TVIT904

Интервју со о. Филотеј Фарос
Отецот Филотеј Фарос е еден просветлен клирик, богослов и психотерапевт. Разговарајќи со него откриваш нови хоризонти, добиваш богатство од знаење, сочувство и еден вкус на живеење. Има напишано повеќе од десет книги со главна тема од животот на човекот, љубовта, смртта и најважното е дека успева со зборови од душата да ја разбуди совеста.

Возљубен отец Филотеј, нашето општество длабоко боледува, може ли некако да се излечи?


Мислам дека тоа изискува промена на етосот, создадовме еден морал во последните 3-4 децении кој не е функционален, туку е човекоубиствен. Просечниот човек го има усвоено тој морал и не знае за фактот дека тоа го уништува неговиот живот, па и општеството. Една од карактеристиките на тој морал е дека е доволно индивидуалистички, човекот верува дека му служи на својот интерес кога се интересира само за себе, а рамнодушен е за било кого и за било што друго. Мисли дека така си прави добро за себе, а тоа е прелест, измама, не функционираат така работите, светот е една целина. Ако на мојот ближен не му е добро, за некое време нема ни мене да ми биде добро.

Денешната главна причина за криза ја нарекувате „неодржливост на вредностите“.
Нормално, усвоивме вредности кои не се функционални, т.е. вредности како успехот, раскошот, богатството, изгледот. На пример, еден човек може да живее без добар автомобил или без викендица во предградијата, но без меѓусебни односи не може. Секој се интересира да си обезбеди за себеси материјални работи, не затоа што материјалните се нешто лошо, сѐ е до начинот како ги користиш, ерархијата која им ја даваме. Материјалните работи се благослов кога ги гледаш како прилика да му принесеш на другиот, и проклетство – кога ги грабаш од другиот.

Ја споредивте денешната криза со онаа од средната возраст, како да се разбере оваа споредба?


Тоа е нешто што се случува во средната возраст, кога човекот се уверува дека она што го создал во првата половина од животот не го исполнило потполно. Но, некои луѓе се обидуваат да го зачуваат интересот за истите работи и вредности и во втората половина од животот и тоа се оние кои ќе го испуштат возот. Многумина во средната возраст не сфаќаат дека ги губат природните сили.
Ќе ви дадам еден пример. Љубовта во првата половина од животот просечниот човек ја гледа како спорт, како постигнување, нешто со што ќе покаже дека има некои способности. Но, во средната возраст сите функции се успоруваат. На истиот начин постои и ослабување на сексуалните способности кај човекот, особено мажите кога ќе се уверат дека ослабуваат, паничат и одат кај некој сексолог, кој тврди дека е научник, и ќе им даде некои таблети за да се стимулираат.
Така и општеството го тера човекот уште од млада возраст да ја гледа сексуалноста како нешто што треба да има одредени резултати, со последица никогаш да не ја открие љубовта. Но, кога ќе ги изгуби телесните сили, му се дава прилика да не ја гледа на истиот начин љубовта, туку според нејзината практична страна којашто е нежност, милување, восхитувачки работи за кои не ни претпоставувал во првата половина од животот. Затоа кога настојуваме на вили и Ферари, ги пренебрегнуваме меѓусебните односи и ги губиме.
Случајот Оназис е најдобар пример, кога тој го изгуби синот рече „јас сум најсиромашниот човек на светот“ и сфати дека целата негова империја е бескорисна пред загубата на неговиот син. Во општествената криза осознаваме дека она што сме го имале го губиме, заминува и завршува, оние што веруваат дека ќе се најде начин повторно да го добијат – достојни се за потсмев. Сите идеологии му донесоа на современиот човек лоши услуги, бидејќи потпомогнаа во ограничувањето на човечкиот живот, сите се занимаваат со тоа дали ќе добијат покачување на нивната плата, дали ќе носат брендирана облека… со ова се намалува човекот и станува нешто помало од нула.
Човекот има страшни способности во себе, а најголема е неговиот внатрешен свет, не е надворешната илузија, но не го знае и не се бори за неговиот напредок. Не постои почудесно нешто од тоа човек да ги споделува своите длабоки работи кои се во него, па дури и неговите падови. Луѓето доаѓаат и заминуваат без да разберат што е животот.

