“Aвтокефалноста е суштина а не збор, име. Според најавите на темите што би се дискутирале на сеправославниот собор во 2016 година убаво би било да го стигнеме тој термин, за да не ни биде после уште покомплицирано решавањето на нашата црковна положба”. Во интервју за Фактор, митрополит на Европската епархија изложува ставови својствени на неговиот полемичен, самосвесен и ексклузивен начин.  Мислењата на Владиката Пимен ( Сотир Илиевски) секогаш ја брануваат рамнодушноста. Тој припаѓа на крилото во Синодот што ја остри критичката мисла и кон инертноста на Синодот на МПЦ да реагира за низа општествени противречности, за неприродната симбиоза на Црквата со Власта, наспроти интересите на целината на македонскиот народ и граѓаните на Македонија. “Лично сум против тие заеднички државно црковни донаторски конференции за изградби на цркви затоа што потоа долго време таа црква ќе се нарекува вмровска или социјалдемократска или било како и одредена група на луѓе кои припаѓаат на другата опција, а сепак се верници, не ќе можат да ја прифатат како своја”, одговора  владиката Пимен.

Разочаран е од некои состојби во државата, но решенија има.

„Евидентно е подлегнувањето на манипулации и на запазување на ситните интереси од типот на зачувување на своето работно место или работното место на својот ближен. Така човекот е условуван, па и покрај внатешното незадоволство излегува на гласање, протести и контра – протести. Кога би размислувале со своја глава и кога би биле храбри тоа размислување да го браниме, би биле многу поголема совест  на секоја власт. Само така ќе можеме да изградиме подобра иднина кога гласот и размислувањето на народот, како индивидуи, ќе има сила да го урива колективизимот на размислувањето кај масата.“

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор: По ослободувањето на Јован,  МПЦ-ОА   изрази надеж дека со посредништво на Руската црква ќе  биде постигнат договор со СПЦ за автокефалност. Зошто Руската црква   би сакала да потврди решение за автокефална  црква кога постојано го заговара терминот „Самостојна“?

Владика Пимен: Веќе добивме одговор од страна на СПЦ за продолжување на дијалогот и верувам дека ќе немаме потреба од руското посредништво. Околу терминот “Самостојност” се расмислувало како опција за заменување на грчкиот термин автокефалност со споменатиот, но воопшто не е битен терминот дали ќе биде грчки или славјански, туку битно ќе е какви услови би ги договориле преку преговарачкиот процес кој е пред нас. Автокефалноста е суштина а не збор, име.

Фактор: Прифатливо ли е за МПЦ-ОА , вмешување на државата во проблемот со СПЦ и дали станува збор за  црковен  или и политички спор  Во црковните кругови, но и во регионалните дипломатски игри, постои скриена симбиоза  за промена на името на МПЦ-ОА и уставното име на државата. Се склопуваат и временски термини – 2016 како клучна година за компромиси околу црковното и државното име?

Владика Пимен:  И покрај тоа што станува збор за повеќе политички спор отколку за црковен, бидејќи ние не сме отстапиле од православното учење, богослужење и канонско уредување како црква, сметам дека државата не смее да се меша во овој процес. Според најавите на темите кои би се дискутирале на сеправославниот собор во 2016 година убаво би било да го стигнеме тој термин за да не ни биде после уште покомплицирано решавањето на нашата црковна положба. Во грчкиот блок на цркви не е тајна дека решавањето на нашиот црковен проблем е тесно поврзан со решавањето на името на државата. Не е црковно ќе се согласите но тоа е. Ние како црква не сме согласни на компромис кој би се разликувал од името на државата, освен во случај кога сите православни цркви би се вратиле на своите еклисиолошки имиња по седиштето на поглаварот на секоја црква, на пр. Охридкса архиепископија, Московска или Печка патријаршија. Сепак сме црква на Македонскиот народ.

ВО МАКЕДОНИЈА ВЛАДЕЕ ПРАВИЛОТО „АКО НЕ СИ СО МЕНЕ, ТОГАШ СИ ПРОТИВ МЕНЕ!“

Фактор: Македонија минува  низ најтурбулентниот  период по воениот конфликт во 2001 година. Бевме сведоци на  своевдиен  воен конфликт во кој имаше и жртви. Зошто   МПЦ- ОА сиот овој период молчи. Свесно се обидувате  да се држите настрана за да не бидете  вовлечени  во политички  играрии.  Од каде произлегува таа затвореност на црквата?

Владика Пимен: Токму поради овој навистина турбулентен период, низ кој што поминува нашата земја се држиме настрана, бидејќи сите знаеме до каква политичка поларизираност води истата. Се наметна правилото: ако не си со мене против мене си. Многумина раководени од тоа правило ќе ни забележат за мешање во политика, за која што ќе тврдат дека таму немаме право да им се мешаме ако се најдат повредени или пак оние што ќе се најдат охрабрени ќе сметаат на нас дека стоиме на нивна страна. Како и со Библијата, не е проблем во текстот туку во толкувањето на истиот. Сепак тоа не не рехабилитира од ненавремени соопштенија кога се случуваат несакани дејствија, вооружени битки, губења на млади животи. Но да не се разбереме погрешно, во сите наши цркви и манастири низ земјата и дијаспората сите архиереи и свештеници служеја заупокоена литургија за паднатите бранители и со проповед повикаа на разумност. Со тоа се потврдува дека не спиеме на уво и дека сме и се молиме со и за нашиот верен народ, но сепак поради слабата медиумска покриеност на таа наша активност тоа слабо допира до јавноста. Не сме толку затворени колку што не сме експонирани.

