valaam.jpg

„Не потекнува плачот од солзите, туку солзите од плачот“
  - Свети Игнатиј Брјанчанинов


Дарот на плач и солзи  е еден од најголемите дарови Божји.
Тоа е дар што ни е суштински потребен за нашето спасение.
 
Даровите на пророштво, прозорливост, чудотворење, се знаци на особено благооугодување на Бога и на Божјо благоволение, а дарот на умиление и солзи е знак на веќе прифатено покајание или на покајание кое - се усвојува.
 
„Тагата на мислите е особено делување Божјо и оној кој  ја има и  ја  чува како што треба наликува на човек кој во себе има светиња.
Телесните подвизи, без тага на мислите, слични се на тело без душа“.
 
Солзите пролеанио поради гревовите, на почетокот се горки, течат при болка и мака на душата и духот тоа му го пренесува на телото.
 
Малку по малку, со солзите ќе  дојде утеха, која се состои од едно особено спокојство, од чувство на кротост и смирение.
 
Истовремено, солзите сразмерно и сообразно на утехата која ја даваат сами се менуваат, губејќи ја во голема мера горчината, и истекуваат безболно или со помалку болка.
 
На почетокот се скудни и доаѓаат ретко.
Потоа, малку по малку, почнуваат да доаѓаат почесто и стануваат пообилни.
 
Тогаш пак, кога дарот на солзи ќе се засили во нас, по Божја милост, се смирува внатрешната борба, стивнуваат помислите , почнува да дејствува  и особено да се  развива умната молитва или молитвата на духот, проникнувајќи го и развеселувајќи го  внатрешниот човек.
 
Тогаш се трга од умот покривалото на страстите и нему му се открива тајното учење Христово.
Тогаш горките солзи стануваат сладосни.
 
Тогаш во срцето бие духовна утеха, на која не и одговара ништо меѓу земните радости, и која  им е позната само на оние    кои вежбаат молитвен плач  и имаат дар на солзи.
 
Тогаш се остварува ветувањето Господово: „Блажени се оние што плачат, оти ќе се утешат“.


+++


Солзите се својствени на паднатата човечка природа.
До падот, таа не знаеше за солзи.
Знаеше само за најчисто насладување на рајското блаженство.
 
Но таа го загуби тоа блаженство. Затоа и се оставени солзите.
Како израз на сочувство на блаженството, како сведоштво за падот, како сведоштво  за состојбата потоа под гневот Божји, како надеж  да се јави некогашното блаженство.
 
Верна е таа надеж, соучеството во блаженството не е избришано во нашата природа.
 
Верна е таа надеж, зашто жалта по загубеното небесно блаженство не може да се задоволи со никакво привремено задоволство.
 
Останувајќи незадоволна, очекува задоволовување, објавува дека постои задоволување.
 
Во солзите на таинствен начин живее утеха, а во плачот,  радост.
 
Во каква и да е  овоземна благосостојба, на каква и да е висока позиција, обземен од какво и да е богатство, секој човек сретнува и преживува такви минути, часови и денови во кои му треба утеха што само солзите ја носат, зашто друга утеха нема.
 
Секој од нас, само што ќе стапи на  земјата на нашиот изгон и мака,
во земјата на страданието и плачот,
веќе го огласува тоа свое стапување, почетокот на  своето суштествување, со плачен лелек.
 
„Блажен е оној човек кој заштита бара кај Тебе “,

оној кој го прославува Бога во солзите на молитвата своја,
„во  чие срце се патиштата Твои“,
патиштата невидливи - духовни.
 
Оние кои ја преминуваат   долината на плачот“,
нашиот земски живот,  кој  Бог го дал и го определил за покајание,
 „тие наоѓаат извор во неа и дожд ја покрива со благослови“.
 
 
Оние кои се чистат со плач и солзи, 

„минуваат од сила во сила, се јавуваат пред Бога,  на Сион“, односно Бог им се јавува на духовниот  Сион - во духот човечки, кој со вистинско покајание е подготвен да го прими Бога  (Псалми 83.5,6,7).
 
„Оние што сеат со солзи ќе жнеат со голема радост“ (Псалми 125,5).
 
Тоа се оние кои одејќи по патот на земскиот живот, минуваат по тесниот и таговен пат,
пат по кој  „одеа и плачеа оние што носеа свое семе, но со радост ќе се вратат носејќи ги своите снопја“
( псалми 125, 6).
 
Исто како и сите други својства на човечката природа и солзите се заразени од болеста на падот.
 