Катастрофата може да се промени во прилика?


Денес повеќе од сите други генерации младите не ја бараат воопшто својата оригиналност, ја наведнуваат главата и стануваат овци. Треперат пред можноста да бидат поинакви. Паничат и мислат дека дошол крајот на светот со катастрофа, иако треба да сфатат дека тоа е прилика во нивниот живот. Слушам како зборуваат луѓето за несреќите кои доаѓаат, и се прашувам дали е несреќа да ми ја ограничат пензијата на 300 евра, а не она што владееше последниве децении, кога станавме ѕверови, „твојата смрт – мој живот“ да биде став на нашиот живот? Сѐ беше на продажба, живевме меѓу непријатели, тоа беше катастрофа, а не намалувањето на пензијата. Без другиот не можеме да постоиме, стануваме половични.
Исто така имаме уште една несреќа која ни се случи последниве години, тоа што лукавиот и досетливиот наоѓаат начин ништо да не работат, а да имаат сѐ. Но, што се случуваше во реалноста, поради што беа закопани којзнае колку таленти, што многумина пропаднаа како трутови со потполно отсуство на себепочит. Некои велат дека гладуваат, знам дека ќе предизвикам непријатност со ова што ќе го кажам, но што значи гладувам? Со 3 евра еден човек може да зготви јадење за 6-7 порции. Јас сум дете од окупацијата кога буквално немавме што да јадеме, не затоа што немав ражнич да јадам, туку кога ѝ велев на мајка ми да ми даде да јадам, а таа со солзи во очите ми одговараше: „дете мое, зошто ме измачуваш кога знаеш дека немам ништо да ти дадам“. Ако денес некој ја испружи раката на еден тротоар ќе собере за еден час барем десет евра, а некои мислат дека се човекољубиви ако му дадат милостина на некој зависник…

Млад човек, 30 години, со диплома, невработен доаѓа да побара совет од вас, за да може да застане на свои нозе. Што му одговарате?


Видете, постои можност ништо да не правиш и да живееш живот среќен. Но, што се случи со тој начин на живот? Ќе ви објаснам: Што значи зборот про-поно (тренирам)? Значи дека претходно трпам болка, дека се подготвувам за болката која ќе дојде за суштинскиот обид за развој. Мотив за творештво е потребата и слушам некои родители како велат, „да не им недостасува ништо на моите деца“, и им даваат џепарлук поголем од основната плата, па зарем тој човек ќе оди да работи?
Колку млади луѓе навистина не сакаат да работат, не е еден или двајца. Велат, не можам да најдам работа, а знаете на што мислат? Не можам да најдам место во државна институција, за да седам и да добивам плата. Ете тоа го научиле.
Кога бев во Америка и работев во една психијатриска клиника, во терапевтската програма беше задолжително да постои работа, бидејќи човек што не придонесува, не создава, кој не чувствува дека е корисен за некого и за нешто, тој човек има нула самодоверба и паѓа во тага. Така што им викавме, самото тоа да најдеш работа, е веќе работа. Што значи тоа?
Дека стануваш наутро во 7 часот, тргнуваш по патот и се враќаш во 16.00 попладне, е тогаш ќе најдеш работа. Од друга страна, кога си невработен не ставаш граници, на која било работа да ја правиш. Постојат ситуации кога некои луѓе ќе ти тропнат на врата и велат дека ако имате потреба во било кој момент ќе ви помогнат, што значи дека човекот кој сака, наоѓа работа.

