ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО НАЈМЛАДИОТ ЧЛЕН НА САС, ЕПИСКОПОТ ЈОСИФ ВЕЛИЧКИ


Нема отстапување од уставното име: Република Македонија


Среде жешко лето во кое имаме крупни прегрупирања на политичката сцена, притисоци од меѓународните организации да се откажеме од името, јазикот и идентитетот, во време кога дома ни се случуваат судири заради стопирање изградба на црква, како и смртта на г. Кирил - најстариот и последен потписник на Одлуката за прогласување автокефалност на МПЦ ОА, најмладиот член на Светиот синод на МПЦ за прв пат отворено проговори за актуелните состојби во МПЦ ОА, за духовноста, за отвореноста на Црквата, социјалните мрежи, за името, за грижата за културното наследство... Отворен и ведар, што е карактеристика за амбициозен млад човек, но со длабока сериозност, одмереност и продуховеност на секој збор, младиот Владика не одби да ги искоментира ниту релациите меѓу возрасните и младите владици


Отец Јосиф е најмладиот член на Синодот на МПЦ-ОА кој пред речиси една година беше едногласно избран за Епископ велички и поставен за викар на Скопската православна епархија, со која раководи Неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Одраснат во Домот за деца без родители "11Октомври", а духовно роден со молитвите на архимандритот Партениј низ секојдневните подвизи и духовни борби во монашкиот живот на Бигорската света обител, вели дека не го заборава заветот дека до самозаборав ќе се грижи за духовното преуспевање на своето стадо. Деновиве, неговото име се почесто се споменува во комбинаториките кои се прават околу изборот за наследници на упокоениот Владика Кирил.


Епископот Велички Јосиф е едно од имињата кое се спомнува за назначување за архиереј на една од епархиите, Полошката или Кумановската. Имате ли таква амбиција?
- Со прифаќањето на епископската должност, се заветивме на едно нешто, што мора секогаш да го имаме како светиња - тоа е послушанието кон САС на МПЦ, односно кон нашата Света Црква. Јас ќе бидам таму, каде што ќе одлучи соборот на епископи на Македонската православна црква.

Познат сте по секојдневните хуманитарни активности. Но вашите колеги како да ја заборавија својата хумана мисија. Порадо ја коментираат актуелната политичка состојба?
- Не би се согласил со толку воопштена констатација. Знаете, во Евангелието постои една девиза, која вели дека кога дава твојата десна рака, да не знае левата... Современиот свет на популизам, на реклама, на покажување и докажување на себеси, не наоѓа место во светот на Црквата - затоа се што правиме, треба да го правиме со љубов, а не да бидеме видени и слушнати. Признавам дека често сме опоменувани дека не не гледаат, дека хуманитарните дела на МПЦ не се забележуваат, па поради тоа се добива перцепција како да ги нема. Да, навистина, треба како Црква, во сите сегменти, да се подготвиме да истапиме и со ваква стратегија. Делата се присутни и треба да покажеме. Но се поставува прашањето дали на тој начин би го изгубиле она евангелското што претходно го спомнав, значи мора да се најде соодветен баланс. Делата на љубовта треба да се прават во името на Бога и заради Бога, треба да се прават за Царството небесно. Но, не треба да се заборави дека примарната цел на Црквата не е хуманитарноста, туку проповедта и сведочењето на Христовата вистина. Од друга страна, околу вториот дел од прашањето, искрено немам добиено перцепција дека некој коментирал политика. Да, има коментари кога работите од политиката ја засегаат МПЦ, нејзиното делување, мисијата, сите сегменти од нејзиното постоење. Тоа право, да анализираме и предупредуваме кога нештата се однесуваат на МПЦ, па и на народот како наши чеда, никој не може да го одземе. Пример, ние не можеме да молчиме за прашањето за името, кога не засега и нас, бидејќи називот е Македонска православна црква. А тоа, сепак, е само став.

Тоа значи дека МПЦ - ОА нема да даде благослов за менување на уставното име?
- Во МПЦ, Синодот веќе има донесено став да не се отстапува од уставното име, а тоа е Македонија.

Каде се изгуби духовноста?
- Сметам дека таа сега не се губи, туку воскреснува. Од нас, и од свештенството и од народот, зависи дали ќе воскресне во својот автентичен облик. Доколку не се живее изворното Предание на Црквата, и тоа не се спроведува доследно во дело, тогаш ќе го нема и потребното ниво на духовност. А што е всушност духовност? Тоа е живеење по мерата на Духот, на Светиот Дух, кој ја исполнува Црквата.

