TViTer545

Дмитриј Авдеев е психијатар и член на Сојузот на писатели во Русија. Роден е во 1964 година. Во 1988 година дипломирал со почести на Медицинскиот факултет на Чувашкиот државен универзитет. Подоцна специјализирал психотерапија во Психоневролошкиот институт „В. М. Бехтерев“ (Санкт Петербург). Во 1992 година ја одбранил докторската дисертација на Институтот за општа и судска психијатрија „В. П. Сербски“ (Москва). Работел во различни медицински установи, бил професор на Руската академија за природни науки. Од 2005 година го предводел Институтот за формирање на христијански однос кон менталните болести. Развива модели на православна психотерапија, држи предавања во Русија и во други земји. Автор е на бројни книги и брошури објавени на руски, романски, српски, бугарски, англиски, македонски и други јазици.
Дмитриј Александрович Авдеев се упокои на 9 февруари 2022 година.



Безрелигиозната психотерапија е како коњаник без глава

-    Дали религијата и психотерапијата имаат допирни точки, и што е заедничко помеѓу нив?


Заедничко е душата на човекот. Душата, која по Божја промисла е повикана кон Вечноста и благословен живот во Бога. Но, има и една суштинска разлика - целта на религијата е да ја спаси душата, а целта на психотерапијата е да ја исцели, да ја оздрави, како што вели Виктор Франкл. Ако внимателно го погледнеме значењето на грчкиот збор σωτηρία, ќе видиме дека има две значења - исцеление и спасение. Душата која без колебање оди по патот кон спасението стекнува полнота и целост, таа започнува да се лекува и да го совладува распаѓањето. После гревопадот на нашите прародители, душевните сили на човекот - умот, срцето и волјата - се разделени и одат во различни насоки. Сега повторно почнуваат да се собираат. Денес зборуваме за соработка помеѓу религиозните психолози, психотерапевти, психијатри и свештенството. Постои дури и малку смела аналогија дека тие се како Христос и Јован Претеча. Задачата на психотерапијата е да му помогне на лицето во критична ситуација, да ја ослободи внатрешната напнатост, да ги ублажи симптомите, да се смири. Што е нужно понатаму - потребен е внатрешен раст, духовен развој, стремеж кон постојаните вредности. Можеби апогејот  ( триумфот )  на православната психотерапија е да му го покаже на трагачот патот до Христос, кој е патот, вистината и животот.


-    Односно, психотерапевтот е во улогата на Јован Претеча?

Можеби во идеалениот случај би можело да биде така, но тоа поставува многу високи барања од самиот доктор психотерапевт - да биде религиозен човек кој се бори со своите страсти и ги надминува, кој живее црковен живот и ако зборува за светост, тој самиот да се обидува да живее така. Православниот психотерапевт може да ја изгради својата терапевтска програма во согласност со светоотечкото предание. Имаме ризница, поседуваме богатство и би било страшно да не го користиме - мислам на светите отци и нивното творештво. Понекогаш психотерапевтот што не е верник, ме потсетува на човек кој седи на вреќа со злато - мислам на нашата духовна традиција – а посегнува по милостина. Тој не ја познава оваа духовна традиција и тврди дека не му е потребна. За психотерапевтот кој е верник, и кој самиот разбрал дека гревот е основа на многу конфликти и психички болести, многу е важно да поседува свој духовен филтер при изборот на психотерапевтски методи, кои не се малку. Ги има многу, има повеќе од илјада само во САД. Во врска со ова, правам аналогија со поделбата на Црквата - знаете дека во 11 век се разделиле Источната и Западната црква, а во 16 век протестантската деноминација се одвоила од католицизмот, чии ограноци денес, според Британската Енциклопедија, се повеќе од 20 илјади. Заборавивме што и треба на душата на човекот, заборавивме што е потребно за нејзино единство и во оваа денешна ситуација хаотично се бараат различни методи и пристапи со кои би и се помогнало на неспокојната душа без Бога и надвор од Бога. Нашите противници велат дека не може да има православна психотерапија бидејќи православниот лекар - психотерапевт не треба да им ги наметнува своите верски убедувања на своите пациенти. Овие прашања не се лесни. Мое мислење е дека ако психотерапевтот е религиозен, православен човек, тогаш неговата пракса ќе се заснова на христијанските вредности. И во неговиот исцелувачки „арсенал“ нема да има техники и трикови кои ја разрушуваат душата на пациентот. Јасно е дека тој ќе зборува за верата и духовноста на оние луѓе кои се подготвени да го слушнат тоа.

