(Извадок)

vozdvizenie.jpg

--------------------------------------------------------------------------------
НОВА ГОДИНА

Стариот обичај: за Нова Година, кога на полноќ бие часовникот - си замислуваат желби, се обраќаат кон неизвесната иднина со мечта, чекаат од неа нешто неопходно, заветно.
И ете ја, повторно Новата Година. Што ќе си посакаме на себе, на другите, на секого, на сите? Каде е усмерена нашата надеж?
Таа е усмерена на еден збор кој никогаш не умира - среќа. Со Новата година, со нова среќа! Кај секого од нас таа среќа е свртена на свој начин, се однесува на нешто лично. Но верата во тоа што таа може да биде, што може од неа да се очекува, човек на неа да се надева - тоа е заедничка вера. Кога вистински човекот е среќен?
Денес, по векови на опит, по се она што сме го узнале за човекот, веќе оваа среќа не треба да ја поистоветуваме само со надворешното: пари, здравје, успех, за што знаеме дека тие не се совпаѓаат со она секогаш таинствено, секогаш неуловливо сфаќање - среќа.
Да, јасно е, дека физичката благосостојба е - среќа. Но не потполна. Дека парите се - среќа, но и мачење. Дека успехот е - среќа, но и страв. И необично е тоа што колку поголема е таа надворешна среќа, толку е покршливо, толку е посилен стравот - таа да не се загуби, да се сочува, да не се испушти. Можеби и затоа на полноќ на Нова Година говориме за нова среќа, дека “старото” никогаш вистински не се здава, дека секогаш нешто недостасува. И ете повторно напред, со молба, со мечта и надеж, погледнуваме ние...
Боже мој, колку одамна се искажани евангелските зборови за човекот кој се збогатил и изградил нови амбари за својот род и сметал дека се има, се тоа е гаранција за среќа. И се успокоил. А во истата ноќ му било речено: “Безумнику! Ноќва душата твоја ќе ја земат од тебе; на кого ќе му го оставиш она што си го подготвил?
И се разбира, овде во ова скриено знаење, дека сеедно е, ништо не ќе се одржи, дека сеедно е, во иднина следува распаѓање и крај - тоа е отровот кој ја труе нашата малечка и ограничена среќа. Веројатно, затоа и се јавил обичајот - спроти Нова Година, кога часовникот ќе започне да бие на полноќ - вреват, викаат, исполнувајќи го светот со татнеж и врева. Тоа е од страв - во тишина и во осама да се слушне отчукувањето на часови, оној неумолив глас на судбината. Еден удар, втор, трет, и толку е неумоливо, рамно, страшно - до крајот. И ништо не може да се промени, ништо не може да се запре.
Така, ете ги тие два вистински длабоки, неискоренливи полови на човечкото сознание: стравот и среќата, ужасот и мечтата. Таа нова среќа, за која мечтаеме спроти Новата Година тоа е - среќа, која до крај би го смирила, растворила и победила стравот. Среќа, во која не би постоел овој ужас, кој е вгнезден некаде во длабочината на сознанието, и од кого ние цело време се оградуваме - со вина, грижи, врева - но чија тишина ја победува секоја врева.
“Безумец!” Да, во суштина, безумна е мечтата за среќа која не умира во светот совладан од стравот и смртта. И на врвот на својата култура човекот тоа го знае. Со каква жална искреност и тага прозвучуваат зборовите на љубителот на животот, Пушкин: “во светот среќа нема”. Со каква возвишена тага е проникната секоја вистинска уметност. Само таму, долу, вреви и вика толпата и мисли дека од вревата и поматената веселба ќе дојде среќата.
Не, таа доаѓа само тогаш кога искрено, мажествено и длабоко човекот се загледува во животот, кога ги симнува покривалата на лага и самоизмама од него, кога се соочува со стравот лице во лице, кога, најпосле, узнава дека среќата, вистинска, цврста, среќата која не умира е - во средбата со Вистината, Љубовта, со тоа бесконечно возвишено и чисто, што човекот го нарекувал и го нарекува Бог.
“Во Него беше животот, и животот им беше светлина на луѓето. И во овој живот е - светлината, и темнината не ќе ја обземе”. И ова значи: да не се биде проголтан од стравот и ужасот, човек да не се раствори во тагата и очајот.
О, кога луѓето во својата суетна жед за моментална среќа би нашле во себе сила да се запрат, да се замислат, да се загледаат во длабочината на животот! Кога би слушнале тие, какви зборови, каков глас вечно им се обрнува во оваа длабочина. Кога би знаеле што е - вистинска среќа.
“И радоста ваша никој не ќе ви ја одземе!... Но зарем, кога бие часовникот, ние не мечтаеме за среќа која веќе нема да ни се одземе?... Но ете - колку ретко доаѓаме до оваа длабочина. Како да се плашиме од неа поради нешто, и се ја одложуваме: не денес, а утре, прекутре ќе размислувам за главното и вечното. Не денес. Уште има време. Но време има толку малку! Уште малку - и стрелката ќе дојде до судбинската цртка. Зошто да одложуваме?
Бидејќи ете тука, близу, стои Некој: “Стојам пред вратата и чукам”. И ако не се плашиме да погледнеме во Него, ние би виделе таква светлина, таква радост, таква полнотија, што без сомневање би сфатиле што значи тој неуловлив, таинствен збор среќа.

 

( Продолжува)

Подготви: А. И.

Друго: