Manastir.voRajcica.jpg


 Jasmina.fakultet3.jpg Вовед

Во согласност со правилото, мојата дипломска работа започнува со воведот во темата која ми е доверена, за која, пак, во почетокот изразив сомнеж дека ќе можам да ја обработам. Сепак, мојата потрага по материјали започна, и колку повеќе барав, толку повеќе се восхитував на многуте автори кои пишувале на теми што ја помагаат и образуваат мојата и кои несомнено, многу придонеле за разоткривањето на развојот на нашата духовна ризница. Во текот на соработката со некои од нив, јас сè повеќе добивав желба за пишување, но истовремено се соочував со фактот дека сум многу немоќна да пишувам на една ваква обемна тема, којашто бара сериозно истражување и посветување. Пред мене имав авторитети, кои сиот свој живот го посветиле на науката и книжевноста. Нивните трудови, нам и на идните генерации ни го расчистија патот до осознавањето на нашето пишано богатство, кое и покрај периодите со кои се соочувало, сепак, оставило неприкосновен белег во нашата духовно - книжевна историја. Така, со Божја помош, охрабрена од мојот духовник, чии молитви постојано ме закрилуваат, поттикната од мојот ментор и секако со огромна помош на одредени личности - започнав да пишувам.
  Во нашата татковина има континуитет на распространување на словото Божјо преку проповедта. Така, по Божја промисла, Светото Евангелие, преку мисионерската проповед на апостолот Павле, било пренесено на европскиот континент. Македонија е првата европска земја, којашто како пријатно мисионерско подрачје, била удостоена да го прими најпрекрасниот Божји дар за неа.  
Историските податоци зборуваат за перманентна проповед на ова, со маченичка крв натопено парче земја. Иако во некои периоди, таа се одвивала со послаб интензитет, сепак тука, по милоста Божја, а заради благочестивиот труд, кој е забележан особено кај припадниците на монаштвото, нашиот народ никогаш не заборавил на Божественото. Имено, славјаномакедонците, биле почестени да ја чујат силната проповед, којашто извирала од љубовта Христова, насадена во срцата на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј и нивните свети ученици Климент и Наум Охридски. Св. Климент, формирајќи го надалеку познатиот Универзитет односно Охридската книжевна школа, ги налеал апостолските темели со благодатното искуство на книжевната дејност. Така, по пат на превод, препишување, консултирање, но и креирање на сопствени дела, нашите проповедници низ вековите не останувале без пишан материјал, којшто го ползувале во нивната проповедничко–пастирска дејност.
Современите, пак, проповедници, кои се користат со овие за духовната препород, за историјата и книжевноста значајни дела, треба со скрушеност во срцето да Му заблагодарат на преблагиот Господ што се удостоиле во рацете да го примат ова пишано богатство, над коешто низ вековите бдееле многу монаси.
Боговдахновеното толкување на Светите Списи, од устата и перото на Светите Отци, особено од страна на великите учители на Православната Црква од IV век – светите Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст, во нашата земја не останало незабележано. Имено, токму поради нивното вселенско значение, 19 правило од Трулскиот Вселенски Собор, кое на проповедниците им порачува „да не ги преминуваат границите поставени од богоносните отци“, дало повод за препишување и ширење на нивните дела. Така, во нашата земја, особено во XV и XVIв., дошло до создавање на една традиција, во којашто се негувал духот на преведувањето и препишувањето. Интересно е тоа што, покрај делата на великите учители, многу се преведувале и препишувале и делата на св. Ефрем Сирин, можеби поради неговите кратки аскетски поученија кои, секако, дека биле инспирација за кратките слова на св. Климент и кои биле прилагодливи не само за монаштвото, туку и за обичниот човек.
Овие, пак, преводи и преписи, биле ползувани од Дамаскинарите, кои составувале зборници со проповеди на народен „прост“ јазик, кои во времето на турското насилие биле најдрагоцена домашна лектира, зашто темите за кои во нив се беседело, кај народот влевале истрајност и сила во борбата против исламизацијата.
Оваа „дамаскинарска“ традиција се негувала и се негува до ден-денес. После епископот Григориј Пелагониски (XVI век), кој всушност го превел првиот дамаскинарски зборник на црковнословенски јазик, овој стил на пишување продолжил да се практикува низ вековите, особено во периодот на преродбата од страна на Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски.
 Времето во коешто ние живееме, е време на силно безбожништво. Луѓето располагаат со секакви средства, кои  помагаат што повеќе да се пропагира духот на овој век. Тоа е дух спротивен на ортодоксното христијанство, либералистички дух, кој во својата суштина поробува, дух кој нуди сè, но ја одзема благодатта, а со тоа и душата. Токму поради ова, денешниот проповедник има одговорна, но и макотрпна задача меѓу луѓето. Без внатрешниот стремеж кон чистота, без непоколеблива вера во Христа Бога и без Божјите благодатни сили, кои се насушна потреба во ваквиот благочестив подвиг, тој не би можел да се соочи со предизвиците на овој свет и век.
Премилостивиот Бог, Кој е извор на секоја добрина, нека нè поткрепува и нека го благослови секое наше богоугодно дело. А ние, да направиме од нашите срца духовни садови и да Го повикаме Него таму да се всели. Само така, подготвени, ќе можеме да му излеземе во пресрет на современиот човек.

