Епископ Велички Методиј

(денес Митрополит Американско- канадски )

metodi.magisterska1.jpgСамо еден (не)цивилизациски чекор е дестинацијата меѓу банки на органи и фарми за органи. Ова е првата асоцијација со која умот ми реагираше на скандалозната идеја за формирање на соматска банка. Човек едноставно не може ни да ги антиципоираа, ни да ги следи псевдо-прогресивните иницијативи кои треба да го претворат нашево општество во некаква супер-футуристичка евроинтегрирана утопија. Од таа утопија, за жал, нема ништо совен историскиот континуитет во тоа да бидеме (или полека да се претвораме во) експериментална лабораторија полна со суицидални заморчиња, кои не само што се спремни да си го уништат телото, туку и достоинството. Навидум иницијативата за организирање на ваква банка или вакви банки е хумана. Во својот хуманизам таа може буквално да ја изеде и нобеловата награда на Мајка Тереза и на уште дузина лауреати од сличен вид. Но тоа е само навидум. Сî всушност се сведува на следново: Извесен процент од луѓето ни умираат од разни причини, а дел од нивните органи остануваат неоштетени при нивното егзитирање (како што тоа медицината стручно го нарекува умирањето). Од друга страна, пак, друг приоцент од граѓанството секојдневно се измачува со дијализи или умира заради престанок на работата на некој витален орган. Математиката е проста. Потребно е само да се интегрираат здравите органи и живите пациенти и равенката е решена. Но математиката и животот многу често се две сосема различни нешта. Тоа ни го покажува и мошне честата реакција на организмот кој не сака да го прими туѓото ткиво. Клетките на нашето тело не ја имаат загубено божествената мудрост, која во нив е вградена како органски код.
Кога некој човек ќе умре, не велиме умре телото на тој-и-тој, туку велиме умре тој-и-тој. Секој човек е неповторлива и уникатна убавина. Не сме само тело, ни пред ни по смртта. Оттаму, не сме соматски ресурс од кој можат да се експлоатираат резервни делови. Ако на тоа ја сведуваме свеста за себе си и свеста за другиот, нашиот ближен, тогаш констатираме дека сме животинчиња со кои може сî да се прави. Зошто да правиме банки за органи од мртви луѓе? Ајде секое семејство, за одредена сума пари или било каква материјална надокнада, нека роди по едно дете кое ќе биде жртвувано во хумани цели, па ќе имаме постојан потенцијал на свежи репро-материјали. Чедоморството (абортусот) и онака е допуштено и озаконето во нашите медицински установи. Потребно е само еден вид убиство да го замениме со дополнителна (трговска) активност. Да го удвоиме постоечкиот експлицитен криминал. А кога е во прашање трговија, како што по правило се случува кога станува збор за балканцките работи, ќе се изројат безброј модуси на злоупотреба и кршење (меѓу другото) и на трговската етика. На тој начин “благородната и хумана” идеја за банки на органи ќе овозможат, на нашиве простори освен трговијата со живи луѓе (проституцијата), да се развие и трговијата со кит-пакувања на цели покојници или нивни делови: наши мајки, татковци, браќа, сестри и т.н.
Но, проблемот не е само буквалната експлоатација и унакажување на божествениот укарас на човековото тело. Нашата грижа за нашите ближни не завршува со часот на нивната смрт. Имено свесната (или потсвесната) вера во вечниот живот (или барем незгасливата љубов) е таа која го тера човекот низ целата негова историја да гради гробници и мавзолеи, да организира погребување на посмртните останки на луѓето (дури и животните) и да посвети многу енергија и внимание на самите ритуали, нивната вербална артикулација и севкупната етикеција што кореспондира со есхатологијата, без разлика дали се работи за погреб на фараон, комунистички тиранин или обичен смртник. Во таа смисла проблемот на соматските банки од една страна е поврзан со актуелните етички проблеми на евтаназијата и клонирањето, а од друга - со проблемот на кремирањето и сличните, за православното христијанство неприфатливи обичаи врзани за односот кон човечкото тело и човекот во целина.
Никогаш нашиот живот не бил поврзан со инстант решенија, со магиски опции или резервни делови. Човекот ниту со своето тело, ниту со својата волја не е создаден да биде кукла, или марионета, затоа на него не е применлива ни варијантата на доктор Франкенштајн, ни варијантата на доктор Џејкл (мистер Хајд) иако мнозина мечтаат за една таква грозоморна, божемно-научна можност. Тоа е вештината на еден трет доктор, доктор Фаустус. Науката не е бесловесно и безобѕирно играње со совршениот поредок на природата, која го подразбира и раѓањето и умирањето, науката е логос, или ум кој го стекнуваме со смирено изучување на јазикот на природата околу нас и во нас. Треба да се ослободиме од излишна патетика.
Возможно е некој ваквиот децидно негативен став во однос на актуелната иницијатива да го окарактеризира како религиозаен егоизам и заостанатост. Сепак. Себично ли е да се спротивставиме на перверзната човекова потреба постојано да го корегира светот околу себе и во себе, наместо да ја почитува неговат комплексност? Тој онтолошки фашизам од кој се грози здравиот разум. Толку ли е заостанато и непросветено мислењето според кое се прави суштинска разлика меѓу саможртвената љубов и институционализацијата на трговијата со делови од човечкото тело? Зашто едно е, ако според слободата на личната волја, жртвувам едно од двете очи, или двата бубрега или слично, за да се трансплантираат во телото на мојот ближен, та тој да продолжи да живее, но тоа е, ќе повторам, моја одлука и моја жртва; а друго е кога за медицински потреби се сквернави едно човечко тело, па макар и мртво. Целта не ги оправдува средствата. Според христијанската етика, нема поголема љубов од онаа, да се даде животот свој за братот свој, но тоа не значи дека треба да правиме банки или фарми за трговија со таа љубов. Потрошувачката логика на овој современ свет е таа, која човечката телесна убавина, или ако сакате складност, постојано (како прастар занает) се обидува да ја претвори во роба, во стока за продавање. Само што во овој случај не се работи само за проституција.

 

Посети:{moshits}