Ритамот на современиот живот бара од човекот крајна подвижност и брза реакција: нужно е секаде да се успее, да се донесе некаква одлука, да не се погреши во изборот. Понекогаш во еден ден треба да се контактира со десетици луѓе. И, не совладувајќи го силното темпо, многумина брзо ги трошат не само физичките, туку и душевните сили. Како резултат на пренапрегнатоста на нервниот систем, почнуваат да се развиваат и телесни болести.
За природата на неврозите и душевните растројства разговараме со православниот лекар-психијатар Дмитриј Александрович Авдеев, магистер по медицински науки.

Дмитриј Александрович, денес постојано слушаме за состојби како депресија, несоница, хроничен замор, општа животна апатија. И ако ваквите симптоми порано се сметале за каприци, и тоа претежно женски, во наши дни мора да ја констатираме реалната опасност за психичкото здравје на човекот која му се заканува од постојаната нервна пренапрегнатост.
Како лекар-психијатар, во својата практика често општите со луѓе кои страдаат од невроза и други нервни растројства. Се обидувате да го оцените причините на нивната болест од христијански позиции. Кажете ни нешто за тоа.

Dmitrij.Alek.jpgНесопирливиот раст на неврозите во наше време не е предизвикан само од стресовите и научно-техничкиот прогрес со сета негова информациска преоптовареност, туку, пред сî, од “прогресот” на општочовечкото паѓање во гревот.
Во сите времиња на историјата на човештвото имало војни, различни природни несреќи, поплави, суши, бури. И тешко е  да се сопостави во колкав степен денешново време е понемирно и позагрижувачко од епохата на царувањето на Иван Грозни, на пример. Зошто, сепак, проблемот на неврозите толку се заостри дури во последно време? Причината, најверојатно, се крие во зголемената безбожност и во загубата на духовниот фундамент, со што човештвото ја губи вистинската смисла на животот.
Познатиот руски психијатар, професорот Дмитриј Евгењевич Мелехов, ученик на Петар Борисович Ганушкин, сметал дека во основата на многу психички растројства се наоѓа несмирението. Во оваа смисла неврозата не е исклучок. Општопризнато е дека ова заболување се развива поради конфликт на личноста со себе или со другите луѓе. Неврозата е некаков судир меѓу посакуваното и стварното. Колку е посилен судирот, толку позаострено тече заболувањето. “А верата е смирение”, вели светиот Варсануфиј Велики.
Повеќето современи истражувачи го споделуваат мислењето дека неврозата е болест на личноста. Човек не се разболува од невроза одеднаш, оваа болест има своја предисторија. Може да се исцрта своевиден портрет на “потенцијалниот” невротик, поточно тоа ќе биде цела галерија типови и кај секого од нив постои склоност потенцијалните, скриените болни сили да станат реални. Една од карактеристичните особини на таквите луѓе е бескомпромисниот стил на размислување; во нивните оцени се забележува изразена категоричност, она што се случува нема нијанси за нив и се заснова врз контрастот “лошо-добро”.
Надворешните провоцирачки фактори и околности претставуваат само последна капка, погонски механизам за развој на невротските нарушувања. Кај човекот склон кон ваква болест се формира своевидна “способност” нервозно да реагира на животот. Некои од причините за душевен немир (конфликти, стресови) совреме исчезнуваат, стануваат неактуелни, но набргу нивното место го заземаат други, и болеста се обновува.
Неврозите правилно се нарекуваат запуштена форма на страстите (се има предвид страста во светоотечката смисла на зборот, како гревовна наклоност на душата). Во длабинската основа на разноликата невротска симптоматика се наоѓа недостиг од љубов во човечкото срце, а таму каде што нема љубов, зрее рамнодушност, непријателство, нетрпеливост, раздразливост, гневливост, завидливост и страв.

Произлегува дека во основата на невротските растројства не се наоѓа ништо друго туку - гревот?

