5.Utrena.jpg

                                          Прељубници


“Сте слушале дека на старите им било речено: “Не прељубодејствувај!“ Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое.”  (Матеј 5, 27-28)   

Прељуба, вознемирувачки акт на премостување на желбата на срцето од една веќе утврдена личност за која биле дадени вечните ветувања, на друга која со незапаметена страст го освојува туѓото и прави дисконтинуитет во крвотокот на љубовта. Согласно нејзината катаклизмичка инфлуенца пред настанокот, грешното лице се однесува како слеп човек без своето куче водач, втурнат на најпрометниот крстопат каде автомобилските сирени и пцости го ориентираат кон првата пречка што ќе му предизвика паѓање. За време на прељубата, грешното лице е во облаци без крила и падобран, наоѓа утеха во помислата дека ова било она што се дочекува еднаш во животот и едноставно се паркира во бескрајно среќните денови. Но, после прељубата, тоа е и најстрашниот дел на мелодрамата, грешното лице е истолчено, прегазено од булдожер, искасано од мнозинство оси, удавено во бесконечна река, изгорено на температурата на топење на челикот и оставено од Бога. Секако овој пасус важеше за оние кои поверувале каде ќе завршат прељубниците. За останатите дефиницијата се сведува на личности кои користејќи заматен поглед полн со флерт и воздишки се заљубуваат почесто од промената на чорапите и со секоја нова љубов прогласуваат славење на животот.
На старите им било речено да не прават прељуба. Пред Исус тоа значело да не се изневери својот партнер крунисан во брак, со друга личност надвор од Бога даденото едно тело. Секако ова е затемелено и како причина кај модерните љубовници да се оправдаат пред својата совест или пред другите, при што си дозволуваат во темнината на ноќта и смрдливите постели да го измамат својот брачен другар, а тоа да остане тајна во некоја од нивните гнили фиоки. Нивната должност да се одржува бракот и заедничкото презиме е запазена, а за нивната кратка авантура ќе платат со доброволно избрани подароци со голема материјална вредност кои измамуваат солзи и бессознанија.
Но, Исус рече дека секој кој ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба во срцето свое. Сега авантуристите веќе не можат да ја оценат својата тајна како одгризнато јаболко кое нема да биде под осуда. Уште повеќе, ако сакаат да се одржат до денот во кој се влегува низ Портите и не завршат надвор од нив со кучињата, ќе мораат да го свртат погледот од обликот на сатаната. Да се сврти погледот од тие очи во кои можеби се капеше виножитото додека самовилите танцуваа, но никогаш нема да бидат огледало во кое ќе си го видат сопствениот одраз, понекогаш остарен и последен, но прифатен од неговата сопруга. Да се сврти погледот од тие гради кои можеби полни со силикон и израмени во дизајнирано деколте предизвикуваат разблудна меморија, но никогаш нема да бидат удобни, меки, како близначиња од срна, со мирис на пролет како денот кога ја запозна неговата сопруга. Да се сврти погледот од тие нозе кои чекорат кон бездната, кои можеби се уметничко дело на природата и тесниот фустан кој ги понудил, но никогаш нема да бидат исправени пред неговата постела кога бил болен, неговата трпеза кога бил гладен и неговото рамо кога бил паднат, како што тоа го направила неговата сопруга.
Погледот со желба веќе ја внесе прељубата во срцето свое. Се напикала внатре во преткоморите, ја истиснува старата љубов и вбризгува во крвта од новите илузии. Таа ги пренесува до сите органи, а најмногу сигнализираат ушите со своето црвенило. Сега веќе сите знаат, па рацете ја одбиваат командата и одат да прегрнуваат туѓо тело. И задникот си прави по свое, седнал на студениот камен под кој змијата си ги остри забите и се подготвува да загризе . . .

 

 Meteori.Dr.jpg

  • SP Apostol
  • 19 ти јануари, лето Господово 2014

  Друго:

 

9-ти март, лето Господово 2014