 

1. Суштина и цел на проповедта

Во времето на ширењето на христијанството, проповедта за спасението преку Исуса Христа – Распнатиот и Воскреснатиот, Кој нè повика од темнина во светлина, се ширела со огромна брзина. Народите, слушајќи го Божјиот збор изречен од устата на апостолите и нивните ученици, со несовладлива ревност го прифаќале крштението, па исполнети со благодатта на Светиот Дух, станувале силни сведоци на живата вера. Зошто!? Затоа што ниту една друга проповед и философија, дотогаш слушната, не го спаси човештвото од смртта, освен проповедта за Словото Божјо. Таа проповед не била човечка мудрост, не била човечко знаење; нејзините плодови веднаш биле видливи кај оние кои ја слушале.
Затоа, и апостолот Павле, кој важи за најречитиот и најсилниот проповедник на сите времиња, пред коринтските христијани ќе ја искаже најголемата мудрост, којашто на светот му даде друга димензија и која важи за сите проповедници од сите времиња:
И јас браќа, доаѓајќи при вас, дојдов да ви го соопштам Божјото сведоштво не со возвишена проповед или мудрост, бидејќи не сметав дека е добро меѓу вас да знам нешто друго освен за Исуса Христа, и тоа – Распнатиот (1. Кор. 2, 1 – 2).
„Апостолот Павле немал друга философија, освен евангелската; немал друго знаење освен богопознанието, бидејќи тоа знаење е совршено сезнаење. Тоа знаење е богооткровенско знаење...и без тоа знаење сите други човечки знаења се незнаење.“
Полека, дојдовме до самата суштина на проповедта, до нејзината содржина, којашто е чисто Божјо слово. Таа е порака Божја, примена непосредно од Него и во вистинска смисла на зборот е „Слово Божјо“. Самиот Спасител во Евангелието е наречен „Слово“ (Јован, 1, 1), бидејќи преку Него, Бог во совршена полнота им се открил на луѓето и им зборувал. Целиот Негов живот е една жива проповед. Црквата, која е тело Христово, го примила ова Божјо слово и од самиот нејзин почеток им го предава на луѓето во форма на жив, усен говор, наречен „проповед“, чијшто белег се божествените откриени вистини. Таа го објавува божественото слово, како сведоштво, како благовестие за Царството Божјо во светот и животот, кое, пак, се пројавува во измирувањето со Бога и спасението на човештвото од гревот и смртта. А, како ќе се измириме со Бога!?
Сега дојдовме до целта на проповедта, а таа е спасувањето на човечките души, односно потрагата по загубените овци и нивно враќање во трлото. Но, за да се исполни оваа цел потребен е дар одозгора. Потребни се благодатните Божји сили и енергии, кои најнапред проповедникот, но и секој од нас, ги прима измирувајќи се со Бога преку соединувањето со Него на Светата Литургија во Црквата. Во спротивно, изречените зборови ќе звучат ‘како бакар што ѕвони, или кимвал што ѕвечи’(1. Кор. 13, 1). Значи, личноста на проповедникот е особено важна во делото на спасението. Тој е орудие Божјо и по зборовите на св. Игнатиј Богоносец икона Христова. Тој треба да биде оној „кој носи жива вера во својата душа и во чие лице зрачи Божја светлина, кој поседува несовладлива духовна сила. Од неговите зборови треба да извира не само увереност, туку и цврстина; не само љубов, туку и надеж; не само светлина, туку и топлина; не само знаење, туку и мудрост; не само убавина, туку и зајакнување на волјата, која знае само за еден пат, за патот што води кон Бога. Господ Исус Христос говори дека ‘од преполнето срце зборува устата’(Лука, 6, 45)“ . Следствено, од духовната празнина, излегуваат празни зборови  и студени фрази, кои немаат сила да преобразуваат.