Често пати зборувате дека како пречка за исполнување на личноста е зависноста од родителите. Врз која основа го мислите тоа?
Некое време пред да дојдете зборував со една госпоѓа од 75 години, којашто ми рече дека нејзиниот син има 40 години и бараше мислење за различни проблеми, бидејќи е и сирак. „Но, што зборувате – ѝ реков – па вие ли ќе одлучувате како ќе живее овој човек во неговиот живот?“ Степенот на кој нашето просечно семејство ги кастрира своите деца е застрашувачки и за мене тоа е најголемата несреќа во нашето општество. Голема трагедија е што семејството е расадник за психопатологија и потресно ги кастрира младите луѓе.
Гледате гневни млади поттикнати од идеолошки размислувања, кои во длабочината се гневни на нивните родители. Но, често пати мноштвото семејства не им дозволуваат на своите деца да им се лутат и тоа го прават на верски начин, користејќи ја заповедта за почит кон таткото и мајката, значи, користејќи Го Бога за да ја потиснат уникатноста на детето. Детето во суштина ги усвојува гнасните вредности на родителите. Што му продаваат толку години?
Доаѓа таткото даночник кој го затворил предметот на некој, затоа што не му дал поткуп за да изгради викендица за одмор и се враќа дома и се гордее со тоа. Малото дете што добива од тоа? Прво, дека светот таму надвор е една џунгла и кога ќе дојде моментот да излезе од утробата на мајка си психолошки, како да излезе и каде да оди, има паника и гнев за луѓето кои го кастрирале.
Исто така, не знам некои христијани како го читаат Христа, Којшто не се занимаваше ниту со Ромејската империја, ниту со Ирод, туку рече дека непријател на човекот „се неговите домашни“.

И покрај тоа што некои велат дека младите се оддалечени од Црквата, забележувам дека не се малку оние кои доаѓаат на исповед за која велите дека функционира за себеоправдување.
Ова е осетлива тема, но она што спасува е Црквата, којашто е еден начин на постоење, многумина доаѓаат и стануваат Тело Христово. По ова се делиме на она што сме и што имаме. Луѓето доаѓаат на исповед со некое чувство на вина поради одредено дело и тоа не е покајание. Покајанието означува промена на начинот на живот, не за да се ослободиш од вината, зошто и како си го сторил тоа.

Ние сме една земја во која 90% се православни, не е ли неуспех на Црквата фактот, дека има одговорност за едно толку егоистично општество како што е нашево?


Точно така, како што велеше Христодулос пред неколку години, дека сме 95% православни а не сфаќаше дека тоа што го вели се сврти против него, бидејќи она што го прави самото православие, го има создадено ова ѕверство? Знаете, многу христијани се занимаваат со разни теми, како тоа, дали се јаде масло во петок и слични други, но воопшто не ги знаат основите на христијанското учење. Евангелието вели: „Оној кој има две кошули, нека ја даде едната на оној кој нема“ – кој денес го прави тоа?

Имате изјавено дека „во нашево време Бог е мртов, го убивме и станавме сираци“.
Верата не е во зборовите, туку е начин на живот. Човекот кој верува, а што значи верувам, дека имаш жива врска со Бога, со Христос, не дека едноставно го кажувам „верувам во Едниот Бог Отец Седржител“. Освен тоа, човекот кој ја има оваа лична врска, од него зрачи, нема потреба да каже ништо. Оној кој вели, кој се обидува да докаже дека верува, тој всушност не верува и се обидува да се измами и себеси.
Всушност би сакал да прашам, Го имате ли сретнато Исус Христос? Ти кој велиш дека веруваш или го повторуваш она што си го прочитал во книгите, па нека е и од Евангелието? Погледнете, неверниот Тома не е пример за избегнување, туку за следење, тоа е вера, другото е измама, или свесно, или од расипаност, или несвесно како невроза.

Дали верата е бегство за човекот?