TViTer546


-    Ајде да зборуваме за тоа што предизвикува ментални нарушувања - веќе кажавте дека тие се поттикнати од гревот. Веројатно, за многумина таквиот концепт звучи премногу ретроградно.

Во секој случај, не можеме да негираме дека морално - духовните фактори заземаат одредено место меѓу причините за појава на цела низа психички болести. Многу психички нарушувања се поттикнати од гревовни страсти, тие се последица на гревовниот начин на живот, на страстите и пороците вкоренети во човечката душа. Денес науката многу зборува за улогата на стресот, иако и во времето на Иван Грозни не било многу спокојно да се живее. Зборуваме за генетика, екологија, биохемиски процеси во мозокот. Се разбира, сите овие фактори се многу важни и влијаат на менталното здравје. Но, православната црква зборува за друга причина која е непозната за секуларниот свет. Станува збор за гревот и гревовните страсти, за живеењето далеку од Бога и Неговата црква. На Архиерејскиот Синод во 2000 година, Руската православна црква (РПЦ) усвои многу важен документ наречен Основи на општествениот концепт на РПЦ. Овој документ содржи и параграф за психичките заболувања, кој разликува три главни причини зошто се развиваат менталните нарушувања. На прво место се болестите предизвикани од човековата природа, или т.н природни болести. На пример, основачот на руското монаштво, свети Антониј Киевско-Печерски, три години се грижел за монах кој боледувал од болест која денес би ја опишале како кататонија (форма на шизофренија со ментален и моторен дисбаланс ). Св. Антониј верувал дека оваа болест не е предизвикана од зол дух, туку „од природен фактор“. Слични набљудувања има и кај Свети Јован Лествичник, кој ги разликува нарушувањата од духовно потекло што произлегуваат против волјата на монасите, предизвикани од сили кои не отстапуваат пред молитвата и силата на крстниот знак, од нарушувања чиј развој зависи „од природата“, како што пишува тој. Во овој дел на споредба, можеме да претпоставиме дека менталните болести се споредливи со физичките болести. И едното и другото се испратени кај човекот по Божјо допуштение за да му помогнат во делото на спасението. Пред се останато, ќе кажам дека мора да се молиме и да прибегнуваме кон црковните тајни во сите случаи, но понекогаш и лекувањето мора да биде медикаментозно. Без сомнение, верникот може телесно да се разболи - како што може да се разболи срцето, ногата или 'рбетот, така може да се разболи и душата. Меѓутоа, кога зборуваме за психопатолошки синдроми и симптоми, не мислиме на самата душа како боголик ентитет, туку на душата како еден вид биолошки вентил, мислиме на нејзиниот, така да се каже, „телесен“ израз. Како што напиша познатиот француски теолог Жан-Клод Ларше: „Зад овие видливи попречености самата душа не е засегната, таа останува непроменета во својата суштина“.

-    Наведете ги оние ментални нарушувања кои можеме да ги дефинираме како болести предизвикани „од природен фактор“.

