Bogorodica.DE.jpgПреку гревот, смртта и ѓаволот луѓето отпаднаа од Бог и се одродија. Но, Бог и Господ Христос заради безмерното човекољубие станува човек и засекогаш останува меѓу луѓето како Богочовек, како Црква. А Црквата со својот Богочовечки домострој ги спасува луѓето од гревот, смртта и ѓаволот. Новозаветната Себлаговест е: Црквата е Тело Христово. И Пресвета Богородица, раѓајќи ни Го Богочовекот Господ Христос, во суштина ја роди Црквата, бидејќи ѝ го даде телото на Црквата. Затоа, светата молитвена мисла на Црквата ја исповеда и ја проповеда оваа вистина, оваа севистина: Богородица е сесветла Црква Божја. Севкупниот Богочовечки домострој на спасението се извршува низ Неа и Нејзиниот Божествен Син. Богомудрите Отци на Црквата благовестуваат за Неа: „Навистина Света Марија ние со право ја нарекуваме Богородица, бидејќи ова име ја содржи сета тајна на домостројот на спасението“.
Пресвета Богородица е Мајка на Бог, и оттаму Мајка на сѐ божествено, сѐ свето, сѐ небесно, сѐ вечно, сѐ богочовечко, сѐ најдобро, сѐ најубаво. Од сѐ добро, Таа е најдобра; од сѐ свето, Таа е најсвета; од сѐ чисто, Таа е најчиста; од сѐ прекрасно, Таа е најпрекрасна; од сѐ добродетелно, Таа е најдобродетелна. Во сиот род човечки, после Господ Христос, Таа е најсовршена Богочовечка Седобродетел. Без сомнеж, Таа е најсовршен образец на сѐ најдобро.

Неспорно, Пресветата Богомајка е најголема и најбогата Дародарителка на родот човечки. Таа ни Го даде, ни Го роди Бог, како човек, како Богочовек. И со Него: Вечната Вистина, Вечната Правда, Вечната Љубов, Вечната Добрина, Вечниот Живот. И со тоа Таа го даде сето она што секогаш му треба на секое човечко битие: спасението, охристовувањето, обогочовечувањето, обожението, отроичувањето – сите свети тајни и сите свети добродетели. А низ сето и во сето тоа најмилото чудо, чудесниот и сечудесниот Бог Господ, Исус Христос Богочовекот. Заради сето тоа, севистинита и боговдахновена е благовеста на светиот отец наш Григориј Палама: Никој не доаѓа кон Бог освен преку Пресвета Богородица и од Неа родениот Посредник, и ниту еден од Божјите дарови не им се дава ниту на ангелите ниту на луѓето, освен преку Неа... Дева Мајка е неспоредливо поголема од сите и од сѐ... Таа е основа на пророците, глава на апостолите, храброст на мачениците, темел на учителите, слава на сѐ земно, радост на сѐ небесно, украс на сета твар. Таа е почеток и извор и корен на неискажливи добрини. Таа е врв и совршенство на сѐ свето. Преку Богомајката „светителите ја примаат нивната светост“.

А небесното име на Пресвета Богородица е Благодатна. Тоа Ѝ го донесе светиот архистратиг на небесните сили Гаврил. Тоа е Нејзиното евангелско име. Во него е сета човекољубива милост на Пресвета Троица кон човечкиот род.

Благовест не се нарекува ниту Божик, ниту Воскресение, ниту Богојавление, ниту Преображение, туку Благовештение. Зошто? Една црковна песна ни кажува: Вечната Тајна се открива денес; Бог станува човек, за човекот да стане бог. Благовеста, воплотувањето на Бог – тоа е првата половина, а втората половина е обожението на човекот со помош на Богочовекот. Со тоа најкратко е искажана смислата на светот, земјата и небото, човекот и човештвото. Во тоа е севкупното Евангелие на Богочовекот: очовечувањето на Бог и обожението на човекот. Дали е оправдана и посведочена оваа Благовест? Да. Бидејќи Богочовекот сето тоа го изврши, го исполни: Он Самиот стана човек, а луѓето се обожуваат станувајќи составни делови на Неговото Тело – Црквата. Тоа значи дека живеејќи во Црквата човекот постепено, со помош на светите тајни и светите добродетели, го истиснува од себе сето она што е грешно, смртно, минливо, а го внесува она што е свето, бесмртно, божествено. Всушност, постепено се обожува, станува учесник во Божјата природа со помош на добродетелите. Според богоносните отци луѓето стануваат богови по благодат, додека Господ Христос е Единствен Бог по суштина.

