ПИЈАНСТВО

slika10.jpgВо делата на свети Димитриј Ростовски се среќаваат многу корисни, поучни, застрашувачки и отрезнувачки поуки за оние што имаат слабост кон алкохолните пијалаци (ракија, вино, пиво...). И оваа страст, во наше време, станала една од најраспространетите и е виновна за многу зла, страдања, несреќи и беззаконија. Заради тоа овде ќе наведеме скратено разгледување на овој свет отец, со цел да предизвикаме покајание и желба читателот да ја совлада оваа болест, ако боледува од неа.

Виното е потсмевка, ракијата - бунтовник; и секој, кој им е потчинет, не е разумен ( Изрек. 20, 1). Тоа предизвикува голема штета, за тоа нема потреба да се разговара, зашто тоа секој може да го види од секојдневното искуство.

Философот Анахарсис, кој бил славен меѓу старите Грци, велел дека лозата раѓа три грозда: прв е гроздот на задоволствата, вториот е гроздот на опиеноста, а третиот е гроздот на тагата. Ова тој го објаснувал со тоа што, виното што се пие во мали количини, претставува задоволство и е корисно за човекот, зашто ја гаси жедта, корисно е за стомакот (на грчки - желудникот - прим. на ред.) и го весели срцето, додека во големи количини пијалакот го опива човекот, предизвикува многубројни расправии, ја распалува лутината и поттикнува на кавги и тепачки, после што следат големи маки.

Пијанството навистина е содомско-гоморско лозје и нема други гроздови, освен гроздови на бес, тага, преполни со змиски и аспидски отров што раѓа лутина зашто каква е градината такви се и нејзините плодови!

Првиот грозд на опојното лозје се состои во помрачување на умот, во поматување на разумот и уништување на паметта, зашто силата на пијанството, кревајќи се од желудникот полн со вино кон главата, го помрачува мозокот и го поматува умот. Затоа се случува многумина да не знаат за себе во пијанството, не знаат што прават и што зборуваат, како безумници, а ако им се случи некоја несреќа или ако добијат рани, тие наутро не се сеќаваат.

Вториот грозд е бесрамноста, бидејќи пијаниот човек не се срами од никого, туку, губејќи го срамот, изговара пцовки, непристојни, хулни, бесрамни, грди и недостојни зборови за невините уши, а неговата уста е како празен свињарник преполн со смрдлив гној, неговиот јазик станува сличен на лопата со која се исфрлува гнојот. Срцето на таквиот човек не може да биде ништо друго, освен скриено место на многу зла, откаде што не може да излезе ништо добро, како што се вели во Евангелието: Лошиот човек од лошото сокровиште на своето срце изнесува лошо; оти, од преполнето срце зборува устата негова (Лк. 6, 45).

Третиот грозд на опојната винова лоза е предавството на тајните, зашто се она што трезвениот го чува длабоко во срцето, покривајќи го со молчење, без разлика дали тоа се негови лични тајни или тајни што некој му ги доверил, сето тоа пијаниот човек им го открива на сите. Освен тоа, и на се она што одамна е направено и што паднало во заборав тој се присетува и го оживува како мртовец. Таквиот човек личи на бочва, полна со нов пијалак, во која, во пијалокот што врие и претекува, квасецот не се задржува на дното, туку се крева нагоре и бидејќи внатрешната топлина го тера од бочвата, тој се прелива. Слично на ова, во пијаниот човек силата на пијанството ги поматува тајните на срцето и ги истерува надвор. Тој со својата уста ги открива тајните. Како што се исфрлува храната од желудникот полн со пијалок, и тајните се исфрлуваат со повраќањето. Кај пијаниот и двете, односно и храната и тајните, се претвораат во блувотина.

Четвртиот грозд на опојната содомско-гоморска винова лоза е распалувањето на сладострасноста за телесно општење. Затоа апостолот советува: И не опивајте се со вино, од кое произлегува блуд (Еф. 5, 18). И свети Василиј Велики вели: „Нема сомнение дека од виното, како од некој извор, истекува незауздана сладострасност, што во многу нешта ги надминува, дури и сите бесловесни битија во односот кон женскиот пол, зашто бесловесните животни не ги пречекоруваат границите на природното, а оние што се опиваат со вино во машките бараат женски пол, а во жените - машки пол".

Петтиот грозд, преполн со змиски и аспидски отров се: лутината, гневот, непријателството, караниците, тепачките и крвопролевањата. Пророкот Осиј вели: Одвратно е пијанството нивно; наполно се предале на блудство; нивните кнезови сакаат се што е срамно (Ос. 4, 18). Затоа на оној што си спомнува за мудрите изреки (цар Соломон) му изразува осуда: На некого - ах, на некого ох, на некого - кавга, на некого жал, на некого рани без причина, на некого зацрвенети очи? На оние, што заседнуваат околу вино, кои одат да бараат вино со ароми (Изрек. 23, 29-30). И Сирах поучува: Не покажувај јунаштина во виното; многумина виното погубило. Во печката се проверува острицата на челикот, а во виното срцата на гордите преку пијанството (Мудр. Сир. 31, 29-30). Овој истиот уште вели: А жалост е за душата кога многу се пие, кога се пие со страст и Гнев. Пијанството од виното ја зголемува жестокоста (Мудр. Сир. 31, 34-35).

