АКТУЕЛНО

Pravoslavna.Indija.jpg
Paul Sidebottom
Православна Индија: Мисија на човекољубие
Од тие мали момченца научив дека срцето им простува на сите за сè
Иако многу работи допрва треба да бидат откриени за Апокалипсата и за Судниот Ден, нашиот Спасител Исус Христос јасно поучуваше дека човекољубието е суштинско за влез во Неговото Царство. „Вистина ви велам, доколку сте го направиле тоа (човекољубие) на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25, 40). Хранењето гладни, гостољубието кон намерници, облекувањето голи и боси, утешувањето болни и посетувањето затвореници се едноставни критериуми според кои сето човештво ќе положи сметка. Овие безрезервни дела се со максимални последици.
Рани основи
Од Светата Педесетница Црквата ги исполнува овие основи на христијанството. Од исконски времиња насекаде по светот, христијанското човекољубие ги омекнува срцата на луѓето да го прифатат Евангелието. Во источната индиска држава Западен Бенгал, православното христијанство е присутно преку филантропската мисија. Јужна Индија ја евангелизирал најпрв светиот апостол Тома. Патувајќи најдалеку од сите други, свети Тома бил единствениот апостол кој проповедал надвор од границите на Римското Царство. На Успението на Божјата Мајка сите апостоли биле присутни освен свети Тома, кој бил во Индија. Пресвета Богородица му се јавила на свети Тома и му го дала Својот појас за утврдување во верата. Како што ја искусил реалноста на Христовото Распетие, свети Тома исто така вистински и со допир бил сведок и на Успението на Пресвета Богородица. Во историјата е забележано дека свети Тома основал најмалку седум цркви, кои на крајот ќе бидат дел од епархијата на Едеса под Патријаршијата на Антиохија и Целиот Исток. По неговото мачеништво моштите на свети Тома биле однесени најпрвин во Едеса (градот Урфа во денешна Турција). За жал, овие цркви заедно со најголемиот дел од Блискиот Исток паднале во ереста на монофизитството, отфрлајќи ги двете природи на Христос, не признавајќи го Вселенскиот собор во Халкидон во 451 година.

Pravoslavna.Indija1.jpg
Западен Бенгал
Во Западен Бенгал православното христијанство се појавува во седумнаесеттиот век преку грчките трговци во Колката (поранешна Калкута). Црквата на Светото Преображение била изградена во 1779 година. Во тоа време, грчката заедница броела околу 500 души. Постои интересно предание за основањето на првата црква таму. Бродот „Александар“ кој патувал за Џеда во Арабија на кој патувал еден грчки офицер, Алексиос Аргир, наишол на силна бура во Бенгалскиот Залив и речиси потонал. Аргир се заколнал дека доколку преживее ќе изгради црква во Колката. Откако се свршило патувањето, тој поднел молба да му се одобри да изгради храм, што и се исполнило. На крајот, денешната црква била изградена во 1924 година со класична фасада од дорски столбови како замена за првобитната градба.
Литургија се служело непрекинато преку 200 години сè до 1972 година кога црквата била затворена за време на наксалитското политичко движење во Бенгал. Наксалитите биле милитантни комунисти, кои ги затворале училиштата и црквите. Во 1980 година јеромонахот Атанасиј (Антидис) ја започнал современата православна мисија во Индија. Отец Атанасиј служел во Египет кога бил поканет од некои пријатели Индијци да дојде во Западен Бенгал. Тој продолжил со мисијата сè до својата смрт во 1990 година. Наскоро мисијата продолжила под водство на светогорскиот јеромонах Игнатиј (Сенис). Со неговата братучетка Сестра Нектарија (Парадиси) и под водство на митрополитот Никита (Лулиас), првиот назначен епископ на Хонг Конг под Вселенската Патријаршија, мисијата се проширила. Биле изградени петнаесет цркви и биле ракоположени единаесет домородни свештеници.
Во 1993 година, мисијата го основа Филантропското Друштво на Православната Црква (PSOC). Со ова мисијата добива легален статус во Западен Бенгал под претседателство на г. Пол Барат, успешен сопственик на хотели. Мисијата дејствува преку програми за прехранување, домување и облекување заедно со болнички клиники, училишта и сиропиталишта. За жал, визата на о. Игнатиј беше повлечена во 2004 година; тој подоцна беше назначен за епископ на Мадагаскар. Во 2007 митрополитот Никита се пензионираше и на негово место дојде митрополитот Нектариј (Цилис). Поради овие неочекувани промени мисијата мораше да се бори за да ги сочува своите програми и имотот.