Шизофренија, манично-депресивна психоза, попозната како биполарно растројство, сенилна деменција, епилепсија итн. Но, овие болести се околу 20% од вкупниот збир на ментални нарушувања. Тоа се т.н ендогени ментални нарушувања, чие потекло е органско и за кои нужно е потребна медицинска помош. Не зборувам за црковна помош, таа е потребна во сите случаи. Втората група на душевни болести, за кои се зборува во Основите на општествениот концепт на Руската православна црква, се болестите кои се последица на гревовните страсти кои ја поробиле душата. И тука имаме огромен, бескраен океан. Станува збор пред се за т.н неврози. Карактеристична црта на овие болести е поврзаноста на нивната појава со стрес, психотрауматски околности, дефекти во воспитувањето, социјалната средина. Над 90% од депресивните и самоубиствените состојби, како и растројствата кои предизвикуваат зависност, се поврзани со гревовниот начин на живот и пороците вкоренети во човечката душа. Едноставно кажано, неврозата е состојба во која човекот има многу прашања и малку или речиси никакви одговори, состојба на спротивставени мотиви. Ако се обидете да направите портрет на потенцијалниот невротик, ќе видите дека попрво станува за галерија од портрети. Премногу често овие луѓе перцепираат различни ситуации и луѓе на едностран, тесноград, директен начин. Никогаш нема да заборавам девојка која не разговарала со мајка си три години. Што и да се обидела да направи оваа пациентка за да се смири - пиела разни таблети за смирување, посегнала по процедури за релаксација, но душевната болка не исчезнала. Не можела да најде сила да и пријде на мајка си, да ја прегрне и да побара прошка. Друг пат ми пријде пациент со типични симптоми на неврастенија ( Растројство на нервниот систем што се покажува во премаленост, раздразнетост, главоболка и сл.). Спиеше лошо и беше раздразлив. Еднаш ми рече: „Докторе, да знаеш колку ме мачи зависта. Горам одвнатре кога гледам дека некој има нешто подобро од мене“. И се поставува прашањето, како треба да се третираат овие луѓе - дали да им препишеме некакви апчиња да пијат три пати на ден? Црквата зборува и за трета причина, која исто така е тесно поврзана со гревот - се работи за демонски напад или за немоќта предизвикана од демонското влијание. Демоните несомнено се во срцето на сите страсти. Сепак, постојат ментални нарушувања кои се појавуваат како резултат на влијанието на злите духови врз некоја личност. Во Светото Писмо злите духовите се прикажани како влегуваат и излегуваат од личноста. Евангелскиот пример за исцелување на двајцата со бесови во Гадаринската земја е извонреден. Како резултат на опседнатоста од злиот дух, душата станува неприродна, се измачува и страда. Во Светото писмо, опседнатите јасно се разликуваат од луѓето кои страдаат од ментални и физички болести. Опсесијата и лудилото што најчесто ги предизвикува може да ги снајде и оние луѓе кои заостанале во својот духовен развој и се оддалечиле од Бога. Како што прегладнетиот човек без храна станува раздразлив, така и луѓето кои гладуваат духовно стануваат немирни и емоционално нестабилни. Ова е исто така еден вид на демонско опседнување, иако во помал степен. Значи, општо земено, можеме да разликуваме биолошки, психички и демонски причини за ментални нарушувања. Врз основа на ова, мора да се обидеме да поставиме точна дијагноза, земајќи ја предвид духовната состојба на пациентот. Како доктор, првенствено се трудам да лекувам попречености кои имаат индивидуални биолошки и психолошки причини.

TViTer544

-    Каде треба да ги бараме причините за хомосексуалноста - дали се тие биолошки или социјални, или можеби во „стравот, гордоста и егоцентричноста“, вели о. Александар Шмеман?


Да размислиме, не е толку едноставно. Во 1992 година, Светската здравствена организација ја исклучи хомосексуалноста од листата на психички заболувања. Таа го направи тоа под влијание на Американската психијатриска асоцијација (АПА), која претходно ја исклучи хомосексуалноста од својот Дијагностички и статистички прирачник (ДСМ). Всушност, во голема мера тоа беше под притисок на хомосексуалното лоби. Пет години откако АПА ја отстрани хомосексуалноста од листата на психички заболувања, беше спроведено гласање помеѓу 10.000 американски психијатри, членови на Здружението, од кои речиси 70% повторно изразија мислење дека кај лицата со хомосексуална ориентација може да се зборува за психичко растројство и дека тоа е патологија. Сепак, APA првично одлучи дека дијагнозата на хомосексуалност треба да се применува само во случаи на его-дистонска хомосексуалност, односно кога хомосексуалната ориентација доведува до непријатност или некакво страдање за пациентот. Меѓутоа, ако пациентот се чувствува нормално со оваа сексуална ориентација, недозволиво е да му се даде дијагноза на ментално нарушување. Подоцна, хомосексуалноста беше целосно исклучена од Прирачникот АПА со образложение дека таквата дијагноза се смета за „дискриминаторска“. Во Меѓународната класификација на болести (ICD 10) денес пишува дека сексуалната ориентација сама по себе не треба да се смета како нарушување. Остана само категоријата его-дистонска хомосексуалност, што значи дека лекарите нудат да ги лекуваат само оние кои доживуваат некаква непријатност, односно имаат психолошки или нарушувања во однесувањето поврзани со нивната сексуална ориентација. Излегува дека ако личноста со хомосексуална ориентација не доживува непријатност, нема проблем. За жал, веќе забележуваме слични трендови во односот кон педофилијата. Во најновото издание на Дијагностички и статистички прирачник на Американската психијатриска асоцијација, се вели дека педофил не е оној кој едноставно се врзува за децата или фантазира за интимен контакт со нив, туку оној кој чувствува вознемиреност поради тоа и сфаќа дека педофилијата го попречува неговиот нормален живот. Неверојатна и многу храбра студија направи проф. Марк Регнерос од Универзитетот во Тексас, кој проучувал три илјади деца израснати во хомосексуални семејства. Тој заклучил дека 31% од децата одгледани од мајка лезбејка и 25% од децата одгледани од татко хомосексуалец биле принудени на сексуални односи, вклучително и од нивните родители. Постои неморален пристап и недуховна проценка на состојбата на умот. Затоа е неопходно да се формира христијански однос кон психичните заболувања. Во мојата пракса имав пациенти со хомосексуална ориентација. Си  спомнувам за еден млад човек кај кого привлечноста кон сопствениот пол го одбележала целиот негов живот. Ако таквиот човек живее со Христос и се покае за гревот нема да дозволи остварување на овој порочен принцип. Сум сретнал и случаи каде по милоста Божја имало одлучувачки пресврт, но признавам дека тоа е ретко. Мислам дека во таква ситуација е подобро да се остане сам отколку да се биде роб на овој тежок грев, а уште пострашно е да се вовлекуваат малолетници во него и постојано да се пропагира овој начин на живот.


