Епископ Велички Методиј

Колку сме далеку од нашите вистински проблеми? Ова реторичко прашање би можеле да си го поставиме само под услов да се обидеме да застанеме, да притиснеме стоп на далечинскиот управувач на нашето секојдневие и да замолчиме. Третиот елемент на условот, т.е. да замолчиме е од клучно значење. Дури ни празниците, ни случајното заглавување во лифт сред снемување електрична енергија, ниту пак веста за ненадејната смрт на некој наш ближен или барем познат, не можат да нî излекуваат од хроничното заболување кое прецизно и само навидум збунувачки би можело да се нарече ЗАГУБЕНИОТ РАЈ. Истоветноста со името на Милтоновото ремек-дело е намерна. Чувствувањето на перманентна мачнина, дури и од некоја сериозна болка или болест, може да нî направи апатични и во еден подолг временски контекст (на пример, цел живот) сосема да огугламе, а непријатноста да ја потиснеме во потсвеста. Со други зборови, да се навикнеме на болката, а рефлексиите на нејзиното присуство да ги апстрахитаме. Та ние сме на второ место на најадаптибилните суштества во универзумот, по вирусите. На сî можеме да се навикнеме.
Неодамна, при посетата кај еден мој драг пријател стоматолог, а посетата кај стоматолозите навистина можат да го натераат човек да ги допре есенцијалните прашања на својата егзистенција, па дури и од нив да изгради Хотел Егзистенција (една фантастична метафора која ја сретнав во најновиот роман на Пол Остер). Значи, кај тој мој пријател ја слушнав приказната за едно мошне симптоматично будење од клиничка смрт. Како чесен прераскажувач, ќе се обидам сите персонални детали на оваа наполу траги-комична, а наполу бизарна сторија сепак да ги оставам во ризниците на дискрецијата, заради нашата искрена пријателска љубов. Голата фабула, пак,  која ќе нî доведе до поентата е следнава:
Во текот на ноќната смена на една од нашите клиники, на одделот за интензивна нега (претпоставувам), по кратко искуство на формална смрт (која може и да нема никакви метафизички конотации), пациентот икс, на возраст не помала од шеесет и пет, но не поголема од девеесет години, ја вкусува благодетта на серијата вдишувања и издишување од првото продолжение на својот многустрадален и сосема обичен живот. Во мигот на благ проблесок на свеста, наполу гласно, во празниот простор на својата стеснета перцепција, тој успева да го изусти прашањето: Каде сум, дали сум во рајот? Дежурниот доктор, кој во тој момент се нашол во болничката соба, човек обдарен со мошне луцидна смисла за хумор (како што посведочи мојот пријател стоматолог), без колебање потврдно одговорил на поставеното прашање. Во тој момент пациентот икс, како што реков господин во одминати години, значи со големо животно искуство, се онерасположил и почнал да тагува заради помислата дека не се поздравил со децата и внуците пред своето заминување... И, тука раскажувањето може да престане. Реакцијата на пациентот икс предизвика сериозна провокација во нашето размислување. Како човек што верува во вечниот живот, без разлика дали е христријанин, евреин или муслиман, тој без проблем го прифатил и фактот дека по смртта ништо не престанува. Навидум вообичаена, дури и очекувана ракција. Но парадоксот е во следново: Прво, тој се буди со искуствата и сензациите на својата долготрајна болест, грбот мора сî уште да го боли од долгиот период на хоспитализација (спекулацијата е основана), плус сето она што го поразбира бремето на староста, се буди во болничка соба која наликува на сî само не на рај, во излитени болнички пижами на штрафти и т.н. Не постои есхатолошки концепт на светов кој на ваков начин го артикулира местото на блаженството по телесната смрт. Второ, пропуштената можност да се збогува со своите блиски сосема ја неутрализира спектакуларната важност на фактот дека тој се удостоил со место во рајот. Тоа е поразувачки несфатливо. Трето, тој не се сомнева во својата праведност, дури и поради едноставно чувство на покајание или смирение, но на драга волја би се вратил од местото блажено и пријатно, во кое исчезнува секоја болка тага и воздишка, како што нî учи молитвата за упокоените, и истото би го заменил со уште неколку часови телесни страданија на земјата, додека не се поздрави со своите потомци. Дали е тоа некаков стоички идиотизам или едноставно отсуство барем на јасна слика за тоа која е поентата на животот и колкава придобивка е тоа, по сите животни искушенија да се удостоиме со рајската наслада во вечната заедница со Бога? Четврто, логична реакција простата човечка љубопитност би била желбата прво да го видиме Бога, или да се сретнеме со некој наш покоен предок, или лично да запознаеме некоја историска личност која нî инспирирала во животот, сето тоа би било како што реков логично и очекувано. Но како е можно тогаш сево ова да отсуствува, заради некаков последен поздрав? Збогување, кое од аспект на вечноста е валидно само некое време, додека и оние со кои сакаме да се поздравиме не ни се придружат. Или, да продолжиме со спекулацијата, можеби се сомневаме дека нашите ближни ќе го наследат истото место на кое сме ние? Конечно, иако набројувањето на импликациите би можело да оди до недоглед, флагрантна е патолошката приврзаност на овој човек кон земното, истата онаа пристрасност заради која човештвото непрестано го губи рајот уште од Адамовиот пад.
Целото кажување би било добар виц или само претенциозна егзегеза на едно бизарно собитие, ако сето она што е содржано во него нема масовен, епидемиски карактер. Сериозно ни недостасува есхатолошка свест. А тоа значи недостаток на потребата да го перципираме животот и неговите секојдневни предизвици од перспектива на вечноста. Од божествена перспектива. Да се стекнеме со благородната селективност што ќе ни покажува што е важно и спасоносно, а што е само примамливо, привремено и погубно. Зошто инаку по толкава историја не можеме да му одолееме на Фаустовскиот синдром? Секојдневното искушение да си ја продадеме душичката ја предизвикува, имено во еден неочекуван миг, идиотската реакција на незадоволство, дури и тогаш кога ни се нуди место во рајот. Хронично сме разболени од заборавот за загубениот рај. Не само што не го бараме,  што не се трудиме да се удостоиме со него, туку и забораваме дека сме го загубиле, забораваме дека тој е нашето првобитно место и нашата вистинска татковина. Колку сме далеку од нашите вистински проблеми? Нели?...
 

Посети:{moshits}