Прифатилиштето за момчиња на свети Игнатиј
Во очите на сирачињата се огледува сета потреба за милосрдие кон кое Господ ги повика христијаните. Навистина бедните дечиња се можност да се доближиме до Спасителот. „Кој ќе се смири како ова дете, тој е поголем во Царството небесно; и кој прима такво дете во Мое име, Мене Ме прима“ (Матеј 18, 4-5). Според преданието, детето кое Христос го зел во Својот скут бил свети Игнатиј, подоцна епископ на Антиохија. Соодветно на тоа, свети Игнатиј е заштитник на сиропиталиштето за христијанските момчиња кај Колката.
Визијата на Прифатилиштето за момчиња „Свети Игнатиј“ е да им служи на децата лишени од секаква материјална издршка, деца без татко, без мајка, деца од проституција и деца од улицата. Оваа цел за обезбедување на најнезаштитените во општеството со храна и облека ми го привлече вниманието. И додека другите можеби доаѓаа во Индија да бараат авантура, во овој заборавен крај ме привлече единствената можност да се служи на понижените, напуштените и незаштитените. Кога разбрав дека од „Свети Игнатиј“ им овозможуваат на сирачињата да одат на факултет и уште понатаму, да израснат во сочувствителни млади луѓе, веднаш одбрав да учествувам во таа приказна. Во првите шест месеци го надгледував основањето на сиропиталиштето.

Pravoslavna.Indija2.jpg
Да се види мајка која му врти грб на своето тригодишно момче и да се чуе плачот на детето за неговиот семеен дом кој не постои повеќе, навистина предизвикува болка во срцето. Мајка Тереза (Бојаџиу) која им служеше на најсиромашните во Индија има кажано: „Гладта за љубов е многу потешко да се искорени отколку гладта за леб.“ Нечистотијата може да се измие. Стомаците ќе се наполнат. Облеката ќе се закрпи. Болестите ќе се излечат. А со љубовта Божја повторно се здобива невиноста на срцето. Имам слушнато штотуку проодени дечиња кои доаѓаа од бедните квартови како зборуваат со најгрубиот сленг. Но за само неколку месеци среќно ја потпевнуваа азбуката. Да бидеш сведок на тоа дека солзите се претвораат во насмевки и смеа, дека сомнежот се претвора во доверба, а стравот во љубов е она што ме вдахновуваше за време на мојот престој во Индија. Од тие мали момченца научив дека срцето им простува на сите за сè.
Сепак, постојаноста на мисијата на човекољубие е исто толку ранлива како и душите на децата на кои им служи. Во споредба со потребите, недостатокот од поддршка за оваа мала, непозната мисија се надвиснува над нејзината преобразителна цел. Цел еден животен век го чека оној кој е доволно упорен да им се придружи на напорите на мисијата. Во Индија ништо не доаѓа така лесно. На крајот на краиштата, тоа е истата Божествена Љубов Која ги утешува срцата на децата Која ќе ги наведе останатите да го дадат и својот удел за таа цел, кога ќе можеме да чуеме: „Дојдете благословени од Мојот Отец, наследете го Царството приготвено за вас од почетокот на светот“ (Матеј 25, 34).


превод од англиски: Македонка Божиновска

Извор: ПРЕМИН бр. 75-76