Архимандрит Лазар Витаниски

 

ИЗБУВЛИВОСТ И РАЗДРАЗЛИВОСТ

porta.drvo.jpgПојавата на овие страсти многу луѓе ја оправдуваат со физиолошки причини, таканаречена „нервозност", што е последица на неприликите и патењата што им се случиле, на напнатоста на современиот живот, тешкиот карактер на роднините и блиските. Иако такви причини често постојат, сепак не можат да служат како оправдување за оваа, по правило, длабоко вкоренета навика својата раздразливост, лутина и лошо расположение да ја исфрламе на ближните. Раздразливоста, избувливоста и грубоста на прво место го разоруваат семејниот живот, доведуваат до расправии, обично, за глупости, предизвикувајќи возвратна омраза, желба за одмазда и злопамтење, ги озлобуваат срцата на добрите луѓе кои, во принцип, се сакаат. А како заразно дејство има и искажување на гнев на младите души, разјадувајќи ја во нив од Бога дадената нежност и љубов кон родителите! Ние можеме и сме должни да чувствуваме гнев само кон своите гревови и недостатоци. Свети Нил Синајски советува човекот „да биде кроток кон луѓето, но борбен против нашиот непријател, зашто во тоа се состои природното користење на гневот, за решително да му се спротивставуваме на древната змија (ѓаволот)." И уште: „Кој им го памти злото на демоните, не е злопамтило кон луѓето."
Дури и кога разговараме за нешто, тоа треба да го правиме без озлобеност и гнев затоа што раздразливоста веднаш се пренесува на другиот. Често причина за гневот е вообразеноста, гордоста, желбата човекот да ја покаже својата власт над другиот, да се разоткријат неговите пороци, заборавајќи на своите гревови. Пред исповедта треба да се сетиме: да не чувствуваш, брате, можеби озлобеност кон својот ближен и дали си се помирил со него во своето срце? Дали, после навредата што си му ја нанесол на некого, ја исправи грешката кон него, да не останала болка и огорченост во неговото срце? Сети се и покај се за она што си згрешил и, ако е можно, помири се со него пред исповедта, побарај простување од оној што си го разжалостил, а за оние што те навредиле помоли се, посакувајќи им од сето срце се најдобро.
Таму каде што луѓето долго живеат заедно, особено во тесни услови, каде што често се едни покрај други - ѓаволот внесува помеѓу нив неслога, омраза едни кон други, се раѓа постојана раздразливост, осудување, дури и одвратност и непријателство. Сето тоа е дело на злобната страст. На човекот почнува да му изгледа дека ближниот се однесува потполно невозможно, сите негови постапки му изгледаат крајно лоши, предизвикувачки, непристојни. Тоа е познато искушување од нечистите сили. Кога ќе пронајде една, било која лесно раздразлива точка во човечката душа, ѓаволот почнува тука постојано да подбоцнува и со клевета и лага да го поттикнува на гнев се додека не ги рашти-ма сите душевни жици за душата секогаш да биде подготвена да одговори на секоја гневна помисла - и нечистите сили на тој начин, наоѓајќи си отвор на душата за себе, набрзо во неа доведуваат мноштво непријателски чувства кон братот и така човекот лесно го доведуваат до настап на бес, односно до лута омраза кон ближниот. Заради тоа е важно да се следат, на самиот почеток, таквите непријателски помисли, ситна раздразливост и гневни испади - и веднаш да им се стави крај така што човекот ќе ги исповедува и, доколку постои таква можност, тој треба често и јасно таквите помисли да ги открива пред свештеник. А тој со збор или совет може лесно да помогне сличните мисли да се отсечат и да се спречи понатамошниот развој на болеста.
Меѓутоа, крајно некорисно е да сметаме дека човекот треба да ги израмни сметките со оној кон кого се појавила ваква злоба - токму тоа го сака ѓаволот. Треба да се издржи докрај, знаејќи го правиот извор на тоа зло. Зашто кога човекот, поттикнат од злиот дух на лутината, негодува на ближниот и него, а не ѓаволот и својата страст, го смета за виновник, тогаш тој, по зборовите на отците на Црквата, личи на куче, кое луѓето го гаѓаат со камења, а тој се фрла на нив, ги гризе, а всушност не го забележува оној што го гаѓа. Значи, таа страст денес е многу развиена, а за нејзино лекување е потребно многу внимание, борба, често исповедување, смиреност пред ближните, самопрекор, многу молитви со метании за себе и за оние против кои се појавила борба во човекот. Вистинските христијани, оние што со својата душа посакале да му послужат на својот Господ и што побарале потполно очистување на срцето, често за себе барале или наставник или брат со тежок, строг или, дури, со раздразлив карактер за, живеејќи покрај него, да мораат постојано да се смируваат и преку тоа да се научат на кротост и незлобивост. Такви примери често можат да се сретнат во житијата на светиите.