После Господ Христос – таа Себлаговест, прва Благовест е Пресвета Богородица. Бидејќи, Таа во потполност го исполни Евангелието Христово. Затоа е единствена безгрешна во човечкиот род после Единствениот Безгрешен. Иако, родена со првородниот грев, Таа остана слободна од секој личен грев заради Својот добродетелен живот и заради Својата слободна волја. Затоа е Таа после Бог најбожествено, најчисто, најсвето, најмилостиво, најсовршено битие. Затоа, Благовештение е Нејзиниот сепразник. Низ Неа Бог, станувајќи човек, во нашиот земен свет ги пренесе сите Божествени совршенства, сите Божествени вистини, сите Божествени реалности, и Таа е неспоредливо почесна од херувимите и пославна од серафимите. А Црквата? И таа е Себлаговест, и сите благовести заедно. Бидејќи Црквата е Телото Христово, а Христос е Глава на Црквата. Значи, Он Самиот е Себлаговест во Црквата, а со Него и во Него, и заради Него во Црквата и Пресвета Богородица.

Богородица е јадро на догмите Христови, олицетворение и живот, и бесмртност на сите евангелски вистини Христови. Затоа, раѓањето на Пресвета Богородица му објави радост на целиот свет, бидејќи од Неа засветли Сонцето на Правдата – Христос нашиот Бог, и уништувајќи ја клетвата даде благослов, и умртвувајќи ја смртта ни подари живот вечен.

Зошто Бог го создаде овој свет? Да биде храм Божји. А животот во него? Да биде богослужење. А луѓето во него? Да бидат богослужители. Но, луѓето овој свет го имаат претворено во идолиште, во престојувалиште на ѓаволот. Со што? Со гревот. Бидејќи со гревот му се служи на ѓаволот, а не на Бог. Така човечкиот живот од богослужење стана служење на ѓаволот, а луѓето од богослужители, служители на ѓаволот. Зошто Господ Христос дојде во овој свет? Да го освети и да го претвори во храм Божји, а луѓето да ги преобрази во богослужители и нивниот живот во богослужење. Човекољубивиот Господ Христос тоа го прави преку Црквата, бидејќи преку неа целиот свет стана храм Божји, а животот според Светото Евангелие богослужење. Најсовршен пример за тоа? Пресвета Богородица – живеејќи и воспитувајќи се во храмот, во Црквата. Целиот Нејзин живот беше непрестајно богослужење, деноноќно служење на Бог – со вера, молитва, пост, љубов, кротост, смирение, трпение, милосрдие и со останатите свети добродетели.

Пресвета Богородица е единствено сесовршено човечко битие после Богочовекот Господ Христос. Зошто? Затоа што најпотполно Го воплоти Бог во Себе. А да се воплоти Бог во себе и е смисла на човечкото битие. Заради тоа човекот и е создаден богообразен. Создадена според образ Божји душата е жив образ Божји во човекот, жива икона Божја, жив иконостас Божји во човекот. Всушност, човекот е создаден како жив храм Божји во којшто богообразната душа треба непрестајно да Му служи на Бог. Меѓутоа, човекот преку гревот го претвори храмот на своето битие во престојувалиште на ѓаволот, бидејќи преку гревот ѓаволот се вовлече во него, се всели во него, и седна на престолот на неговото срце. Така, светилиштето е претворено во идолиште. Служејќи им на гревот и на страстите како на идоли, човекот го претвори храмот на својата душа во идолослужилиште, и безумно го унакажа иконостасот на своето битие. Бог Словото стана човек, влезе во човекот, се воплоти, се вочовечи, за Бог да се зацари на престолот на срцето човечко, за човекот повторно да оживее, за повторно да стане храм Божји. 