-    Дали христијанинот кој е во криза - не мислам на никакво ендогено психичко растројство - може да побара помош од психотерапевт? Дали е потребно во таков случај и психотерапевтот да биде верник?


Пред сè, треба да го поставиме прашањето за која цел и зошто е потребен психотерапевт за личноста која води христијански живот, го посетува Божјиот храм и прибегнува кон светите  црковните тајни. Таа би требало да има духовен ориентир, духовник, со кого би можела да се консултира. Покрај тоа, таа располага со извонредна духовна литература која исто така може многу да и помогне. Ако таков човек навистина реши да се консултира со психотерапевт, би го советувал да се обрати до личност кој е верник. Често ме критикуваат за оваа самоувереност. Терапијата за душата вклучува покајание, молитва, живот во Црквата, стремеж кон Царството Божјо. Доколку се отстапи од овој редослед, третманот исто така би бил квази. Некои свештеници ја нарекуваат нерелигиозната психотерапија коњаник без глава. За психолозите и докторите кои не се верници, се што им кажува колегата кој е христијанин е некаква глупост или недоразбирање. Вклучително и кога станува збор за чувството на вина. Секуларните психолози ги учат луѓето едноставно да се ослободат од ова чувство, додека православниот психотерапевт смета дека тоа треба да се замени со покајание, а т.н. невротично самоуништување да се отфрли затоа што е бесплодно и штетно Сепак, многу е важно да се знае дека психотерапевтот-верник е исто така слаба личност. Освен што е специјалист, тој самиот се моли и бара помош од Бога во својата работа. И ние веруваме дека заедно со професионалното знаење, самиот Бог го поддржува и води. Неговата психотерапија е про-христијанска, бидејќи само Христос стои меѓу него и пациентот. Тоа не значи дека кога некој ќе дојде кај мене, зборуваме само за духовни теми или дека целата наша комуникација преминува во некој висок стил. Ниту, пак, тоа значи дека, без да го слушам, директно му велам: „Мораш да постиш, да се молиш, да одиш во храмот секој ден...“. Не. Во овој случај секогаш зборуваме за соработка за симфонија и синергија меѓу божественото и човечкото. Човек мора да ги вложи сите сили да се труди, да бара излез, да бара од Бога помош и таа ќе дојде. Токму во оваа синергија лежи вистината, во неа е вистинскиот излез.



-    Го споменавте чувството на вина и нејзино преобразување во покајание, но тоа е многу тежок и личен процес.


Психотерапијата има своја последователност. Христијанската антропологија разликува телесни, душевни и духовни нивоа во структурата на личноста. Значи во терапијата на душата би можеле да започнеме со телото - разговорот за физичката состојба на здравјето може да не доближи до пациентот. Потоа доаѓа фазата која е душевна. Можете да и помогнете на личноста со која сте се спријателиле или чија почит сте ја заслужиле. И тогаш ги напрегаш сите свои сили, го напрегаш целото внимание, за да навлезеш во неговата личност, во неговиот душевен живот. Ова е втора фаза. Што се однесува до вината, постои покаен плач за гревот и тој раѓа мир, радост и љубов во срцето. Има и невротично самоказнување и тоа е како да бегаш во круг. Неопходно е да се оддели едното од другото. Ова може да биде многу тешко и за луѓето кои веруваат. Едноставно понекогаш човек има потреба од помош. Секој од нас, кога ќе се најде во тешка ситуација, има потреба од поддршка, совет и блискост. Ако паднеш и се удриш, се надеваш дека некој ќе ти подаде рака да станеш. Понекогаш не е неопходно да се даде совет, задачата на психотерапевтот е да создаде таква средина каде што самиот пациент размислува за потребата да го промени својот живот, сопствените ставови. И ова е секогаш уметност. Знаете, понекогаш одам кај мојот духовник и останувам со него околу еден час. Ако направите транскрипт од нашите разговори, ќе видите дека не разговараме за ништо посебно. Љубезно ме благословува, ми подарува книга или икона, ме прашува како стојат работите, ако имам прашање му кажувам... Генерално, разговорот е прилично едноставен, но си заминувам исполнет со мир, моја душата е задоволна. И јас сум убеден дека оваа комуникација, иако во овој случај воопшто не се работи за светата тајна исповед, е на највисок степен духовна. Односно, добивам љубов, добивам поддршка, добивам утеха. До мене и со мене бил човек кој е духовно богат. Значи, ако зборот, кој е алатка на психотерапевтот, не е исполнет со духовна содржина, тој е само празна мешунка.


