o.Grigorij.Vodoca.jpg
Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. (Матеј 28, 19)
Така им заповедал Господ на светите Aпостоли, а со тоа и на сите апостолски преемници. Со еден збор, оваа заповед се однесува на сите луѓе на планетава, сите се повикани да бидат крстени, да бидат членови на Христовото Тело - Црквата, сите се повикани да бидат учесници на светата трпеза Господова, но сите не се силни и брзо одлучни да го направат тоа.
 По многу разговори со мои блиски пријатели - некрстени, и по многуте не кажани од нив, решив да се потрудам да ја образложам накратко полезноста од Крштението, а со тоа да укажам на тешкиот живот без Христос, на тешкиот живот надвор од Црквата. Факт е тоа дека за оваа тема се недоволни неколку страници, но факт е и тоа дека нема фајде од многу зборување и долго пишување. Но, по молитвите на Богородица и сите Светии да се надеваме (а јас се надевам) на милоста Божја, дека Господ ќе ги омекне срцата нивни, па тоа не да стане да, за живот во Христос.
Значи, знаејќи го фактот дека демонот го зазема центарот на срцето пред човекот да биде крстен, тогаш ни станува јасно зошто се одложува Крштевањето на нас самите и на нашите деца. Но, работата на оној што отпадна (демонот) е секогаш да нè двоуми, тој не сака да направиме нешто што за нас и нашата душа е полезно и спасително.
А пак јас, мои браќа и сестри, мои пријатели, од сето мое срце и душа и со сета моја сила посакувам да станете такви, каков што сум јас (Дела 26, 29).
А одговорите (оправдувањата) се секогаш исти. Едни велат дека Kрштевањето не се случило заради политичкото уредување на државата во минатото, други заради политичката партија денес, или некоја филозофска определба; кажуваат и тоа дека Крштевањето не е потребно, оти има многу луѓе крстени, а сепак се однесуваат неморално и не претставуваат добар пример во општеството; спротивно на тоа велат: на никого немам згрешено, со никого се немам замерено, и живеам почовечки и од многу христијани. А некои кажуваат и дека постат, одат во црква на поголемите празници, имаат куќни слави, имендени и т.н. (што е само добар знак...), а други чекаат Господ да Го видат пред нив и да ги повика, па да поверуваат...
Колку и да изгледаат ваквите размислувања вистинито, треба да знаеме дека тоа е сепак една голема лага, ѓаволска измама, и пред да се ослободиме од прангите на гордоста не можеме да го направиме нашиот прв чекор - Крштевањето, не можеме да ја видиме Вистината, која останува покриена од оваа ,,вистина“.
А спротивно на ова, треба да знаеме дека кога човекот се крштева, Господ го прима и го прави член на Своето Тело, без разлика на тоа колку сме грешни или достојни. Нѐ прави Свои органи т.е. стануваме органи на Телото Христово, бидејќи од Неговата плот сме и од коските Негови (Ефес. 5, 30).

o.Grigorij.Vodoca.jpg


Како што вели архимандритот Георгиј Капсанис, разликата меѓу членовите во Телото е тоа што едните се мртви, а другите живи. Но, и мртвите членови не престануваат да бидат членови на Црквата. Бидејќи оној кој е крстен, станал соработник Христов, и ако не живее воцрковено т.е. ако не се исповеда, не се причестува, таквиот е мртов член на Телото Христово. Ако се покае, пак, веднаш станува жив член, бидејќи гревот мал или голем, без разлика, преку вистинското покајание исчезнува, и таквиот не треба да се крштева повторно. А оној кој е некрстен тој воопшто не е член на Телото Христово, та колку и да живее тој морално според сите човечки правила и мерки.
Еве и уште некои работи што укажуваат на тоа дека Крштевањето е добро за нас. Пред сѐ, имаме можност да градиме света заедница со нашиот Бог Света Троица, можеме да се причестуваме со Телото и Крвта Христови, да Го примаме Господ во нас, оти оној кој се причестува ќе живее во Мене и Јас во него, така ни вели Господ (Јован 6, 53-57). А кога Христос ќе заживее во нас, тогаш верувајте, нема тага, нема вознемиреност, нема меланхолија, нема грижа, нервоза, сеќавање на раните во животот, на притисоците, на мачните моменти.... Има радост, има живот, светлина, љубов, има иднина, живот вечен - Царство Небесно, оти Он е радост, Он е живот, и светлина и љубов и преку тоа свето соединување со Него нѐ прави да бидеме и ние такви, да бидеме синови Божји по благодат.
На крајот, пак, да си спомнеме и на тоа дека Самиот Господ Исус Христос се крсти од Јован во Јордан! Се крсти, иако немаше потреба од тоа бидејќи Бог, но го направи тоа заради нас, да ни го покаже вистинскиот пат на спасението. Па затоа и ни вели: Ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо (Јован 3, 5), т.е. оној кој поверува и се крсти, ќе биде спасен (Марко 16, 16).
Во Светата Тајна Крштение човекот се очистува од сѐ грешно и се преродува со Светиот Дух. Ако е дете, се очистува од последиците на прародителскиот грев, а ако е возрасен се очистува и од личните гревови. Во Светата Тајна Крштение најважно е трикратното потопување во вода на оној што се крштева, при што свештеникот ги изговара зборовите: Се крштева чедото Божјо (и се кажува името на крштеваниот) во името на Отецот – амин, и Синот – амин, и Светиот Дух – амин. Ова потопување претставува погребување на стариот и воскреснување на новиот човек, бидејќи ги претставува смртта и воскресението на Спасителот.
Светата Тајна Крштение и Светата Тајна Миропомазание се двоедно Таинство. Во Светата Тајна на Миропомазанието крштеваниот го прима „печатот на дарот на Светиот Дух“, т.е. Божественото осветување и помазување и укрепување со благодатта на Светиот Дух. Миропомазанието е Света Тајна во која низ помазувањето со свето миро на одредени делови на телото во името на Светиот Дух на крштеваниот му се даваат особени дарови на Светиот Дух, коишто го укрепуваат, просветлуваат и восовршуваат во духовниот живот. А најважно од сè е тоа дека со крштевањето Христос се вселува во срцето на човекот.
Свештеникот на новокрстениот крстообразно му пресекува малку од косата. Тоа е прв дар што тој Му го принесува на Господ по своето крштевање.  
Светата Тајна Крштение е заокружена во сета своја полнота со причестувањето со Светите Тело и Крв Христови. Затоа, новокрстениот неизоставно треба да се причести на првата Литургија по Крштевањето.
Одложувањето на крштевањето од кои било причини, пред сè, е неполезно за нашата душа, и е неоправдано. А за крајниот исход не сакам ниту да помислам. Освен тоа што ја губиме можноста да уживаме во сите благодети што ни ги дава Црквата преку Светите Тајни, додека сме живи, ја губиме и можноста на крај, достојно да бидеме и погребани. Само колку да знаеме, не постои служба за погребение на некрстен.
И, затоа без двоумење, правете сѐ како што поучува Црквата, за да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји среде лош и расипан род, во кој ќе светите како светила во светот (Филип. 2, 14-15), бидејќи сѐ што е соединето со Бог, спасено е.

 

Извор: ППРЕМИН бр.55 - 56