Прв таков најраскошен и најсовршен храм стана Пресвета Богородица. Како? Воплотувајќи, а потоа раѓајќи Го Богочовекот. Самиот Бог живееше во Неа и се роди од Неа, Која е храм на Бог Словото. А тој свет храм на Бог Словото, тој жив храм постана така што Таа порасна, живеејќи и воспитувајќи се во храмот ерусалимски од својата трета до дванаесеттата година. Храмот беше Нејзин дом, и училиште, и небо, и земја, и вселена, и цела Нејзина вечност. Живеејќи и воспитувајќи се во храмот Божји, Таа Сама стана живиот храм Божји: се очисти, се освети, се подготви да Го роди Бог – Спасителот на светот. И Го роди. Во тоа е Нејзината Божествена совршеност и единственост и недостижност.

Таа Го роди Богочовекот, за Он нас да нѐ направи храмови Божји. Како? Со што? Со Својот севкупен богочовечки домострој на спасението, со Евангелието, со Црквата. Живеејќи во Богочовечкото Тело на Црквата луѓето стануваат храмови Божји. Затоа, светиот Апостол им благовестува на христијаните: Вие сте храм на живиот Бог; вашите тела се храм на Светиот Дух Кој живее во вас, Кој ви е даден од Бог. Или не знаете дека вие сте храм Божји и дека Духот Божји живее во вас. Одлика на храмот е одлика на Црквата: непрестајно богослужење, непрестајно служење на Бог. Тоа е христијанин. Секој вистински христијанин. На прво место најсовршен христијанин е Пресвета Богородица – да, да, да. Непрестајно да Му се служи на Бог со свети мисли, со свети чувства, со свети желби, со свети расположенија, со свети дела, со свет живот.

Времето и просторот се категории, составни делови на Црквата како Богочовечко Тело Христово, но тоа се исто така и вечноста и надвременоста. Низ Богочовекот и со Богочовекот и едното и другото се осветува, се обновува, бидејќи Црквата е Божјо пребивалиште. Како милосрден и единствен, навистина единствен Човекољубец, Господ Христос со Пресвета Богородица го изврши Својот неискажлив и страшен домострој на спасението. Затоа, молитвената мисла на Црквата воскликнува кон Пресвета Богородица како кон Онаа низ Која е извршен Богочовечкиот домострој на спасението: Ти, Богомајко, Единствена ги обнови природата и времето.

Пресветата Богомајка, првиот и најсовршен христијанин, го помина целиот богочовечки пат на спасението на Спасителот, пат на охристовување, од воплотувањето до Воскресението и Вознесението. Целиот Нејзин живот на земјата беше богоживот. Таа прва, и тоа на најсовршен и најпотполн начин Го доживеа Спасителот како спасение, како охристовување, како обожение, како отроичување. Бидејќи спасението не е ништо друго, туку доживување на Спасителот преку светите тајни и светите добродетели. Светопреданиската богочовечка вистина на Црквата за Пресвета Богородица накратко е оваа: како Адамов потомок, родена со првороден грев, Таа била подложна на законот на смртта, но како безгрешна и Пресвета Богомајка е воскресната од Нејзиниот Божествен воскреснат Син и вознесена во слава над херувимите и серафимите и сместена на престол над светите небесни сили.

Во Светото Предание смртта на Богомајката се нарекува Успение. Тоа значи: заспивање, упокојување, спиење, почивање, умирање. Смртта на телото како заспивање на телото, како сон на телото, тоа е благовест и реалност, кои единствено Богочовекот Хртистос му ги донесе на светот. Заспивањето на Пресветата Богородица уште се нарекува и божествено преселување, преместување – живоносна смрт. Пресветото тело Нејзино се вознесува кон Единородниот и возљубен Нејзин Син и Бог. Свештеното Успение на Пресветата Богородица не го нарекуваме смрт туку преселување кон Господ. Умреното тело на Пресветата Богомајка се полага во гроб, а после три дена се вознесува на небо. Свети Дамаскин благовестува: Пресветото тело на Богомајката се полага во преславен гроб; и од него после три дена воскреснува и се вознесува на небо. Мајката Божја е повозвишена од ангелските сили; Таа е работилница на нашето спасение. Господ Христос преку Богородица го изврши богочовечкиот домострој на спасението. Затоа: нема ништо помило од Мајката Божја.

По особена промисла Божја еден од апостолите, свети Тома, не беше присутен на преславното погребение на телото на Пречистата Богородица, туку дури во третиот ден пристигна во Гетсиманија. Светиот апостол Тома силно жалеше и тагуваше што не се удостои, како и останатите свети апостоли, за последниот благослов и целив од Пречистата Богомајка; исто така тој многу плачеше и затоа што единствено тој не ја виде божествената слава на прекрасните тајни и дела Божји, кои се јавија за време на Успението и свеченото погребение на Богомајката. Светите апостоли се сожалија над Него, и решија да го отворат гробот за да може свети Тома барем да го види мртвото тело на Преблагословената Богородица, да му се поклони и да го целива, и со тоа да ја олесни својата тага и да ја ублажи својата жалост. Но, кога светите апостоли го одвалија каменот и го отворија гробот, нив ги спопадна ужас: бидејќи го видоа гробот празен, во него не беше телото на Богомајката, туку само погребните работи, од кои излегуваше прекрасен мирис. Светите апостоли стоеја зачудени, и беа во недоумение што значи тоа. И со побожност и солзи целивајќи ја светата плаштаница што беше останала во гробот, тие заедно Му се молеа на Господ да им открие што се случи со пречистото тело на Пресвета Богородица.

Приквечер светите апостоли седнаа малку да се закрепнат со храна. А кај нив за време на трпеза постоеше ваков обичај: тие оставаа едно место празно, и оставаа на него парче леб во чест на Христос, и како Негов дел. А по завршетокот на трпезата, вознесувајќи благодарност, тие го земаа споменатото парче леб, наречено Господов дел, го подигаа во воздух славејќи го големото име на Пресвета Троица, и завршувајќи со молитва, говореа: „Господи Исусе Христе, помагај ни!“ И потоа го јадеа тоа парче како Господов благослов. Така правеа светите апостоли не само кога беа заедно, туку и секој кога беше сам. А сега во Гетсиманија, за време на трпезата, тие на ништо друго не мислеа и не разговараа освен за тоа како не се најде во гробот пречистото тело на Богомајката. И ете, по завршетокот на трпезата кога светите апостоли станаа и почнаа по обичај да го подигаат во воздух парчето леб, оставено во чест на Господ и да Ја слават Пресвета Троица, тие наеднаш слушнаа ангелско пеење. Подигајќи ги очите тие во воздух ја видоа жива Пречистата Мајка Божја, опкружена со мноштво ангели. Таа блескаше со неискажлива слава и им рече: „Радувајте се, оти сум со вас во сите денови“. А светите апостоли исполнувајќи се со радост, наместо вообичаеното „Господи Исусе Христе, помагај ни“, воскликнаа: „Пресвета Богородице, помагај ни“.

Од тоа време светите апостоли самите се уверија и целата Црква ја утврдија во тоа дека Пречистата Мајка Божја беше воскресната од Својот Син и Бог во третиот ден после погребението и беше со тело вознесена на небо.

Светопреданиската молитвена мисла на Црквата восхитено кружи околу светата вистина за воскресението на погребеното тело на Пресветата Богомајка и за Нејзиното вознесение на небо и за Нејзиното седнување на престолот на неискажливата слава Божја. Така најпрво и најпотполно и најсовршено продолжува богочовечкиот живот на Господ и Спасителот наш Исус Христос во безгрешната и Пресвета Богомајка, па потоа и во секој христијанин според мерата на неговата вера, и на неговото охристовување со светите тајни и светите добродетели во Богочовечкото тело на Црквата.
Молитвено и смиреноумно нурнат во преголемата тајна на воплотениот Бог, Свети Теодор Студит Исповедник, богоглаголиво ни ја кажува вистината за Пресветата Богомајка:

