Омразата не го уништува другиот — најпрво го труе твоето срце

Омразата никогаш не останува само насочена кон оној кого го мразиме. Најнапред согорува во срцето на оној што ја носи. Зависта не го намалува доброто на другиот, туку ја суши радоста на оној што ја храни. Од нив се раѓаат осудувањето, одмаздата, сомнежот, лошиот збор, желбата да го видиме другиот паднат. И, полека, душата почнува да се храни токму со она што ја труе.
Кога овие страсти се чуваат долго време, умот повеќе не наоѓа мир. Повторно ги преживува истите неправди, истите споредби, истите рани. И телото може да ја носи таа напнатост преку немир, замор и стегнатост. Не секоја болест доаѓа од гревот, но омразата и огорченоста можат да му додадат тежок товар на веќе уморното битие.
Најопасниот миг е оној кога човекот почнува да ја оправдува својата темнина: „Заслужува да го мразам. Имам право да не простам.Тогаш гревот повеќе не е само пад, туку почнуваме да го оправдуваме како нешто исправно. А она што го браниме, пушта корен.
Исцелувањето бара болно прекинување: молитва за оној што нè повредил, искрена исповед, запирање на лошиот збор, откажување од желбата за одмазда и, понекогаш, здрава дистанца без омраза. Простувањето не значи дека злото го нарекуваме добро, туку дека одбиваме да му дозволиме да живее во нашето срце.
Омразата ветува правда, а остава пустош. Зависта ветува споредување, а го краде мирот. Само љубовта, очистена со вистината, може да го прекине ова наследство на злото пред да премине од една душа во друга.
Раната можеби останува, но болката не мора да го има последниот збор
Постојат рани на душата кои не заздравуваат брзо. Некои остануваат со години, понекогаш и цел живот, и токму тука се појавува најтешкото искушение: да ги гледаме како осуда.
Но раната што трае не значи дека Бог го заборавил човекот, ниту дека неговиот духовен живот доживеал неуспех.
Христијанинот не е повикан да ја сака болката, туку да не ѝ дозволи да го оддели од Христос. Болката може да го направи човекот огорчен, да го изолира, да роди бунт, но може и да го смири, да го очисти неговиот поглед и да ја скрши гордоста со која мислел дека може да се потпира само на себе.
Понекогаш исцелувањето не значи раната да исчезне, туку да се промени начинот на кој ја носиме. Кога товарот ќе го принесеме во молитва, во исповедта, во животот на Црквата и во трпението, истата онаа рана која порано нè скршувала може да стане место на средба со Бога.Надежта не вели: „Повеќе не боли.“ Надежта вели: „Болката го нема последниот збор.“ Тука започнува вистинската борба: не бегството од страдањето, туку одбивањето да му дозволиме да ја затемни душата.
Понекогаш она што не се исцелува целосно овде може токму да стане местото преку кое човекот ќе научи на смирение, милост и доверба во Бога. Не болеста го спасува човекот, туку начинот на кој душата останува соединета со Бога среде неа.
Не мораш цел живот да се казнуваш за она за кое Бог ти простил
Постојат стари грешки кои повеќе не можат да се поправат на начинот на кој би можеле тогаш. Збор кажан предоцна, нечие отсуство, одлука што повредила, љубов што некој не умеел навреме да ја покаже. Годините минуваат, но понекогаш совеста не минува. Таа повторно и повторно се враќа на истата рана и вели: „Само да постапев поинаку...“
Жалењето може да стане покајание, но може да стане и облик на самоуништување. Човекот почнува да верува дека треба засекогаш да страда за да го отплати она што го направил. Си го одзема мирот, радоста, па дури и близината со Бога, како простувањето да е премногу големо за него.
Но Бог не бара да ја обожуваме раната. Тој ја бара вистината. Исповедта не го менува минатото, но може да ја прекине моќта со која минатото продолжува да ја труе сегашноста. Вистинското покајание не вели: „Јас не вредам“, туку: „Згрешив и повеќе не сакам да живеам од оваа грешка.“
Понекогаш е потребно повеќе смирение за да го примиш простувањето, отколку за да се осудуваш себеси. Да останеш засекогаш во вина може да изгледа како покајание, но понекогаш тоа е само одбивање да поверуваш дека Божјата милост може да допре и до најдлабокото место на срамот.
Кога љубовта останува без одговор
Понекогаш најтешката осаменост не доаѓа од недостатокот на луѓе, туку од сознанието дека оние за кои си живеел повеќе не прашуваат за тебе.
Мајката може да остане со нем телефон во рацете. Таткото може да ја чека вратата што повеќе не се отвора. А срцето тивко почнува да се прашува:
„Зарем станав толку малку важен за оние што толку многу ги сакав?“
Оваа болка не секогаш вика. Понекогаш се вселува во телото, во сонот, во желбата за живот, во начинот на кој човекот постепено почнува да се повлекува.И постои опасност раната да се претвори во прекор, во горчина, во внатрешно проколнување на оние што заборавиле.
Но вистинската љубов не треба да дозволиме да изгние во огорченост.
Она што повеќе не можеме да го примиме од луѓето, можеме да го исплачеме пред Бога.
Молитвата не го менува насила срцето на другиот, но може да го спречи нашето срце да потемни.
Понекогаш најтешкиот подвиг е да продолжиш да љубиш, иако повеќе не го добиваш одговорот што си го очекувал.
Не како жртва, не како роб, туку како душа која одбива туѓото напуштање да ѝ ја убие способноста да љуби.
Мајка Силуана Влад
Подготви С.Стефковски
11.09.2026