Во текот на две илјади години зборот „распетие“ се повторувало толку често, што неговата смисла во извесна мера е изгубена. Во свеста на денешните луѓе ослабнало и сознанието за големината на жртвата којашто Исус ја принел за сите луѓе, досегашни и идни.
 
Што е распетие?

hristos.voskresenie1.jpgЦицерон (Кикерон) оваа казна ја нарекол најстрашна од сите казни што ги измислиле луѓето. Суштината на казната се состои во тоа што човечкото тело виси на крст на таков начин што точката со најголемо упориште се наоѓа во градите. Кога рацете на човекот се подигнати над нивото на плеќите, а тој виси не потпирајќи се на нозете, сета тежина на горната половина на телото е сосредоточена во градите. Како резултат на таквиот напор, крвта почнува интензивно да дотекува во мускулите на градниот појас, и се задржува таму. Мускулите постепено почнуваат да се вкочануваат. Тогаш настапува асфиксија: грчејќи се, градните мускули го притискаат градниот кош. Мускулите не дозволуваат ширење на дијафрагмата. Човекот не може да внесе воздух во белите дробови и почнува да се задушува. Таквото измачување понекогаш траело и по неколку дена. За да се забрза умирањето, осуденикот не го врзувале за крстот, како што најчесто се правело, туку го заковувале. Железните клинци се забивале во дланката покрај коската на палецот, паралелно со рачниот зглоб. При продирањето низ раката, клинецот наидува на нервен јазол од кој се шират нервите коишто управуваат со раката, и го раскинува. Само по себе, допирањето до еден нервот предизвикува страшна болка, а тука сите тие нерви наеднаш се допираат со клинец и се прекинуваат. На човекот во таква положба му останува само една можност  да најде некаква потпорна точка во своето тело, за да може да ги ослободи градите за дишење. Кај прикованиот човек има само една таква можна потпорна точка  неговите нозе, коишто исто така се пробиени во стапалата. Клинецот влегува меѓу малите коски на стапалото. Човекот мора да се потпира на клинците со кои се пробиени неговите нозе, да ги исправи колената и да го издигне телото, за да го ослабне притисокот на градите. Тогаш може да земе воздух. Но бидејќи и рацете му се заковани, дланките мора да се вртат околу клинците. За да земе воздух. Човекот треба да ги врти дланките околу клинците, коишто не се мазни, туку се направени со остри и назабени рабови. Таквото движење е проследено со болка чија јачина е на граница на шок.

Евангелието ни говори дека страдањата на Христос траеле околу шест часа. За да го забрзаат крајот на казната, стражата или џелатите често им ги прекршувале колената на распнатите. Со тоа човекот ја губел последната потпорна точка и брзо се задушувал. На стражарите, коишто ја чувале Голготата на денот на распнувањето на Христос, им се брзало, тие морале да ја завршат својата работа пред зајдисонце, бидејќи еврејските закони забранувале да се допира мртовец по залезот на сонцето, а не можеле ниту да ги остават телата до наредното утро, зашто настапувал големиот празник  јудејската Пасха, така што трите трупа би останале да висат над градот. Затоа командирот на џелатите се брзал. И ете, св. Јован посебно истакнува дека војниците ги прекршиле колената на двата разбојника, распнати заедно со Христос, но не го допреле самиот Христос, зашто виделе дека Тој веќе бил мртов. Тоа не било тешко да се забележи на крстот. Штом човекот ќе престане да се подига и спушта на крстот, значи дека не дише, односно дека умрел... 

Евангелистот Лука пренесува дека римскиот стотник, кога ги прободел со копје градите на Исус, од раната истекле крв и вода. Според сознанијата на лекарите, станува збор за течност собрана околу срцето. Копјето ги пробило градите од десната страна и допрело до срцето  тоа бил професионален удар на војник кој е навикнат да цели на страната на противникот којашто не е заштитена со штит, и да удира така што веднаш да допре до срцето. Од веќе мртво тело крвта не истекува. Тоа што истекла крв и вода означува дека крвта уште пред тоа, пред последната телесна рана, се измешала со течноста околу срцевиот мускул. Срцето не можело да ги издржи маките. Пред да биде прободен со копјето, на Христос Му прснало срцето.

 

Ѓакон Андреј Кураев.