Вистинската вера не можеш да ја наречеш бегство, бидејќи заедницата и врските се претпоставки на животот. Како што имаме потреба од близок човек, имаме и една димензија која е средство со кое човекот општи со таинството на животот, кое е над логиката. Верата нема ништо со логиката, таа е друга димензија на постоењето. На пример сочувството е над логиката, па според тоа друга функција и друга потреба е и онаа на заедницата со трансцедентното.

Постоењето на религиите е одговор на човекот за да се соочи со стравот од смртта?
Често пати луѓето ги користат религиите на тој начин и кога велиме религии не знам на што се однесува. Многу пати она што го нарекуваме религија е безумие, манипулација, еден куп одбивни работи. Затоа мене поимот религија не ми се допаѓа, за мене духовниот живот е она што има вкус, не идеологијата што ми ја кажале, сум ја прочитал, сум ја запаметил и ја објавувам.
Еден француски писател вели: „Животот е еден вид меланхолична мистерија во која само верата ја знае тајната.
За мене животот е едно таинство, но во таа смисла дека не се објаснува со способноста на разумот и кога некогаш научниците се обидуваат да ја оспорат, стануваат смешни, како што се смешни често пати и верниците кои со зборови се обидуваат да го докажат било постоењето на Бог, било на задгробниот живот. Вечноста не е место, ниту време, туку начин.

Природата на гревот каква е? Кики (Василики) Димиула (грчка поетеса) има напишано: „Не им дозволувај на твоите рани да те претворат во личност која не си ти“.
Секое автодеструктивно дејство на човекот, е нешто со кое човекот се свртува против себе, а не против Бога. Бог не може да биде нападнат и со ова религиите имаат предизвикано неверојатна штета на човештвото, претставувајќи го гревот како напад против Бога.

Една од вашите книги носи наслов: „Околности и избори“, како околностите го одредуваат нашиот избор?
Сакав да покажам дека постојат некои околности во мојот живот, не живеев во празно, и се обидов да покажам дека мојот живот го определија моите избори. Околностите имаат двојно значење, како што рековме за кризата, за некои се несреќа, а за некои прилика. Така и злото кое ми го прават другите не е она што ме определува, туку злото што ме определува е она што им го правам јас на другите, и конечно, злото кое ме определува е она зло што си го правам сам на себе. Колку поправилни се нашите избори, туку поисполнет и поквалитетен е нашиот живот.

Кога добива смисла животот на човекот?
Заедницата, принесувањето и создавањето.

Еден од најголемите камшици од нашево време е тагата, зашто се верува дека човекот е оставен или што го води кон духовна парализа?
Тагата обично се појавува во средната возраст, како што рековме, и тоа е затоа што не може човекот да прифати дека веќе, на пример, не е убав, не прифаќа дека има брчки, иако нема сомнеж дека брчките се една друга убавина. Исто така ги допира и младите, кои одбиваат да го видат вистинскиот свет, но верувам дека животот има начин да се заштити себеси.

„Времето е најдобриот учител, но за жал ги убива сите свои ученици“. Дали времето разрешува сѐ?
Времето не решава сѐ, но покажува „што е што“, т.е. имате еден конфликт со еден човек и вие го гледате така, а друг поинаку, нема значење начинот на кој го велите тоа, туку зборовите кои ги велите…

 

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев
Православна светлина бр. 67

https://crkvaveles.wordpress.com/2023/10/12/%d0%b4%d0%be%d0%b0%d1%93%d0%b0%d0%bc%d0%b5-%d0%b8-%d0%b7%d0%b0%d0%bc%d0%b8%d0%bd%d1%83%d0%b2%d0%b0%d0%bc%d0%b5-%d0%b1%d0%b5%d0%b7-%d0%b4%d0%b0-%d1%81%d1%84%d0%b0%d1%82%d0%b8%d0%bc%d0%b5-%d1%88%d1%82/