ЗА ПРЕДАДЕНОСТА НА БОЖЈАТА ВОЛЈА  (Свети Никодим Агиорит - Невидлива борба)

Оној кој што се покајал, на Бога себе си се предава и отпочнува да  му служи, извршувајќи ги Неговите заповеди и  Неговата волја.

Отпочнува  труд и работа во потта на лицето. Заповедите не се тешки, но се наидува на многу надворешни и внатрешни пречки кои доаѓаат од стекнатите склоности и навики. Но, неуморниот трудбеник, со Божја помош на крајот, сè победува.

Трудбеникот сè работи сам, но со Божја помош. Веќе од првите денови успева во доброто вотолку  воколку му доаѓа помош одозгора.  И колку оди понатаму, толку уверувањето сè подлабоко му се вкоренува.

Откако во човекот ќе завладее соответниот мир, уверувањето стапува во прв ред и станува едно од главните. Настанува потполно предавање на човекот на волјата Божја и препуштање Бог да дејствува во него.
 
Дејствувањето Божјо во оние кои се трудат да се  спасат почнува од првите моменти на пресвртувањето и тоа го извршува и самото  пресвртување.

И воколку трудбеникот повеќе се одрекнува од себе, се приљубува до Бога и,  свесен за својата немоќ, се оснажува со надежта за помошта Божја, вотолку Божјата помош е сè поголема.

Кога конечно човекот ќе се предаде целосно себе си на Бога, Бог постојано дејствува во Него, Му укажува што е добро да се прави и му помага тоа да го оствари.
 Тоа е високиот степен на христијанското совршенство  
„ Оти Бог е Оној, Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја“ (Фил.2,13).  Семето за тоа е  - недовербата  во себе  и надеж во Бога, како што рековме на почетокот, само што тука тоа сосема јасно се согледува.

Во што е суштината на совршената предаденост на волјата Божја - се осознава дури тогаш кога таа ќе се покаже во сета своја сила. Таа доаѓа самата од себе и  не постојат правила кои би говореле како таа се стекнува,  па не може да се рече: прави го тоа и тоа  и - ќе ја добиеш. Таа расте незабележливо покрај недовербата во себе и надежта во Бога.

Дека некој се предал себе си на волјата Божја се познава по тоа што тој се одрекува од своето мислење, својата волја, своите чувства, за да живее според Божјиот разум, Божјата волја, и во чувствувањето на Бога. За тоа најсовршен пример е Христос Спасителот. Тој се предал целосно Себе си на Бога Отецот и Себе во нас, „бидејќи ние сме членови на Неговото Тело - од Неговата Плот и коските Негови “ (Еф.5,30).

Да појдеме , значи по Него, зашто Тој од нас тоа и го очекува. - Зошто тоа принесување  себе си како жртва бидува на крајот, а не на почетокот? - Затоа што жртвата на Бога треба да биде совршена и беспрекорна.

Совршенството е нешто што во почетокот само се посакува, но не доаѓа; кога пак, ќе  се дојде до совршенство, тогаш принесувањето себе си како жртва е на свое место.

Во почетокот човекот самиот себе си се посветува  за жртва, а дури на крајот се принесува себе си. Пред да дојде до совршенство, тој и не може да се принесе себе си како жртва сепаленица.

 Други жртви, на пример, жртва за омилостување, очистување, благодарење може да принесува, но не и жртва сепаленица. Тој може да се обидува, може и да говори, но тоа ќе биде само збор, а не дело.

Тоа дело пак, се извршува без зборови. 
 -  Знај:  Ако си приврзан за било што земско, ако се потпираш на било што во себе и надвор од себе, освен на Бога; ако наоѓаш задоволство во било што тварно - не си уште за жртва сепаленица.

Погрижи се најнапред да се одрекнеш од сè, направи во тебе да умре секој друг живот и да остане само животот во Бога: Да не живееш повеќе ти, туку да живее во тебе Бог и Господ Христос и Духот свет, а тогаш жртвувај се  себе си на Бога.
  -   А дотогаш твоја жртва на Бога нека биде Дух скрушен и срце скрушено и смирено и биди со тоа задоволен, но не засекогаш.

На крајот на подвигот добро е да се принесеш себе си на Бога , како жртва сепаленица.

 

Преведе: М. Даниловска - Мина