Фактор: Црквата не се изјасни за ниедна од т.н бомби на опозицијата  во кои можеше да се слушне како се поигрува со човечки судбини, унистува бизниси, создава недоверба кон правдата и слободата, осудува невини луѓе. Дали ова значи дека Црквата ја губи моќта за бдеење врз судбините и дека е на сцена нива делба на македонскиот народ? Како да се препуштаме на таканаречен нов западен атеизам?

Владика Пимен: Кога пред две години за овие прашања го искажав мој личен став и примив  канонада на лични и  медиумски дискредитирања. Во нив имаше многумина што си ја повратија довербата во Црквата, но од друга страна и соблазнија многумина кои почнаа да ме доживуваат како политичар а не како црковно лице. Тоа е меч со две острици по кој многумина не се решаваат да одат.

Споменувате западен атеизам. Зар верувате дека тој е гаранција за стабилно општество? Зарем тие земји што го живеет атеизмот опстојуваат во идеално општество имуно на немири и недемократија? Зошто не сакаме да поверуваме  дека некои од тие западни демократии се токму иницијатори на многу светски дестабилизации поради своите виши економски интереси?

ДРЖАВАТА ДИКТИРА НЕПРИСТОЈНИ ПОНУДИ

Pimen-vladika-1

Фактор: Во едно интервју велите „Црквата мора да биде натпартиска, па дури и кога некоја партија јасно се декларира како демохристијанска. Ни социјалистичките, социјалдемократските или либералните партии, не смее да се сметаат за некаков спротивен табор, затоа што имаат одредени ставови, кои не кореспондираат со црковното учење“.   Каква е таа секуларност кога поглаварот и неговите „возљубени чеда во Бога“ – премиерот, министрите и бизнисмените  , заедно собираат пари за изградба на црква?

Владика Пимен: Колку и да е секуларна една држава, власта секогаш ќе “шурува” со верските институции. Сепак се работи за истиот народ кој живее во државата и кој своите духовни потреби ги задоволува во една од тие верски институции. И јас лично сум против тие заеднички државно црковни донаторски конференции за изградби на цркви затоа што потоа долго време таа црква ќе се нарекува вмровска или социјалдемократска или било како и одредена група на луѓе кои припаѓаат на другата опција, а сепак се верници, не ќе можат да ја прифатат како своја. Но за жал критериумите се поместуваат кога државата станува толку моќна што диктира дури и непристојни понуди.

Фактор: Дали кога велите  дека цитирам „народот мора да се освести и  да почне да размислува со своја глава“ , сакате  да кажете дека народот, верниците,  се лесно подложни на манипулации  или пак  повикувате на обединување и јавно искажување на незадоволсто од одредени одлуки и постапки на власта?

Владика Пимен: Сакам да кажам дека евидентно е подлегнувањето на манипулации и на запазување на ситните интереси од типот на зачувување на своето работно место или работното место на својот ближен. Така човекот е условуван, па и покрај внатешното незадоволство излегува на гласање, протести и контра – протести. Кога би размислувале со своја глава и кога би биле храбри тоа размислување да го браниме, би биле многу поголема совест  на секоја власт. Само така ќе можеме да изградиме подобра иднина кога гласот и размислувањето на народот, како индивидуи, ќе има сила да го урива колективизимот на размислувањето кај масата. Само така до израз ќе дојдат нови лидери, а не да чекаме водачи да произлегуваат од административните канцеларии кои потоа во ништо не би се разликувале од сегашниве кои не донесоа до ова дереџе.

На крајот на краиштата зошто Бог ни дал секому од нас разум а не само на “избраните” кои треба да ни кажуваат како да размислуваме. Во ова време кога преку Фејсбук и Твитер секој од нас има свој медиум имаме можност да се препознаеме по сличните лични идеи и размислувања и да се обединиме на патот кон подобро утре а не да чекаме некој влијателен медиум да ни го испере мозокот.

ДА НЕ УДРИ БРАТ НА БРАТА, А БРАТУЧЕДОТ ДА ГЛЕДА

Фактор: Поглаварот г.г. Стефан  јавно говореше за страв од случувањата во Западна Македонија, Босна, на Косово, пред налетите на радикалниот ислам. Владиката Климент во интервју за Фактор предупреди од опасностите на верски фундаментализам во Македонија. Стравувате ли од  нов конфликт ако се има во предвид наелектризирана атмосефраа која владее, како и гневот и револтот што се искажува  преку протестите низ македонските градови?

Владика Пимен: Секако дека сите се плашиме од експанзијата на радикалниот ислам и можните последици од тоа, но од друга страна не смируваат познанствата и контактите со многумина муслимани кои исто така се плашат од радикализмот и го чувствуваат како заеднички непријател, па со тоа и се оградуваат од истиот и не им даваат поддршка. Искрениот верник не ја посакува смртта и страдањето на ближниот па и на било која вера да припаѓа. Во последниве години на Балканот сите сфативме дека верските војни не ги водат верниците туку верските фанатици, што е дијаметрално спротивно од верата.

Верски фундаментализам не треба да не заплашува. Фундаменатализам значи враќање на корените на верата што може да биде корисно кон нејзино чистење од сите оние негативни толкувања кои знаат да бидат сурови и опасни. И ние како МПЦ се трудиме да бидеме поблиску до корените на нашата вера трагајќи низ текстовите на првовековните отци на Црквата.

 

Извор: http://faktor.mk/2015/05/30/intervju-vladika-pimen-tsrkvata-e-sojuznik-na-narodot-a-ne-na-vlasta/