Каква е состојбата во Синодот, има ли разединување на ставовите меѓу младите и возрасните владици?
- Зависи од општиот поглед на работите. Нормално е да има различни ставови, тоа е основниот белег за живост... Но заклучоците се секогаш усогласени и едногласни. Поделбата на млади и стари е многу банална. Ниту староста, ниту младоста во годините значат нешто за животот на Црквата - значи возраста во духовното живеење, во подвигот. Младите секогаш треба да се потпираат и да бидат смирени пред искуството на постарите, а постарите секогаш треба да се потпираат на силите и современиот опит на помладите.

Може ли црковен великодостоинственик да промовира и јавно да протежира лични ставови по одредени прашања?

- Секако, доколку тоа е во согласност со учењето на Црквата. Така во ништо нема да се разликува од ставовите на другите, освен во начинот на кој произнесува. Иако треба секогаш да внимаваме - не е крајната цел на правото да го кажеме личното мислење, крајната цел секогаш мора да биде заедничкото, општото. Затоа треба да постапуваме секогаш по онаа народната: двапати мери, еднаш сечи.

Монашкиот подвиг го извршивте во Манастирот Св. Јован Бигорски, па логично е прашањето каков е Вашиот став по иницијативата за конзервација на вредните икони од црквите во напуштените мијачки села и нивна замена со реплики, како заштита од се позачестените кражби?
- Лично сметам дека оваа иницијатива, ваквата стратегија е повеќе од добра. Да не заборавиме се работи за заштитна мерка, која има повисок идеал и, секако, оваа процедура е од моментен карактер - кога и да се вратат поранешните околности и услови, ќе биде постапено во таа насока.

Не сметате ли дека некои од иконите за многумина верници имаат и длабоко духовно влијание, бидејќи ги сметаат за реликвии од кои не сакаат да се одделат? Од друга страна пак, има ли Македонија систем за конзервација на вредните икони од времето?
- Можеме да ги разбереме реакциите, но и ние треба да бидеме сфатени - се работи за заштитна мерка. Чија ќе биде одговорноста за трајното губење на светињите, доколку не се преземат соодветни мерки? Постои иницијатива овие икони да бидат сместени во заеднички музеј. Секако, во договор со месното население, МПЦ и институциите на државата, иконите можат да бидат враќани во храмовите на големите празници и празничните собири.

Има ли изгледи за продолжување на дијалогот меѓу МПЦ и СПЦ. Сметате ли дека статусот може да се реши со Сојуз со останатите непризнати цркви?

- Изгледи има и секогаш имало, само е потребна волја. Нашиот став е јасен - ние можеме да преговараме само како ние, само за нас. Условувања се неприфатливи. А, статусот на една Црква може да се реши само во рамките на природното, потребна е само Христовата љубов меѓу нас. Сојузот на непризнатите Цркви би бил само неприродна, би рекол, конкурента противтежа. Не може да има конкуренција на вистината, колку и да и се нанесени и да и се нанесуваат рани.

Каков е вашиот став по однос на законот за абортус?
- Нашиот став, и мојот личен и ставот на МПЦ, не може да биде поинаков од оној на Православната црква - абортус не треба да има. Всушност, Црквата има јасно развиен концепт за ова прашање, за сите аспекти и околности околу него.

Младите владици и претставниците на помладата генерација свештеници својата комуникација со верниците ја вршат и преку сопствени интернетски страни, Фејсбук... значи ли тоа дека црквата ги следи модерните текови?
- Црквата е повикана постојано и на секој начин да го проповеда Евангелието, да го спасува секој човек и светот. Се што се користи за оваа цел е благословено и потребно, зашто се користи за добро.

Како ги коментирате статусите на социјалните мрежи на вашите колеги-владици?

- Тоа се, пред се, лични ставови и лична работа. Дај Боже се да води кон остварување на мисијата на Црквата, кон заедништвото, а не да биде во корист на индивидуалното.

Во јавноста се почесто се среќаваат коментари за финаниската (благо)состојба на свештениците. Верниците, но и атеистите особено прават калкулации на скапиот возен парк. Што мислите вие?
- Не знам колку е познат фактот дека свештениците не земаат плата? Тие живеат од тоа што ќе го заработат во храмот каде што служат. Но тие средства не се само за нив, туку и за одржување на храмот и подмирување на сметките, за плаќање на помошниците при црквите, за платите на администрацијата и функционирањето на епархијата и образовните институции на МПЦ, за харитативната дејност. Сега вие пресметајте колку се тие средства... Да точно е, сите епархии имаат едно до две возила. Колку имаат институциите на Државата? Тоа се службени возила, кои се користат за службени работи. Не се лична сопственост на ниеден архиереј на МПЦ, туку се своина на епархијата. Не ли треба да се има возило за делегации, па и за нормално функционирање на надлежниот епископ, кој возглавувајќи голема територија, треба да патува и многу и често.

