Goran.Stojcevski.jpg

презвитер Горан Стојчевски

„Послушанието во себе содржи се„
                  (Старец Јосиф Спилеот)

Она што е дадено како слово од духовниот отец, како послушание, како нов начин на живот по нашата исповед, треба да се потрудиме да го исполниме во онаа мера во која ни посочена, ниту повеќе, ниту помалку! Не треба да го запоставуваме молитвеното правило, Исусовата молитва, читањето на Светото Писмо и секако заедничарењето во Литургијата на Црквата, Причестувањето со Телото и Крвта Христова, со Оној Кого го бараме во нашиот подвиг. Благодатта Божја дадена по нашето измирување т.е. присоединување кон Црквата при покајанието и исповедта нѐ крепи и со особена леснотија и посветеност го извршуваме молитвеното правило, но, секако наодаѓаат искушенијата кои се испит за нашата вера, за нашето покајание, и ако и за момент се повлече благодатта, тоа не е затоа што таа не напуштила, туку затоа што сме потпаднале под искушенијата, под унинието, затајува посветеноста и леснотијата во извршувањето на молитвеното правило, но како што нѐ поучуваат нашите духови отци, кога ќе паднеме треба да станеме, да продолжиме и да се потсетиме на нашата прва исповед, на нашиот завет, дека сме одлучиле да водиме нов живот во Христа, да се навратиме на молитвеното правило за да ја вкусиме повторно благодатта Божја. Ако наоѓаме оправдувања за нашата падната состојба на подолг период, може лесно да потпаднеме под влијанието на помислите и доколку не ги отфрлиме тие помисли како што ни советува духовниот отец, тогаш паѓаме во демонска состојба исполнета со грижи, стравови и тага.
За темели на нашата вера се сметаат верата, надежта и љубовта, и затоа на грижите треба се спротиставиме со вера, на стравот со надеж, а на тагата со љубов. Многу малку време и труд посветуваме на нашето православно предание во справувањето со претходно наброените состојби кои во психологијата се манифестираат како депресија и анксиозност, од нив се изродуваат многу други појави, како несоници, вознемиреност, раздразливост, гнев... Се нуди помош од психијатар и секако антидепресивни лекови, физичка активност, јога и што уште не! Најголема причина за овие состојби во кој може да падне секој човек е само гревот, отсуството на духовен живот, гордоста, себељубието и потпирањето исклучиво на сопствениот разум. Но, човек мора сам да си помогне, бидејќи како што вели владиката Николај, никој не може да му наштети на човекот колку самиот себе, па следствено на тоа треба самиот да биде решен да го земе крстот свој и да врви по Христа (Мт.10,38;16,24), доколку не може сам, должни сме за секој човек кој е во таква состојба да му помогнеме, ако не можеме директно, можеме во молитвата, а најмногу може да помогне  духовниот живот, исповедта и покајанието, молитвата и причестувањето.
За грижите, нашиот Спасител рекол: „не грижете се и не го говорете, што да јадеме,или штои да пиеме или во што да се облечеме?...вашиот Отец небески знае дека за сето ова имате потреба...немојте да грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за соето, на секој ден доста му е неговото зло„ (Мт.6,31-34) или уште појасно и најпрецизно, „а кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакот?„(Мт.6,27). Како што светите подвижници нѐ поучуваат дека грижите се несвојствени односно не треба да бидат својствени за човечката природа, бидејќи Адам пред падот немал грижи и живеел со Бога и во Бога, исто и нашиот живот во Новиот Адам во Христа Богочовекот треба да се трудиме да биде таков, да биде Христов, како што вели св. Апостол Павле,„ јас веќе не живеам, туку Христос во мене, а тоа што живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме засака и се предаде за мене (Гал.2,20). Со силна вера грижите можеме да ги отфрлиме, тоа е покајанието.
Стравот исто така станал својствен за човекот по гревопадот, некогаш помага заради одржување во живот (така велат психолозите), но, ако тоа не моментално, тогаш дејствува против нас, еве што вели Нашиот Господ: „вам и влаканата на главата ви се изброени, но не плашете се, вие сте поскапи од многу врапчиња„ (Мт.10.30-31), или ако тврдиме дека живееме христијански, тука се зборовите на апостолот „ако е Бог со нас, кој ќе е против нас„ (Рим.8,31). Надежта во Господа му се спротиставува на стравот, таа е очистувањето срцето.
На тагата и се спротиставува радоста, Христос нѐ поучува „радувајте се и веселете, зашто голема е вашата награда на небеста!„ (Мт.5,12). Радоста нашиот Господ ја ставил како круна на нашето искачување кон совршеноста, кон стекнувањето на подобието Божјо. Зарем може некој да тагува ако во Него живее Христос, Изворот на животот, на љубовта, вистината.. Светителите секогаш нѐ поучуваат дека љубовта покрива многу гревови, всушност повеќето од нив велат, љубовта покрива сѐ, значи ги покрива грижите, стравот, тагата и ги покрива сите недостатоци, таа никогаш не прeстанува, ако се пророштва, ќе престанат, ако се јазици ќе замолкнат, ако се знаења, ќе исчезнат, (1Кор. 13,8), кој ја стекнал љубовта, тој сигурно нема да се грижи, нема да стравува и сигурно нема да тагува, бидејќи го стекнал Светиот Дух, го вкусил царството Божјо (Рим.14,17). На тагата и на сѐ друго што го потиснува човекот се  спротиставува љубовта, љубовта е обожувањето.
За секоја состојба на човекот важен е животот што го живее, затоа да го живееме молитвеното правило, со право вели старец Тадеј, какви ти се помислите, таков ти е животот, и треба да се потрудиме да ги послушаме и исполниме зборовите на Пајсиј Светогорец, имајте секогаш добра помисла! Да го зачуваме мирот што ни го дал Нашиот Господ, и кој мир го слушаме, го просиме и добиваме на секоја Света Литургија.

   17-ти септември, лето Господово 2013