Облечени во облеката на добродетелите, го празнуваме празникот на погребението и преселувањето на небо на Пресветата Богородица. Денес земното небо, облечено во облеката на бесмртноста, се вознесува кон подоброто, вечно пребивалиште. Сега Богородица, затворајќи ги Своите телесни очи, ни донесува големи и блескави, никогаш незалезни светила: бдеење и молитвено посредништво за светот пред лицето Божјо. Сега, станувајќи бесмртна, Таа ги подига рацете Свои кон Господ за сета вселена. Вознесувајќи се горе, чистата Гулабица не престанува да нѐ заштитува нас кои сме долу. Заминувајќи со телото, Таа е со нас со духот; вознесена на небо, Таа ги изгонува демоните, бидејќи е молитвена застапница пред Бог. Во старо време смртта се зацари преку прамајката Ева. Светата Дева заспа; велам „заспа“, а не „умре“, бидејќи пренесена на небо, Таа не престана да го заштитува човечкиот род.

Со какви зборови ќе ја искажеме Твојата тајна? Умот се колеба, јазикот е слаб, бидејќи тајната е славна, висока и го надминува секој ум. Ти ја измени природата со неискажливото рождество Твое: дали некој некогаш слушнал дека Дева бессемено зачна? О, Чудо! Мајката Која раѓа во исто време е целомудрена Дева, затоа што Оној Кој од Неа се раѓа е Бог. Самиот тој факт се разликува од сѐ друго. Ти со право имаш во животоворното заспивање бесмртност на душата и телото... Дали некој некогаш знаел за такво преселување со какво се удостои Мајката Господова? И тоа е сосема праведно: бидејќи кој е над Онаа Која е над сите? Запрепастување го обзема мојот дух кога размислува за величината на исходот Твој – о, Дево! Се восхитува умот мој расудувајќи за чудесното заспивање Твое; јазикот мој замолкнува кога зборува за таинстовото на Воскресението Твое. И навистина, кој достојно ќе ги искаже сите чудеса Твои? Кој висок ум ќе искаже, кој красноречив јазик ќе ги опише вредностите и делата Твои, ќе ги изложи таинствата, славата, празниците и пофалбите? Секој јазик изнемоштува и замира. Бидејќи Ти го надминуваш, неспоредливо го надвишуваш со Својата големина секој највисок дел од небото, со блескањето на светлината – светлината на сонцето, со заслугите – величественоста на ангелите, и сите бестелесни умни сили.