Шестиот грозд на опојното вино е: нарушување на здравјето, ослабување на телесните сили, тресење на рацете, главоболки, слабеење на видот, болест на желудникот, воздишки, болести, предвремена старост, скратување на животот и рана смрт.
Седмиот грозд е трошење на имотот, пропаѓање на богатството и отсуство на добивка. Работник пијаница, вели Сирах, никогаш нема да се збогати (Мудр. Сир. 19, 1).

О колку многу се оние што од големо богатство дошле до голема беда. Како пример може да послужи блудниот син.
Осмиот кисел грозд претставува лишувањето од спасението, бидејќи пијанството ги уништува, како материјалното богатство така и духовните богатства. Тоа се дрзнува на секој грев зашто човекот во пијана состојба не се срами, не се плаши и не се гнаси од гревот, од кој трезниот човек се гнаси и се плаши и се срами. За тоа јасно зборува свети Јован Златоуст: „Пијанството, ако во некого најде целомудреност и срам, и разум и кротост, и смиреномудрост, се превртува во бездната на престапот на законот." Апостолот зборува вистина: Ни пијаниците нема да го наследат Царството Божјо (1 Кор. 6, 10).

Деветтиот грозд е гневот Божји, зашто оној што се опива, престапувајќи ги Божјите заповеди, со своите гревови го поттикнува на гнев Бога. Заради тоа пророкот Исаија извикува: Тешко им на оние, кои од рано утро бараат сикер и до доцна вечер се згорештуваат со вино; на нивните гоштавки има и гитара, и гусле, и тимпани, и свирка и вино; а кон делата на Господа тие и не погледнуваат, ниту помислуваат за делата на неговите раце (Иса. 5, 11-12). На таквите и пророкот Јеремија им вели: Пијте и опивајте се, повраќајте и паднете, и не станувајте, кога ќе го видите мечот, што ќе го испратам против вас (Јерем. 25, 27).

Десеттиот и најгорчлив грозд од опојното лозје е несомнителното погубување на душата, зашто другите грешници, кога се приближува часот на нивната смрт, можат да се покајат и да зажалат за гревовите, имајќи трезвен ум. Како може пијаницата, умирајќи да се покае, ако не знае за себе и ако не знае дека му се приближил неочекуваниот крај? Оној што умира без покајание, не може да го избегне пеколот.
Ете, какви се плодовите на ова содомско-гоморско лозје, т.е. пијанството, чиј вкус, на почетокот, на човекот му изгледа сладок, но подоцна се претвора во жолчна горчина и во змиски и аспидин отров.

Сето ова не е речено за да се хули виното, туку за да се укори пијанството, зашто Бог го создал виното за радост и здравје на луѓето, а не за пијанење и штета. Свети Јован Златоуст вели: „Виното е дадено за да се веселиме, а не за карање, за да се смееме, не за да бидеме исмејани, за да бидеме здрави, а не болни, за да ја поправиме слабоста на телото, а не за да ја уништувме душевната сила". „Пијанството не е од виното, туку од неумерената употреба: виното ни е само заради телесно здравје, но препрека за ова е неговото неумерено употребување". Истиот овој свет човек смета дека пијаниците, поради нивното безмерно опивање, се понедостојни од кучињата, магарињата и другите бесловесни животни, зашто ниту едно животно не јаде и не пие повеќе од она што му е потребно, и никој не може да го присили да јаде или да пие повеќе отколку што бара природата. Човекот што пие без присила, се повеќе и повеќе ја полни својата утроба, така што самиот себе си штети.

Значи, немој да мислиш дека овој грев не е од голема вжност, дури и ако не пиеш постојано, туку само повремено; чувај се повеќе да не се опиваш, зашто ако имаме намера да почнеме нов живот според христијанскиот закон, борбата често станува посилна и она што порано било незабележливо искушение, подоцна станува многу големо, околу сите слаби точки на нашата душа се собираат многу лукави демонски стапици и замки. Пијанството е поопасно од другите гревови затоа што почнува незабележливо, а потоа, во душата, се вовлекуваат страшни повици на грев што пијаницата лесно ги прифаќа и ги исполнува на дело. Ниту еден грев не почнува толку невино (на изглед) како овој и не доведува до толкави падови, и најужасни и најтешки последици. Но, потребно е да се издржат многубројни напори и труд за да се совлада оваа страст, неопходно е искрено покајание и молитвено обраќање кон Господа и Неговите светии за Негова помош (особено, често, за избавување од оваа страст луѓето го молат светиот маченик Бонифациј).

 

(Продолжува)

Извадок од книгата:

ПОКАЈАНИЕТО- ПАТ КОН ВЕЧНОСТА

Издавач: Канео ,Охрид, Дебарско- кичевска епархиј

Друго: Pokajanie.korica.jpg