Мислата не е заповед


Мислите можат да создаваат поголема врева од целиот свет. Се повторуваат, се расправаат меѓусебно, предвидуваат, осудуваат, го пресоздаваат минатото и измислуваат иднината. А човекот станува уморен уште пред нешто да се случило. И што е уште потешко: почнува да верува дека сè што мисли е вистина.
Но мислата не е заповед. Не е пророштво. Не е секогаш ниту наша, во онаа смисла во која ние ја доживуваме. Некои мисли се стари стравови, други се последица на замор, а трети се рани кои бараат внимание. Ако трчаме по секоја од нив, умот повеќе нема да најде одмор.
Молитвата може да стане враќање, а не насилна борба. Умот се расејува? Го враќаме. Повторно доаѓа стравот? Повторно Го повикуваме името на Господа. Без да се караме самите со себе.
А ако вознемиреноста е преголема, треба да побараме помош — духовна, психолошка или медицинска.
Одморот не доаѓа тогаш кога ќе исчезнат сите мисли, туку тогаш кога човекот повеќе нема потреба да ја следи секоја од нив.
Тогаш, малку по малку, се создава простор за мир.
Господи, толку можам
Човекот ужасно се срами од својата немоќ. Сака да може, да издржи, да не падне, да не зависи од никого. А кога повеќе не може, почнува да се осудува себеси:
„Каков човек сум јас? Зошто повторно дојдов до ова?“
Но можеби прашањето не треба да биде само: „Зошто сум слаб?“, туку и: „Што правам со својата слабост?“
Скриената немоќ лесно се претвора во гнев, во срам, во лага кон самите себе. Но признаената немоќ може да стане место на средба.
Не затоа што слабоста сама по себе е добра, туку затоа што токму таму паѓаат нашите заблуди за сопствената сила.
Бог не го чека човекот на крајот од неговите сили за да го понижи. Го чека за да може вистински да го прими.
Понекогаш најчистата молитва не е онаа што е убаво составена, туку онаа во која остануваат само зборовите:
„Господи, толку можам.“
И можеби токму таму започнува дејството на благодатта.Не тогаш кога човекот станува восхитувачки, туку тогаш кога престанува да ја игра улогата на оној што може сè.
Можеби радоста не исчезнала во еден единствен ден. Можеби малку по малку сме ја оставаа по патот: во некоја задржана огорченост, во споредувањето со другите, во грижата што предолго сме ја хранеле, во едно „морам“ изговорено илјадапати. И еден ден човекот забележува дека го прави сето она што треба, но речиси ништо повеќе не чувствува.
Тогаш се појавува прашањето: Кој ми ја измори душата?
Луѓето? Животот? Или можеби начинот на кој самиот избрав сè да носам?
Постојат вистински товари, да. Но постојат и товари што самите си ги додаваме: потребата да контролираме сè, да им угодиме на сите, да не погрешиме, да не побараме помош.
Радоста не е задолжителна веселост. Таа не може да се нареди.
Таа се раѓа кога душата почнува да се ослободува од она што ја врзува. Кога простува. Кога ја кажува вистината. Кога застанува. Кога се осмелува да ја прими Божјата љубов без да мисли дека најнапред мора да заслужи сè.
И можеби токму таму повторно се отвора нешто што изгледало изгубено.

Раната што ја познаваме можеме да ја принесеме пред Бога

Болката не секогаш доаѓа од местото од кое мислиме. Понекогаш нè повредува некој збор изговорен денес, но она што навистина боли е нешто многу постаро. Некоја отфрленост, недостаток на љубов, страв што сме научиле да го криеме. И тогаш реакцијата е поголема од самата случка, затоа што, всушност, не плаче само човекот што сме денес. Плаче и неговата стара рана.Затоа болката треба да ја следиме до нејзиниот корен. Без брзање.
„Што толку многу ме повреди? Зошто? Што изгубив? На што се надевав, а не го добив?“
Не за бескрајно да се вртиме во минатото, туку за да не му дозволиме на минатото да управува со сегашноста.
Раната што ја познаваме можеме да ја принесеме пред Бога. Скриената рана дејствува сама.Исцелувањето не значи дека повеќе нема да се сеќаваме. Тоа значи дека споменот повеќе ја нема истата сила.
Кога болката ќе добие вистина, молитва, Исповед и, кога е потребно, човечка помош, таа почнува да се преобразува.
Не исчезнува човекот што страдал. Но се раѓа слободата повеќе да не се живее само од страдањето.

Мајка Силуана Влад
Подготви С.Стефковски

21.09.2026