-    Неколку пати ја споменавте молитвата. Какво е нејзиното место во православната психотерапија?


Молитвата е нешто многу лично и интимно, тоа е дело на секој човек поединечно. Јас можам да го споделам моето искуство само ако, на пример, тешко болен човек ме праша како да се моли. Можам да му кажам некои општи работи, можам да го испратам кај свештеник, да му дадам  молитвеник. Но, работата на психотерапевтот не е да организира курс по молитва. Не замислувајте ја православната психотерапија како читање акатист. На крајот на краиштата, пациентот дошол на лекар, а не во црква.



-    Зборувавте за потребата од соработка помеѓу православниот психотерапевт и свештеникот. Но, постои и ризикот од „духовното“ раководење на некои свештеници и старци, најчесто конзервативно-традиционални, кои со своето прекумерно и доминантно однесување можат сериозно да им наштетат на своите духовни чеда.


Се разбира, свештеникот не е лишен од грешки и лични гревови. Тој исто така може да биде искусен или неискусен. Овде во Русија постои дури и таков термин како младостарчество - кога млад свештеник со премалку искуство по ракополагањето почнува да ги води животите и судбините на луѓето. Но пред сè, е неопходно да се научи да се раководи себеси. Освен тоа, свештеникот мора да може да разликува што е грев а што е болест. Многу работи во пастирската грижа зависат од ова. За жал, некои свештеници формираа мислење за нецелисходноста од  психијатриската помош. Тие ги доживуваат душевните болести како ефект на злиот дух или како последица на гревовната повреда на душата. Искуството покажува дека ваквите пастирски заклучоци не ја подобруваат менталната состојба на болните мирјани. Сум видел како некои од нив се измачуваат, страдаат од нивната болест, но го избегнуваат кабинетот на психијатарот па  дури и да е православен. Не треба да заборавиме и нешто друго - свештеникот не е вдахновител. Бог му наредил на човекот слободно да располага со својата разумна душа. Можете да побарате совет од свештеникот ако му верувате и знаете дека тој е духовна и образована личност. Но, не треба да очекувате тој да одлучи сè наместо вас. Во таков случај настанува сериозен проблем бидејќи човекот учи да биде одговорен и да носи одлуки. Ова е псевдопослушност што не го прави човекот силен и не го приближува до Бога. Се разбира, се е можно, живееме во потокот на Божјата промисла. Понекогаш Бог дозволува човек да помине низ некои грешки. И во мојот живот имало такви грешки. Важно е да не се изгуби главното, важно е да се остане со Христос.


-    Вие го водите Институтот за формирање на христијански ставови кон психичките болести. Кажете ни повеќе за неговата работа.


Нашиот институт постои од 2005 година. Ние сме ангажирани во консултантски, издавачки и предавачки активности. Сметаме дека формирањето на христијански став кон психичките заболувања е нешто многу важно. Појавата на овој институт е поврзана со потребите на времето. Потребата за христијанско разбирање за причините за менталните болести и нарушувања, како и за методите на нивното лекување, одамна е очигледна. Потребен е православен пристап и за овој пристап треба да се обучат и свештенството и мирјаните. Овој пристап се заснова на христијанските вредности. Во изминатите осум години успеавме да стекнеме одредено искуство. Се обидуваме да го споделиме ова искуство со луѓето. Во текот на овие години дадовме советодавна помош на околу 10.000 луѓе. Имаме објавено над 50 книги и брошури на повеќе јазици. Одржавме предавања и говори во многу градови во Русија и во странство.

TViTer543


Со психијатар проф. Дмитриј Авдеев, разговараше  Димитрина Чернева
списание „Христијанство и култура“ година XII/2013/број 10


За Преминпортал подготви Симеон Стефковски

 

Ноември 2022 лето Господово