Молитвено, благодатно нурнат во тајните на Богочовечкиот домострој на спасението на Црквата Христова, свети Симеон Нов Богослов ни ја открива тајната на Пресвета Богородица и Нејзината незаменливост во спасението на родот човечки. Тој благовестува:
Бог Отец направи свадба на Сина Си. На кој начин? Он прати од небесните височини еден од Своите слуги, архангелот Гаврил, да Ѝ каже на Дева: Радувај се! – Архангелот веднаш слезе на земјата и стана служител на тајната говорејќи Ѝ на Дева: Радувај се, благодатна, Господ е со Тебе!... По зборовите Нејзини: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“, влезе во утробата на Дева целото ипостасно, единосуштно Слово Божјо, и преку слегувањето и содејството на единосуштниот Негов Дух прими тело од светата и чиста крв Нејзина, станувајќи совршен човек со тело и душа. Какво неискажливо соединување! Каков таинствен брак Божји! Така е остварен сојузот меѓу Бог и луѓето: Он прими тело и подари Божество. Самиот надсуштествен и надприроден Бог се соедини неслиено со распадливата и бедна природа и нашето човечко битие. Значи, зачна Дева, и чудесно роди во две природи, Божествената и човечката, еден Син, совршен Бог и совршен човек, Господ наш Исус Христос. Но, раководејќи се од зборовите на светото Евангелие притоа можеме да кажеме нешто што таинствено се случува со сите синови на светлината. Значи, исто таков брак се случува и со секој верен син на денот: Бог со нас се соединува со пречист и пресвет брак и твори во нас некоја тајна, поголема од секаква човечка сила. А што е тоа што Господ го твори во нас? Еве што. Како што Синот Божји и Бог, влегувајќи во утробата на Пресветата Дева, и примајќи од Неа човечка природа, и станувајќи човек, се роди од Неа како совршен човек и совршен Бог, притоа Он е еден и ист, и Бог и човек неслиено. Така и ние луѓето, откако ќе поверуваме во Синот Божји и Синот на Секогашдева и Богородица Марија, и верувајќи го примаме со вера во срцата свои зборот за тоа и го исповедаме со устите, и притоа од сета душа се каеме за сите сторени гревови наши, веднаш она Бог Слово на Отецот влегува во нас, како во утробата на Секогашдева: ние го примаме Него, и Он станува во нас како семе. Слушајќи за оваа страшна тајна, ужаснувај се, но прими го зборот за тоа со вера и убеденост. Така и ние Го зачнуваме Него, не телесно, како што Го зачнала Дева и Богородица Марија, туку духовно – па сепак вистински. И ние го имаме во своите души Оној Истиот Кого Го зачна и Пресвета Дева. Ние во Синот Божји се облекуваме со благодатта на Светиот Дух, Кого го имаме во срцата свои. И ние кога веруваме од сета душа и се каеме скрушено, го зачнуваме во срцата свои Бог Словото, како Дева, имајќи ги душите наши девствени и чисти. И како што огнот на Божеството не ја изгоре Пресветата Дева, бидејќи беше себеспрекорна, така и нас не нѐ гори тој оган кога ги имаме срцата чисти и беспрекорни, туку тој во нас се претвора во небеска роса, во извор на вода жива, во поток на вечниот живот. А дека го примаме непокриениот оган на Божеството, за тоа говори Самиот Господ: „Јас дојдов да фрлам оган на земјата“. А тој оган е единосуштен по Божество на Светиот Дух, со Кој заедно влегува во нас и се созерцува и Синот со Отецот. Но, бидејќи Синот Божји и Бог веќе еднаш се воплоти, и на неискажлив и надумен начин се роди од Неа телесно, Нему Му е невозможно повторно да се воплоти, тогаш што прави Он? Он тоа беспрекорно тело, што го прими од Пречистата Марија Богородица, и во кое се роди од Неа, ни го дава во светата тајна Причест, и јадејќи ние Го имаме внатре во нас, ако достојно се причестуваме, целиот воплотен Бог и Господ Исус Христос, Синот Божји и Синот на Дева, себеспрекорната Марија, Која седи од десна страна на Бог и Отецот, а по сопствениот збор Негов: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв пребива во Мене и Јас во него“. И пребивајќи во нас, Он не произлегува од нас, ниту се раѓа телесно од нас, ниту е во нас како дете во утробата, како што беше во Пресвета Богородица. Он е бестелесно во тело, и се соединува на неопислив начин со нашето битие и природа, и нѐ обоготворува, бидејќи ние стануваме сотелесници Негови, тело од телото Негово и коска од коските Негови.

Светиот Богослов продолжува: Мајката на Господ Христос е Пресвета Богородица, бидејќи Го роди Воплотениот на неискажлив начин. А светителите, сите Го зачнуваат и Го имаат Него во своите души по благодат. Од себеспрекорната Мајка Своја Господ позајми пречисто тело, а Нејзе Ѝ подари Божество во замена за телото кое Таа Му Го даде. А од Светителите Он не позајмува тело, туку им го дава Своето сопствено божествено тело. Од Богородица неискажливо се роди Син Божји; а од Него се сите Светии, така што Мајката Божја е Мајка на сите Светии, Господарка, Царица и Владетелка, а сите Светии се Нејзини синови, бидејќи се причестуваат со пречистото тело на Синот Нејзин. Ова е чиста вистина, бидејќи телото Господово е тело на Богородица. И кога се причестуваме со ова тело Господово, ние исповедаме и веруваме дека се причестуваме со животот вечен. Така Светителите се сродници на Богородица од три причини: прво, тие имаат тело од иста земја, и душа од ист здив Божји; второ, Светителите се причестуваат со телото, кое Христос го прими од Неа; трето, секој Светител со осветувањето и благодатта на Светиот Дух, Кој слегува на него, Го прима во себе и целиот Бог, како што Пресвета Богородица Го прими и Го имаше во Самата Себе. Бидејќи, иако Таа Го роди телесно, нема сомнеж дека Таа Го имаше и духовно во Себе; Го има и сега и секогаш неразделен од Неа.

 

 Извор: ПРЕМИН бр. 51-51

Посети: {moshits}