Ние сме здив Божји, значи имаме сродство со Бог. Бог е насекаде присутен. Секогаш сме близу до Бог. Ние сме чеда Негови. И Тој нè дарува да сме Негов здив, та затоа треба да сме предострожни да не Го разжалостиме. „Го гледав Господа од мојата десна страна за да не се поместам…”

            Нашиот ум и нашето срце и нашето тело го осквернивме со збор, со дело или со помисла, така што сега ни недостига смелост (пред Бог). Немаме облека брачна. Заради тоа треба да се чистиме. Исповедувајќи се, солзејќи, душевно боледувајќи, и најграмадното –  молитвејќи. Зашто молитвата го чисти и го восовршува човека.

            Облеката брачна за којашто пееме во Страсната седмица: „Твојата брачна одаја ја гледам Спасе мој украсена а јас облека немам за да влезам во неа”, е благодатта Божја којашто се достигнува само преку чиста молитва остварена со огромен напор, со голем труд и длабока болка.

            Најпрвин, човекот се моли со простотата својствена за почетникот, пролевајќи многу солзи. Ова е Божјата благодат наречена очистителна, и којашто го уловува човекот како јадица водејќи го во покајание. Бидејќи нашиот Бог е во сè и над сè, нè пронаоѓа, нè гледа, нè повикува. Но најпрво Тој нè позна нас. Потоа ние Го познавме Него! По помазанието со Божествената милост. Затоа и покајанието, и плачот и солзите, и целата состојба што му се случува на покајникот, е дело на Божјата благодат, тоа очистителната благодат којашто го чисти човекот. Не е добро она што се случува ако не происходи од Бога. Ниту лошо она што не потекнува од ѓаволот. Значи никогаш немој да си ставиш во умот дека си направил нешто добро без Божјата поткрепа. Бидејќи, само што ќе го помислиш тоа, благодатта ќе се повлече, така што ќе загубиш сè при што ќе ја спознаеш својата болна состојба, да се осознаеш себеси. За да ја научиш слабоста на својата природа ќе наидеш на многу големи искушенија. Преку искушенијата се смируваш и го наоѓаш вистинското смирение. Но, потребно е време. Смирението не се состои во прости зборови кои ги кажуваме: „грешен сум” и слично. Смирението е вистина. Да научиш дека си ништо. Бог светот го создаде ни од што. Значи ние сме тоа ни(од)што. Твојот корен, твоето постоење почнува од ништо, така што твојата мајка е земјата, а твојот Создател е Бог. Што имаш што не си добил? Ако си добил пак, зошто се фалиш како да не си добил?”

Голем Божји дар за човекот е да ја спознае вистината. А таа вистина, рече Господ, ќе ве ослободи од гревот.

Спознанието за Бог е гледање на Бог. Бидејќи не природното, туку духовното познание Го знае Бога. Бидејќи, природното знаење е расудување коешто го разликува доброто од лошото. Него го имаат сите луѓе. А пак духовното познание настанува низ духовна работа, со спознавањето на себеси. Оваа состојба е создадена од благодатта Божја преку молитвата. Благодатта Божја се гледа и се спознава во чувството на умот, само во мигот на молитвата.

Има многу начини на молитва. Сите се добри. Ако не знаеш како тогаш се молиш со едноставност. Ако пак те води некој друг и ако не го послушаш, тогаш ќе се опрелестиш.

Освен кај кружната умна молитва, кај сите други молитви постои можност да се престорат во прелест (со текот на времето). Тогаш ќе ја загубиш едноставноста и ќе почнеш да мислиш дека си многу значаен и незаменлив. При умната молитва, пак, не предизвикува несигурност, ниту е придружена од прелест, бидејќи внатре во срцето, нерасеано Го повикуваш Името Христово чистејќи нè од темнината и водејќи нè кон светлината.

 Старец Јосиф Спилеот

 Преку вистинското покајание, било да е мал или голем, гревот исчезнува


Ми пишуваш дека твојот грев можеби не ти е простен. Мислата на Отците е поинаква. Секој грев сторен од човек, кога ќе се покае му се простува. А фантазијата (или сеќавањата) на тој грев, останува врежана до последниот здив. И само малку да биде небрежен човекот, ѓаволот му го отсликува тоа во умот или на сон, за да му ја оскверни помислата и повторно да го направи одговорен за стар грев или за да му го расејува умот. Се сеќаваш на пророкот Давид, кога го разобличи Натан заради Вирсавеа? Тој викна: „Му згрешив на Господ!” А пророкот му вели: „И Господ го предвиде твојот грев”. Значи, веднаш му се прости. Сепак, до крајот на животот е опоменуван. Прво, му умре детето коешто го роди Вирсавеа. Потоа згреши неговиот син спрема ќерката Тамар. Па, го избрка неговиот син Амнон. Ова го претрпе по простувањето. Гледаш ли дека иако е простен гревот, казната дејствува, соодветно на падот. Веројатно си чул за света Теодора Александриска којашто живееше како монах? Згреши, избега, се покаја, се освети. Дури и за прељубата не беше казнета. А кога беше избркана од манастирот, одгледа туѓо дете, но само таа знаеше дека беше наклеветана. И големиот Ефрем не го пикнаа во затвор бидејќи украде теленце, а беше свет? Да, му рече Господ, сега не украде, но како дете не го одврза телето така што го изедоа ѕверовите.

            Значи, иако Бог простува за сторениот покајан грев, сепак, остануваат сеќавањата на гревот и за казната. И ти, бидејќи во последно време стана небрежен, Бог допушти и искушението ти востана за да се разбудиш. Затоа стани и повикај „Сине Давидов, сакам да прогледам!” И гледај – застанува пред тебе светлодавецот Исус, запалувајќи ти ја светлината на покајанието и на Божественото познание.

            Значи, не се жалостам за она што помина, туку за она што ќе дојде. Зашто помалото од поголемото се благословува.

            И гревот, мал или голем, преку вистинското покајание исчезнува. Значи, не се осврнувај назад, туку впери го погледот пред тебе.

            Многу сум радосен дете мое, бидејќи имаш желба да научиш. Секако оној што трага да учи и ќе постигне нешто. Друга можност нема! Дури и да не успее, стекнал сознание дека постојат други коишто веќе успеале. Укорувајќи се самиот себе се здобива со смирение. Од Бога бара да добие благодат за да го поткрепи. На тој начин ги досега оние што веќе ја достигнаа добродетелта.

 

            Старец Јосиф Спилеот

 

Извор: http://www.mpc.org.mk/svetootecko-predanie.asp?id=3841