Некој е, да речеме, по природа склон кон солзи и во секоја ситуација пролева солзи.
 Таквите солзи се нарекуваат  - природни.
 
Но има и гревовни солзи.
 Гревовни солзи се нарекуваат оние кои се пролеваат од гревовни побуди.
Такви солзи, обилно и особено лесно, пролеваат луѓе предадени на сладострастие.
 
 Слични на сладострасничките солзи, се солзите на оние кои се наоѓаат во самозаблуда и прелест.
 
Солзи обилно се леат и од суета, лицемерие, дволичност, човекоугодништво.
 
И секако, нив ги пролева - злобата: кога е лишена од можноста да изврши зло дело, да пролее човечка крв, тогаш таа пролева солзи.
 
Такви солзи имаше Нерон, во кого христијаните од тоа време, заради неговата жестокост и омразата кон христијанството, гледаа антихрист.
 
Во природни солзи спаѓаат солзите од огорченост; а кога огорченоста има гревовен карактер, солзите на огорченост стануваат гревовни солзи.
 
 Според заповедтта на светите Отци и природните и гревовните солзи веднаш по  нивното појавување  треба да се претворат во богоугодни;
значи, треба да се измени поттикот за солзите: Потсетувајќи се на нашите гревови на неизбежната и неизвесна смрт наша, на судот Божји, да заплачеме токму од овие причини.
 
Чудно нешто!
Оние кои што по природна склоност пролеваат потоци од лекомислени, бесмислени и бесплодни солзи,
исто како и оние кои ги пролеваат од гревовни побуди,
кога ќе посакаат да плачат богоугодно неочекувано ќе најдат во себе на необична суша, неможејќи да просолзат ниту една капка од своите очи.
 
 Ова не учи дека солзите на стравот Божји и покајанието се дар Божји, за да се добијат треба да се погрижиме, пред се, да го стекнеме она што ги предизвикува.
 
Причина за солзите е духовното гледање, спознанието за својата гревовност.
 
 „Очите мои изведоа извори водни“ - вели Свети пророк Давид - 
„зашто не го запазив Твојот закон“.
 
Причина за солзите е сиромашноста на духот:  бидејќи самата по себе блаженство, таа пораѓа друго блаженство, плач, го храни, го подржува и го јакне.
 
 „Не потекнува плачот од солзите, туку солзите од плачот“ - рекол преподобниот Јован Пророк.
 
„Кога некој од братството ја отсекува својата волја и не обрнува внимание на туѓите гревови стекнува плач.


На тој начин се собираат неговите помисли и така собрани раѓаат во срцето тага, плач по Бога, а плачот раѓа солзи.
 
“ Солзите кој се дар Божји служат како знак за милоста Божја.
 
 
 „Солзите во молитва - вели Свети Исак Сирин - се знамен на милоста Божја, со која се удостоила душата заради нејзиното покајание и знак за тоа дека  таа е примена од Бога и дека зачекорува на полето на чистотата низ солзи“.
 
 Ако помислите не се отргнат од предметите со минливо траење, не ќе можат да се ослободат од чувството на надеж во овој свет.
 
Ако во нив не се предизвика презир кон овој свет, и ако не се подготват за излез од него, ако во душата не почнат да дејствуваат  помисли за нештата што му припаѓаат на идниот век, тогаш очите не ке можат да пролеат солзи.“
 
Оној кој ја согледал својата гревовност, кој стекнал страв Божји и чувство на покајание и плач, може, со ревносна молитва да испроси од Бога дар на солзи.
 
При молитвата за дар на солзи, неопходен е и сопствен напор да се пролеат.
 
Трудот што им претходи на солзите се состои во
благоразумното воздржување од јадење и пиење,
во благоразумното бдение,
во нестекнувањето, во одвлекувањето на вниманието од сето она што не опкружува и во  неговото сосредочување на самиот себе.
 
 Свети Јован Лествичник рекол во Словото за плачот:
 „Покајанието е доброволно себелишување од секаква телесна утеха“.
 
 Свети Давид вака ја опишува состојбата на оној што плаче:
 
„Попарен сум како трева, срцето ми е исушено така што заборавив и лебот свој да го јадам; од гласот на моите воздишки, коските ми се залепија за телото мое. 
Заприлегав на несит во пустиња, станав како був во урнатини, не спиев, седев како самотни птици на покрив.“
 
 
Ако не умреме за светот, не можеме да стекнеме плач и солзи.
Нив ги стекнуваме во онаа мера во која умираме за светот.
 
Подготви М. Даниловска