Св. Јован Златоуст за проповедта и за проповедникот ќе рече: „Со што ги победи Павле Јудеите во Дамаск? Зошто го следи Дионисиј Атински? Зошто Ликаонците го споредуваат со Меркур? Заради силата на неговото беседништво. Затоа епископот треба да има разум, искуство и сила во словото. Кој не умее да поучува како што треба, нека не се нафаќа на оваа служба“ .
Ако, Небесната Храна – Христос, се разбира и подготовката за нејзиното примање, е услов за успешното спроведување на делото на спасението, тогаш и Неговата проповед е образец за проповед на сите времиња. Проповедникот, кој е икона Христова, од Ликот Христов треба да ги црпи своите содржини, дух и вдахновеност, бидејќи Самиот Он рекол: ‘Ви дадов пример да правите и вие така’(Јован, 13, 15). Тоа, пак, значи дека, Христос, токму затоа го зел човечкиот образ – да ни биде пример во сè и да ни покаже дека човекот, исполнет со благодат, може да прави возвишени и божествени нешта . Ваквата возвишеност и божественост во пишаните дела, особено била присутна кај отците од IV век. Овој период во историјата на христијанската красноречивост се нарекува златен или класичен век. Тогаш, од светите отци се создадени најубавите и најдлабоки проповеди. Има повеќе причини за ваквиот развој: пред сè, слободата на христијанството од неговите свирепи гонители, како и негово прогласување, од страна на царот Константин за државна религија. Со тоа на проповедништвото му е обезбедена силна потпора и непречено напредување. Проповедниците добиле можност да се запознаат со древната грчка многубожечка литература, особено со реториката, дијалектиката и философијата. Многумина студирале во најпознатите центри на тогашната светска ученост, каде што меѓу другото, имале и можност практично да го спроведат она што го научиле од овие науки. По завршувањето на световното образование, повеќето од нив, како на пример св. Григориј Богослов, св. Василиј Велики и др., се повлекувале во манастирите, каде предавајќи се на животот со и во Бога, стекнувале духовно совршенство. Непосредниот допир со Бога им помагал подобро да навлезат во тајните на божествениот живот и на христијанското богословие, со што станале образец за сите идни проповедници. Нивните проповеди ги полнеле раскошните дворови, кои им биле дарувани на христијаните, и од нив претворени во храмови, во кои се собирало телото Христово–Црквата. Во тоа време, со оглед на околностите, се појавила потреба од повеќе видови на проповеди како апологетска, догматска, катихетска, морално – изобличувачка, покајно – умилителна, аскетска, егзегетска, свештено - историска, морална и социјална проповед .
Кон средината на 5 век, завршува класичниот период на проповедта во Црквата. По смртта на св. Јован Златоуст и на св. Кирил Александриски, се појавуваат првите белези на опаѓање на проповедта: недостатокот на оригиналност, нагласениот реторизам и внатрешната бесплодност, прекумерноста на зборови и употребата на непотребни фрази, но и оддалечувањето од конкретните духовни потреби. Ова опаѓање се должи на навлегувањето на императорите–еретици во просветната дејност на Црквата, кои ги гонеле и убивале проповедниците на христијанството. Од друга страна, пак, императорот Јустинијан Велики ги затворал многубожечките училишта, каде своевремено, големите отци на Црквата стекнувале високо образование и познавање во световните науки, со што добивале можност да ги продлабочат своите знаења и да ги поврзуваат со христијанските неприкосновени вистини. Исто така, и императорите иконоборци честопати ги затворале христијанските училишта и ги уништувале нивните богати библиотеки.
