиствена војна во која оружје ќе бидат навредите и пцостите, а бојно поле судницата и омразата. Ако ти побара пари, ќе бидат ли исти вратените, со истата крв и пот попрскани како почетните? Ако ти побара леб, ќе биде ли ист вратениот, со истиот мирис и топлина како дадениот? Ако ти побара милост, ќе биде ли благодарноста поголема? Исто така ќе треба да се реши и мистеријата на каматата и калкулацијата дали нејзиниот износ како заработувачка е доволен како компензација за тагата по даденото додека било отсутно од нас, мултиплицирано по коефициентот на стресот од исчекувањето дали и кога ќе се врати. За жал тоа е сложена математика, но истата го покренува светот, неговата волја да се врти и ја храни самоуништувачката моќ на суетата. На крајот се ќе се сведе на тоа всушност што треба да се даде?
Тропнете и ќе ви се отвори, барајте и ќе најдете. Ќе земам заем од Бога иако го добивам бесплатно. Заемот значи обврска да се врати. Ќе земам мана од Небото, а ќе вратам леб на сиромашните. Ќе ги слушам беседите на гората, а ќе им раскажувам на дојденците. Ќе одам по патот низ морето и ќе знам да одговорам за чудата. Ќе земам од долготрпеливоста и ќе ја облечам кога гневот ќе ме посети. Ќе допрам и од љубовта за да не бидам само бакар што ѕвони. Ќе се преселам кај оние што мијат нозе за да бидам последен, а потоа прв. Ќе ја тресам прашината од моите нозе за да си заминам од Содом и го избегнам Гомор. Ќе го повикувам името Божје за да се увери дека му направив храм во мојата душа. Зедов заем од Бога и не можев да го вратам. Лебот стана насушен, но благ за сиромашните, дојденците Го спознаа, чудата Го донесоа на облаците, гневот ме напушти, бакарот стана милозвучен, не сум кај оние каде се слуша плач и крцкање со заби, Содом и Гомор ги нема веќе, огнот во храмот веќе забележливо ме грее. Зедов заем од Бога и не се покајав.

 

Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 19 ти јануари, лето Господово 2014

  Друго:

 

6-ти aприл, лето Господово 2014