Може и така да се каже. Гревот, како корен на секое зло, повлекува по себе невротски растројства. Настанувајќи во длабочината на човечкиот дух, тој ги поттикнува страстите, ја дезорганизира волјата и ги оттргнува емоциите и вообразбата од контролата на свеста. Според зборовите на светителот Теофан Затворник, “внатрешниот свет на човекот-грешник е исполнет со самоволие, немир и рушителство”. Тешката невроза е показател на морална нездравост, на духовно-душевен раздор.
Спред зборовите на светите отци, на каков начин човекот греши, така и настрадува. За пример, еве што вели за гневливиот човек преподобниот Ефрем Сирин: “Гневливиот ја уништува и ја убива душата своја затоа што цел живот го поминува во бунило и далеку од спокојството. За мир не знае, далеку е и од здравјето; зашто и телото без престан му се топи, и душата му тагува, и плотта му венее, и лицето му е бледо, и мислата го лаже, и разумот му снеможува, и помислите му се ројат во потоци...”
Гревот ги погодува и душата и плотта. Очигледно дека од оваа причина им се скратува животниот век на луѓето, им се влошува здравјето. Душата често знае да му потшепне на човекот кои се причините (или гревовите) поради кои настанала болеста. Многу луѓе го знаат ова од искуство.
Науката гласно проговори за тесната заемна врска меѓу душевните и телесните процеси пред 200 години, кога првпат беше употребен терминот “психосоматика”. Во основата на идејата за психосоматозите се наоѓа тврдењето дека повеќето соматски (т.е. телесни) заболувања настануваат, главно, поради психоемоционалните фактори. Значи, психосоматската патологија е своевидна телесна реакција на психичките процеси и, што е мошне важно, пред сî, на духовните процеси. Според моето мислење, вистинската схема на формирањето на психосоматските растројства треба да изгледа вака: грев - карактер - болест. Плаче душата, а солзите капат во телото. Меѓутоа, според волјата на Господа, болестите може да му се даваат на човекот како испит за верата, па дури и како награда на оние што му се радуваат на бремето на болеста, која ја поднесуваат заради Бога и вечниот живот. Значи, во зависност од тоа на каква духовна “почва” настануваат болестите, така и се определува нивната смисла.

Ова е Ваше лично мислење или постои некаков општоцрковен поглед на проблемот на психичките растројства?

Црквата Христова била, е и ќе биде вистинска лекувачница на човечките души. Односот на Руската Православна Црква кон психичките заболувања и кон болните луѓе целосно е изложен во “Основите на социјалната концепција”, прифатени на Јубилејниот Архијерејски Собор во август 2000 година. Еве што посебно се вели во соодветниот раздел на документот:
“Црквата ги разгледува психичките заболувања како една од пројавите на општата гревовност на човечката природа. Изделувајќи во структурата на личноста духовно, душевно и телесно ниво на нејзината организација, светите отци разликувале болести кои настануваат “природно” и болести кои се предизвикани од бесовско влијание или од покорувањето на човекот на страстите... Основната причина за бегство на многу наши современици во царството на алкохолните или наркотичките илузии е духовната празнина, загубата на смислата на животот, поткопаноста на моралните ориентири. Наркоманијата и алкохолизмот не се пројави на духовна болест само на поединецот, туку на целото општество. Тоа е отплатата за потрошувачката идеологија, за култот кон материјалниот успех, за бездуховноста и загубата на вистинските идеали...”
Во документот исто така најдоа одраз многу прашања на современата медицина и биоетика. Значи, Руската Православна Црква освен индивидуално-биолошките и психолошките причини за развој на психичките болести, укажува уште на една - гревовните страсти. Токму потчинетоста на душата кон гревовните страсти доведува до многу психички растројства. Јас нив така и ги нарекувам - гревовни болести. Во оваа група спаѓаат и наркоманијата, и алкохолизмот, и многу форми на депресии и неврози, и др. заболувања.
Соодветно на веќе кажаното, се чини важно да им се обрне внимание на прашањата поврзани со формирањето кај луѓето христијански однос кон душевните болести. Овие околности ме поттикнаа да го основам Институтот за проблемите на формирањето христијански однос кон психичките заболувања. Во рамките на Институтот дејствува Центар за православна психотерапија.

А што претставува православната психотерапија? Во што се состои основната разлика меѓу неа и современите психотерапевтски школи и правци, кои Вие, впрочем, често ги критикувате во своите публикации?

Карактеристична црта на православната психотерапија е христијанското милосрдие, сочувството. Трепетен и благоговеен однос кон душата, создадена според образот Божји, на секој човек што се обратил за помош. Светоотечкото наследство е основа на православната психотерапија, тоа содржи сî што е неопходно и за лекување на душата и за нејзино спасение. Консултативниот преглед во православната или, како што често ја нарекуваме, светоотечката психотерапија е, пред сî, средба во Христа. Дури и ако пациентот не е христијанин, православниот лекар не смее да ја смета оваа средба за случајност, туку мора со најголема почит да се однесува кон душата на тој човек и да направи сî што е во неговите можности.
Често пациентите сами ме прашуваат за смислата на животот кога ќе видат во мојот кабинет икони, кандило, светоотечка литература. И тогаш на оние на кои срцето им е отворено кон верата им раскажувам за православието, за христијанското разбирање на смислата на животот, за причините и духовното значење на страдањето, на болеста.
Лековитото психотерапевтско влијание, според моето мислење, треба да има хиерархија на целите: од првенствените - да успокои, да всади надеж и да ги отстрани симптомите на заболувањето, до најважните - да го поттикне пациентот кон внатрешен раст и кон духовен развиток и да го насочи кон неминливите вредности. Длабоко сум убеден дека психотерапијата, кога е можно, треба да биде “мовче” кон Православието.
Една од најважните задачи на православната психотерапија е да го поддржи човекот (пациентот) да ги осознае психолошките страсни механизми на болеста или на конфликтната ситуација. Тешко е да се прецени улогата на православната психотерапија во рехабилитацијата на наркоманите и алкохоличарите.