За да се избегне влијанието на ересите што ги исповедале еретиците, отците од 5 Вселенски Собор ( 553 ) ги посочиле имињата на проповедниците од класичниот период, кои требало на идните проповедници да им служат како пример во пишувањето на нивните проповеди. Тие се: св. Атанасиј Велики, св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов, св. Григориј Ниски, св. Јован Златоуст, св. Амвросиј Милански, Блажени Августин и др. Трулскиот Вселенски Собор ( 680 ) со своите правила 1, 2 и 19, им наредува на проповедниците „да не ги преминуваат границите поставени од богоносните отци“. Ова придонело да се стави крај на религиозно – философската мисла, како и да се скратуваат и парафразираат проповедите на посочените отци .
Во 9 век, во Византија, одново се издигнува проповедта. Тогаш се обновувале и отворале училишта, кои за свои приоритети во изучувањето ги имале богословските науки. Античката реторика станала еден од најглавните предмети, но сепак таа била приспособена на новото време. Овој период не поминал без своите недостатоци, како што биле извештачениот драматизам, односно полагањето внимание на надворешната форма на проповедта, како и губењето на свежината и убавината присутна кај класиците .
Стремежот за враќањето кон отците, во тоа време бил присутен кај некои отци на Црквата, меѓу кои се издвојуваат св. Андреј Критски, св. Јован Дамаскин и др.
 Земјата, пак, во којашто ние живееме, дала огромен придонес во зачувувањето на истата духовна свежина од златниот период. Од нејзините пазуви излегол најплодоносниот учител и воедно прв епископ на словенската Црква – св. Климент Охридски, кој не само што живеел проповедајќи, туку истите тие проповеди и ги запишувал, на тој начин олеснувајќи им го патот кон спасението на идните генерации. Тој бил ученик на св. браќа Кирил и Методиј и заедно со својот најблизок соработник Св. Наум Охридски го продолжиле делото на нивните учители. Тие не биле само христијански мисионери, туку и монаси, образовани духовници, книжевници и просветители. Неговата дејност не била само во проповедништвото, туку и во градењето на Цркви и манастири, чиишто конаци, отсекогаш биле огниште на духовно – просветната дејност. Од длабочината на неговата душа соединета со Бога, произлегле голем број на пофални слова и поученија за сите недели и празници во годината, и кои и денеска си наоѓаат своја примена во богословието и просветата.
Од Охридската духовно–книжевна школа имаме огромно наследство, коешто учениците на светите Климент и Наум го стандардизирале во идниот историски развој, при што издигнатата традиција станала основа за континуитетот на македонскиот цивилизациски развој .

 (Продолжува)

 

 Jasmina.fakultet.jpg

УНИВЕРЗИТЕТ „СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ“
ПРАВОСЛАВЕН БОГОСЛОВСКИ ФАКУЛТЕТ
„Свети Климент Охридски“ - Скопје

Дипломска работа

Дамаскините: чувари на класичната проповед и инспирација за современите проповедници

Ментор:     Проф. д-р отец Ацо Гиревски     

       Jasmina.fakultet.jpg                           &

 Изработила: Јасмина Зајкова

Jasmina.fakultet.jpg

    Jasmina.fakultet4.jpg                                                                               
Скопје, јуни, 2011

Друго:

http://bigorski.mk/index.php?content_name=sveti_georgij_pobedonosec