g.Goran.jpg

ФАКТОРОТ ВЕРА
Текстов ќе требаше да биде објавен како реакција, арно ама поминаа месеци и сега можеби и не е толку реакционерен. Имаше еден текст со наслов „Вера„ објавен на 14 јануари 2012 година на колумнистот Дарко Митревски, и од текстот можам само да се изначудам на врвните „научни„ дефиниции во однос на верата и молитвата. Не знам воопшто врз основа на која физичка или математичка формула авторот на текстот дошол до резултатот дека „ верата е фактор Број Еден во заглупувањето на човечката врста„ и во уште „понаучното„ откритие дека верата е „опиум за народот„. Нависитна, ако некој успее ова емпириски да го докаже јас како свештеник веднаш би му поверувал. Уште повеќе би му поверувал кога научно ќе ми докаже дека „времето поминато во молитва е бадијала загубено време„, а доколку сака и во двата случаи ќе му помагнам математички и физички да ги постави овие проблеми во вид на равенки, па ќе ги решаваме, бидејќи како верник немам предрасуди да се користам со физиката и математиката.  Многу повеќе ќе му поверувам кога ќе ми докажат, се разбира научно,  дека коефициентот на интелегенција кај оние што не се верници е поголем во однос на верниците, а и дека верниците како големи потрошувачи на времето им го скусуваат времето за размислување на оние што не се „на вера„, по што излегува дека ние верниците воопшто не ни размислуваме. Потребно е ова научно да се за да не се „тресат„ заклучоци прикриени под покривката на науката, бидејќи  на ваков начин, ајде што се омаловажува верата, но воедно се омаловажува и науката. Јас ги почитувам различните мислења како израз на една слободна личност, бидејќи слободата како најголем дар со кој е обдарен човекот му дава можност да размислува, да расудува и да има свои ставови, но ако се повикуваме на науката, треба научно и да ги докажеме. Второ, не знам дали постои свест и совест да „тврдиш„ дека повеќе од 2/3 луѓе на планетата се под дејство на „опиум„ бидејќи се изјаснуваат како верници, а оние кои се на „СФ„ се избраната каста која максимално го користи мозокот и пресметува сé во барели, унци, акции, хипотеки... и која тргува со вредностите заради интересите при што резултат се милионски жртви, како жртви заради напредокот?  Навистина кој да им докаже на вернициве дека се „зависиници„ и дека верата им е „опиум„, а молитвите загубено време. И кој на светот би произвел толку многу опиум, Авганистан не би можел да ги задоволи потребите за опиум на верниците, цирка цел милениум, а Кина и Велика Британија никогаш не би ја завршиле Опимиумската војна од 1839 година. Но, шегата настрана, иако ова се сериозни теми, сепак  нашиот режисер и во историјата си има во исто време слободумни, но и научно потврдени факти дека „Римјаните фрлиле помалку христијани на лавовите, отколку што подоцна христијаните испотепале еретици, иноверци и разни вештерки„, со оглед на тоа дека гонењето на христијаните во Римската империја траело со прекини околу три века, а периодот кога тепале христијаните е подолг, може да се каже дека има некоја математичка логика, но секако не можеме низ тоа тврдење да ги релативизираме жртвите, но да не ги заборавиме зборовите на светиот апостол Јаков дека војните се резултат на гревот,нашите похоти и страсти, и дека до војни доаѓа кога горделиво стоиме на ставот дека мора да се реализираат нашите интереси без разлика кој, колку и каква штета ќе претрпи некој од тој наш став, зарем не правиме ние мали војни во срцето кога некого клеветиме, озборуваме, сопнуваме, пцуеме... е кога таа војна во срцето ќе ја помешаме со пари и политика тогаш имаме војн со многу жртви, а политиката и парите ќе ја искористат и злоупотребат верата во тие цели, зарем секој што го повикува името Божјо е верник? Христос вели дека народот е блиску до Бог со устата, но далеку со срцето , значи  ја искривуваме верата и кога не постапуваме согласно она што го исповедаме, а тоа во случајот на христијанството е исповедување на љубов, сострадалност и молитва за ближниот во името на Христос Спасителот. И христијаните едни на други се жртви, не само од крстоносните војни, туку  до ден денес , токму заради тоа што не ја исповедуваат Христовата љубов, па се сме се предале на секуларните стихии од светов, па по се изгледа ни омилеле национализмот, политиката... па затоа ќе чуеме за некој како Солунскиот митрополит кој многу се занимава со етногенеза на народите на Балканот. Но, колумнистот Дарко треба да прочита како Старите Грци и љубители на философијата и уметноста, ги каменуваме „неверните„ христијани, барем свети апостол Павле над десетина пати ги почувствувал на своето тело камењата од учените Грци, доколку царевите и владетелите ја познале љубовта Божја, тие никогаш не би завојувале, вели старец Силуан, секоја војна (било каква) резултат е на отсуство на љубов, а отсуството на љубов, е отсуство и на верата, а отсуството на вера се пополнува со нешто друго што би требало да ја замени.
Како и да е, бидејќи во текстов  не можам да ги набројам сите антиопиумски мерки, на режисерот, само ќе му укажам дека светот би бил многу сиромашен без да Винчи (кој доколку не бил на „опиум„, би насликал нешто друго, по кое најверојатно никој не би го знаел), без Макс Планк втемелувачот на квантната физика кој вели дека сите негови теории и научни резултати го водат „напред кон Бог„, без Луј Пастер кој сакал да верува силно колку и еден селанец од Бретања, Алберт Ајнштајн, Павел Флоренски, Андреј Тарковски..., а не знам на кој јазик и на какви букви би се допишувале сега, доколку не биле светите Кирил и Методиј и свети Климент и Наум сигурно тоа и онака не им е важно на оние што мислат дека досега ќе го запознале капетанот Џејмс. Т. Кирк на „Ентерпрајз„ само доколку не би губеле време во молитва. Навикнати сме на навреди, но мислам дека Гебелсовски е да се обвинува Црквата дека е виновна што заради својот златен век го уназадила светот, иако овој секуларистички став е граден на Запад дека процутот на науката и уметноста од антиката е прекинат од христијанството, па продолжил со просветителството, па еве сега сиот „развиен„ свет е секуларистички и сведоци сме дека во секуларизмот светот е многу убаво место за живеење, имаме војни на секое ќоше, режирани економски кризи, ерозиран морал, уште повеќе сиромашни и гладни, болни од „чудни вируси„ а ако нешто ни недостасува во овој просперитет ќе ја обвиниме верата, Црквата... , само заради некои поединци кои ја потчинуваат верата на секуларистичките интереси, па се изведуваат погречни заклучоци. Нема меѓунационални, меѓуверски војни има само војни како резултат на гревот. Затоа и не знам како просперитетниот свет ќе се справи со гревот (за кој никој не сака да чуе, а камоли да го признае), со смртта од која светот се плаши, па заради ублажување на стравот ја прогласи смртта за природна работа бидејќи така помалку боли. Но му благодарам на Бог што ги слуша молитвите на оние кои живеат според Неговите заповеди, и што му принесуваат Литрургија, бидејќи кога ќе престане тоа молење и благодарење  ќе дојде крајот, кој за оние што веруваат во Воскресението ќе биде почеток на вечниот живот, а дотогаш сите Христос не повикува на покајание – ПРЕУМУВАЊЕ, не само нов начин на размислување, туку и непрестајна молитва во исто време. Времето поминато во молитва е вечност. Фактор број еден во заглупувањето на човечката врста е унинието, духовното чмаење, а верата во која нема љубов кон ближниот е отров.
презвитер Горан Стојчевски.