ОСУДУВАЊЕ

Осудувајќи ги туѓите недостатоци (вистински или привидни), човекот смета дека е подобар, почист, попобожен, почесен и попаметен од другиот. Меѓутоа, не е така: „Оној што има чисто срце, смета дека сите луѓе се чисти, а оној чие срце е изгнасено со страсти никого не го смета за чист, туку мисли дека сите се слични на него" (ава Исаија). Нашиот суд никогаш не е непристрасен зашто, најчесто, се заснова на случаен впечаток или се донесува под влијание на лична навреда, раздразливост, гнев или случајно расположение.
Православниот христијанин безусловно може и мора да протестира против неправдата и неправедноста, да ги заштити навредените. Но, да воспостави вистина може само оној што е достоен, кој го заслужил правото да ја заштити, кој може самиот скромно да ја сослуша вистината за себе и кој со кротост може да се покае за сопствените гревови.
Осудувањето, јавно или одвај забележливо, е еден од најчестите гревови, кој најтешко се исповедува затоа што е како ситна прашина расеан по целиот наш живот, во сите наши дејства, меѓутоа, оваа прашина е крајно штетна. Еден збор на осуда, една прекорна мисла често (како што е познато од житијата на светите отци) човекот, па дури и ревносните подвижници потполно ги лишувала од Божјата благодат. Една мала осуда може да го лиши христијанинот од награда за големи и долготрајни трудови, во еден момент може да направи душата да остане потполно ограбена, опустошена, падната, иако до пред малку се радувала и се веселела со духовна радост. Во светото евангелие од устата на Самиот Господ често слушаме предупредување по повод осудувањето на ближниот: „Не судете за да не ви се суди!", „Со каков суд судите, со таков и ќе ви се суди", „Прости ни ги долговите наши, како и ние што им ги простуваме на нашите должници". Изговорајќи ја молитвата Господова „Оче наш", директно си изрекуваме тешка пресуда, доколку ги осудуваме ближните и не им го простуваме гревот што го направиле против нас.
Најкраток, најлесен и најрадосен пат за Царството Небесно е, ако човек никого (ниту малку) не осудува, ако секогаш го трга погледот од гревот на ближниот и се труди да ги види своите гревови, ако се прекорува себеси и се смета за помал од својот брат. Проживеј макар еден ден така и ќе почувствуваш дека веднаш му се приближуваш на Бога. Ако никого не осудиш, тогаш, и покрај многуте гревови, може да бидеш помилуван на судот, а ако осудуваш, и покрај достојниот, строг и во се примерен живот кај тебе ќе се најдат многу гревови за кои ќе ти биде многу строго судено. Заради тоа нашите отци толку се плашеле од тој грев, така што го чувале секое свое чувство, збор и мисла, се труделе да не покажат осуда ниту со мал прекор или движење на главата, како ниту со прекореи поглед или воздишка. Доколку нападно ти доаѓаат помисли на осуда од демонот, не давај им да се вселат во срцето, а ако се допрат до срцето, потруди се да не ги покажеш, ако премолчиш, лесно ќе можеш да ја истераш таа страст од срцето, а ако ја кажеш - тешко си згрешил!

(Продолжува)

Извадок од книгата:

ПОКАЈАНИЕТО- ПАТ КОН ВЕЧНОСТА

Издавач: Канео ,Охрид, Дебарско- кичевска епархиј

Друго: Pokajanie.korica.jpg

ЧОВЕКОУГОДУВАЊЕ

ДУХОВНА ПРЕЛЕСТ (ИЗМАМА)

БОГОХУЛСТВО И ЗАКОЛНУВАЊЕ ВО БОГА

 Што е тоа грев и кои се основни гревови (3) 

СВЕТА ТАЈНА ПОКАЈАНИЕ И ИСПОВЕД (2) 

ПОВИК КОН ПОКАЈАНИЕ