Каков автомобил возите?
- Немам автомобил, ни личен, ни службен. Кога има потреба користам од службените возила на Архиепископот или на епархијата.

Деновиве повторно е актуелно прашањето за геј браковите, каков е вашиот став по ова прашање?
- Ставот на Црквата е јасен - не може да се даде потврда на неприродното, на тоа што е производ на страст и искривени вредности. Се прашувам - зошто само во овој случај мора нечија туѓа потреба, нечие туѓо расположение, па и начин на живеење, да им се покажува и докажува на сите, на некој начин да се инсистира на таа окупација" на туѓиот мир, простор и сфаќање? Што ќе биде ако и тие што не се геј почнат да излегуваат на паради? Што ќе биде ако со време, не дај Боже, и други профили на девијација, на пример педофилите, почнат да заговараат дека се угнетени", дека им е скратено некакво право на избор, на чувство - страшно е и да се помисли. Приватноста треба да остане приватна и да не го засега општиот контекст. Но Црквата не може да премолчи, таа страда доколку некој го уништува образот Божји на себе - без разлика ако тоа го прави далеку од очите на светот, а овде функционира нормално. Последиците ќе се појават секаде - затоа и секаде сме повикани да го повикуваме човекот на покајание, на поправање.

ВЛАДИКАТА ПЕТАР ЗА РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА
Мора да почнеме преговори меѓу МПЦ и СПЦ
"Се надеваме дека ќе се создадат можеби услови за да се отпочне со тие разговори, а тие услови секако дека ќе следат откако и од наша страна, па и од страна на СПЦ се сфати и разбере дека од досегашните некомуницирања ниту ние, ниту тие имаат некаква полза и конечно да се разбере, да се сфати дека само со дијалог може да се решат недоразбирањата и проблемите", вели митрополитот на Преспанско-пелагониската епархија, Господин Петар, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Владиката Петар во неделното интервју за Радио Слободна Европа вели дека воопшто не знаел дека протестите околу Општина Центар биле во врска со црквата.
- Воопшто не знаеме за таа информација и во врска со тоа дури и јас бев во непосредна близина на Општина Центар каде што беа тие протести, но не знаев дека тоа собирање е во врска со случувањата околу црквата - вели Владиката.

Во врска со критиките за возниот парк на владиците, тој смета дека е банално да се разговара за такво нешто, ако се има предвид дека МПЦ е институција.
-Да не заборавиме дека МПЦ е институција и не се работи за владиката како владика. Институцијата мора да има соодветни возила затоа што ние комуницираме со луѓе од целиот свет и ќе излезе дека сме недоветни некако со управувањето со црквата, со епархијата и така натаму, ако ни дојде гостин а немаме возило да го однесеме некаде. Другата работа е дали возилата се земени да ги задоволуваат потребите на епархијата и на црквата или со нив правиме некои луксузни работи. Имаме 2 возила, поновото има 5, а второто е старо 14 години. Кога беше 9 години старо, купивме ново, кога не беше сигурно за употреба на подолги релации - посочи Владиката Петар.

Прашан дали со постапките и изјавите МПЦ и ИВЗ може да придонесат во тоа да не приближат или уште повеќе да го продлабочат меѓуетничкиот јаз, Владиката Петар цени дека можат да придонесат за обединување.

"Еве јас само ќе посочам едно село во мојата епархија, во кое веќе има две џамии, мнозинството население е муслиманско, тоа е Пешталево во Прилепско, но не дозволуваат таму досегашните градоначалници кои беа припадници на ИВЗ, не дозволија да се изгради црква иако на местото на црквата на некој начин после со катастарските измени и промени е изградена џамијата. Се додека е таков односот, таму, на тие простори каде што се присутни верниците од ИВЗ, да го попречуваат на некој начин градењето на цркви за потребите на верниците на МПЦ, не може да се очекува некој напредок. Значи некој мора да сфати, да разбере дека за да имаме разбирање и да имаме напредок, ние за тоа се залагаме целосно, треба да се прават отстапки, а не да се бараат начини како едните да бидат фаворизирани од страна на нивните лидери, а другите да бидат потиснувани"-вели Владиката Петар во неделното интервју.


Елизабета АРСОСКА
фото: Н.БАТЕВ

Извор: Вечер