Meteori.Dr.jpg

    Прв дел од трилогијата во пустината – Лебови или зборови


“Тогаш Духот го одведе Исуса во пустината за да биде искушуван од ѓаволот. И како постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне. А кога се приближи до Него, искушувачот му рече: “Ако си син Божји кажи овие камења да станат лебови”. А, Он му одговори: “Напишано е – не само од леб ќе живее човекот, туку и од секој збор што излегува од устата на  Бога “    (Матеј 4; 1-4)   

Meteori.Dr1.jpg

Диеталната еуфорија денес го исклучила лебот како неопходност за физички опстанок, но во никој случај не ја променила поентата од пустината дека после успешната потрага, на листата од нашите копнежи се нашло нешто, или повеќе такви, кои се амбиција и суровост да ги поседуваме, но поради кои и ќе мора да преговараме со Злиот: лебови или зборови. Воглавно по дефиниција тоа се изговорени или премолчени соединенија кои на крајот завршуваат во материјализирана слика со црни нијанси.
Ако имаат форма на автомобил, последично добиваат и звук на моќ и власт по широките патишта. Знакот за забранет правец опоменува дека тоа е лизгав коловоз и дека тесна е вратата и патот кои водат во живот, а малкумина ги наоѓаат. Може да имаат форма на сјај со силна куповна размена, но и со мртовечко бледило закопано во некој агол, подложно на побудите на алчен крадец. Откровението советува да купиш од Него злато пречистено во оган, за да се збогатиш и од топилницата да излезеш  во бела облека, неизвалкан. Има и такви без форма, но со силно слепило во желбата да се посети постелата на ближниот во неверна тајност, со погрешни праисконски идеи и акти кои наликуваат повеќе на кучешки инстикти отколку на првата љубов. Синот по повод ова ќе запраша дали сме чуле дека секој кој гледа на туѓа жена со желба, веќе извршил прељуба со неа во своето срце. Безлично е и чувството кое се зачнало на дното од душата помеѓу тињата, поттикнато од помислата дека другите го поседуваат она што би било наменето за нас по заслуга и по разгаленост. Вообичаено донесува треска и алармантно исчекување кое е причина повеќе за само исцедок од живеење. Зошто и вие врвлести планини гледате со завист на гората каде Бог благоволи да живее, Тој ќе престојува на неа засекогаш! Гордоста иако личи на внатрешно препумпување на белите дробови невидливо без рендген техника, сепак се фотографира во насмевката која не е нормално развлечена помеѓу дијаметрално топли агли, туку е мразно саркастична и доликува на лебдеењето неколку сантиметри над земјата. Запри и послушај како гордоста раѓа само препирки, со неа доаѓа срамот, таа врви пред погибелот, го понижува човекот...
И така во недоглед. Од една страна лебовите, описно искажани како искушенија за оној кој наполно ја сфатил мистеријата на големата борба помеѓу доброто и злото.  Наспроти таа страна се зборовите кои заситуваат, благо се подголтнуваат, не ветуваат ништо што е лажно. Световниот систем со својата дисфункционалност веќе е на својот крај. Кој ги слуша пророчките зборови нема да биде жеден и  да го види тој крај. Тогаш лебовите нема да значат повеќе од камењата, бидејќи секој поглед ќе биде завртен кон кристалната река која истекува од престолот на Јагнето, каде е и дрвото на животот чии лисја ќе ги исцелуваат народите во сите времиња натаму.

 

SP Apostol

8- ти декември, лето Господово 2013