Психотерапевтот, заправо, може да го наречеме “хирург на човечката душа”.

Во извесна смисла, да. Основен “инструмент” на психотерапевтот е - зборот. Но психотерапијата е повеќе повикана кон духовно отколку кон словесно влијание врз човекот. Зашто ако зад зборовите се крие лага, нема да има никаква полза. Без животворната сила на Духот, зборот може да биде само празен звук.
Во древноста се велело дека лекарската вештина се држи врз три “столба”: ножот, лековитите билки и зборот. Ножот е прототип на хирургијата, лековитите тревки - сумарна слика на лековитите форми, а под збор се подразбира живиот, душевниот однос на лекарот кон болниот.
Годините на атеизмот и прогоните на Православието во нашата земја не поминаа без да остават трага. Израснаа речиси две поколенија кои не знаат за Бога и за Неговата света Црква. Денес преживуваме едно мошне тешко време. За голема несреќа, духовниот вакуум мнозина наши сонародници го пополнуваат со псевдонауки, ереси, севозможни секти, со загреаност за окултизмот и магијата.
Ќе се најдат и “духовни учители” кои се готови со неколку допири да им ги “исцелат” душата и телото на болните. Нивните рекламни плакати или огласите во весниците ветуваат “неверојатен ефект”. На пример: “Само за две сеанси лекувам висок притисок, астма, рак, дијабетес и др. заболувања”. Со запирка се набројуваат десетици болести кои треба да исчезнат по неколку мавтања со раката на некаков си екстрасенс, бајач или хипнотизер.
За овие “екстраординарни” личности не постои разлика меѓу незначително и краткотрајно олеснување (кое настанува поради познатите психофизиолошки закони) и оздравување или духовна прелест. Луѓето се вовлекуваат во своевидна коцка во која шанси за добивка нема.
Силувајќи им ја душата на луѓето, во Русија работат 300 илјади окултни исцелители. Проблемот на психичкото здравје на општеството од категоријата медицински прераснува во државен проблем, кој има опасни социјални последици.
Психотерапијата е посебна медицинска специјалност која не е поврзана толку со лекувањето во вообичаеното значење на овој збор колку со влијанието врз личноста на болниот човек, врз неговата душа. Таа си поставува благотворни цели. Меѓутоа, на практика се создаде сериозна ситуација предизвикана од тоа што на најприсен начин засегнувајќи ја душата на човекот и обидувајќи се да ја излекува, оваа област на медицината се покажува духовно неспособна зашто нема морални ориентири.
Не можеш да му го олесниш душевниот товар на друг човек ако самиот немаш духовни вредности. Може ли слепец слепец да води? Не ќе паднат ли обајцата во јама? (Лука 6:39).
Може да се каже дека навистина делотворна и полезна ќе биде само онаа психотерапевтска помош која води кон Христа и која ја спроведува лекар или психолог што се покајува и го исправа својот сопствен живот. Во овој случај зборот на специјалистот ќе биде поткрепен со благодатната сила Божја и ќе го охрабри болниот, ќе му го покаже патот кон Оној Кој е Вистината, Патот и Животот! Психотерапијата може да му помогне на човекот подобро да се разбере себеси, својата душевна структура, подлабоко да оцени некоја конфликтна ситуација и да се смири. Но ниту една психотерапија не е во можност да ги надмине гревовите и страстите во човечката душа - тоа е можно, под услов човек да вложи духовни усилби, само за Господа!

Православно женско списание “СлавÔнка”,
бр.3, мај-јуни 2006 г.,
Разговорот го водеше Полина Мељникова

       
Превод од руски: Ирена Кепеска

Посети:{moshits}

 Друго:

Avdeev.Dimitrij.jpg

Д-Р ДМИТРИЈ АВДЕЕВ - ПРАВОСЛАВЕН ПОГЛЕД ВРЗ ДУШЕВНИТЕ ЗАБОЛУВАЊА 

 

 


ЗА ДЕПРЕСИЈАТА