Има луѓе кои се венчале, добиле деца, дочекале внуци, а никогаш не се вљубиле еден во друг…
Никогаш вистински не се засакале. Живееле во ист дом, телесно присутни, но душевно и духовно отсутни. Всушност, семејството го доживувале како некаква фирма: да се венчам, да имам деца, внуци, викендички, да си поминам убаво и сè да биде прекрасно. Суштина и длабочина… Нула.
Таквиот брак ќе го изеде забот на времето, а на крајот сè ќе остане само на тоа. За жал, другиот човек го гледаме како средство преку кое ќе задоволиме некои свои себични желби, а не како сопатник со кого заедно ќе чекориме кон спасението и Рајот. И тоа е еден облик на пекол.
Заедницата е создадена од некакви користољубиви побуди. Се соединиле две нарцисоидни личности, а резултатот е пустина, празнина. Едниот никогаш не ги слушнал зборовите „Те сакам“ од другиот. Изградиле куќи, ѕидови, купиле ниви, но цветот на бракот на крајот не расцутил. Жената сакала да стане мајка, а мажот едноставно сакал некоја жена покрај себе. Врска, брак без суштина, без смисла, без цел. Само поради некои општествени „мора“ и ништо повеќе.
Едниот сакал убаво да си помине на сметка на другиот, наместо да му служи со љубов. Многу бракови се склучуваат затоа што, всушност, едниот сака да ги задоволи своите желби и наоѓа некого што ќе му помогне да ги оствари.
„Сакам да се венчам со тебе за да создадам семејство, да имам деца, да имам некого покрај себе.“
А што ако не создадете семејство? Ако не дојдат деца? Ако другиот се разболи? Ако животот ви се промени по сообраќајна несреќа?
„Сакам да се венчам со тебе затоа што си човекот со кого сакам заедно да чекорам по патот на осветувањето и спасението. Сакам да се венчам со тебе затоа што те сакам, без никакво „затоа што“, без услови, желби и очекувања. Сакам да се венчам со тебе затоа што сакам нашата љубов да ја принесеме пред Христос, без оглед на цената што ќе треба да ја платиме.
Без разлика дали ќе имаме едно дете, многу деца, болни деца или воопшто нема да имаме деца; без разлика дали ти ќе се разболиш — ќе бидам покрај тебе до смртта, со сè што тоа подразбира.
Не сакам да живееме во ист дом како двајца странци, туку како двајца што се сакаат вечно. Сакам да се венчам со тебе затоа што те сакам. Без „затоа што“, без услови, очекувања и желби.
Не очекувам да имаме деца, ниту очекувам децата да му дадат смисла на нашиот живот. Нашата смисла е Христос, Кој е и темелот на нашата љубов. Што и да дојде или да не дојде, ние ќе речеме: „Главите свои на Господа да Му ги приклониме“.“
Да не заборавиме дека има и такви кои добиваат деца иако се на работ на развод, затоа што мислат дека така ќе му дадат нов живот на бракот, или едниот се посветува на новиот член на семејството за да не мора да се соочува со другиот. Тоа се постапки со катастрофални последици. Го гледаме детето како некаква играчка, затоа што самите сме неспособни да донесеме правилни и исправни одлуки.
Прекрасни се бракот, децата, внуците и сè она што ќе го создадеме. Но, ако начинот на кој живееме и ги градиме овие нешта не е насочен кон осветувањето и спасението, тогаш сè ќе се претвори во прашина и парчиња. Без Христос, филмот едноставно ќе заврши со едно тажно „КРАЈ“.
Многумина се гордеат со она што го постигнале во животот, но всушност засадиле цвеќиња во песокот, без да ги наводнуваат, па на крајот се гордеат со гробишта од нешта што некогаш ги имале.
Ако нашите желби не се насочени кон Небото, тогаш ќе живееме духовен живот изграден врз песок.
Што ќе ми се децата, внуците и викендичките кога во себе носам празнина, тага и не чувствувам ништо кон човекот со кого сум се венчал?
Прегрнувајте го често својот сопружник во текот на денот. Кажувајте му зборови на љубов и нежност.
Не стапувајте во брак затоа што така треба, ниту за да задоволите разни свои желби. Венчајте се затоа што другиот е ВАШИОТ ЧОВЕК во вечноста.
Да Му ја отвориме вратата на Господ, за заедно со Него пустината на нашиот живот да ја претвориме во Рај, таа да стане дел од Небото.
Со неколку зборови…
Брак заради тоа што ќе рече светот или брак за славата на вечноста и Божјата љубов?
Правете добри избори…


протопрезвитер Спиридон Скутис