Некои луѓе мирисаат на Бога.
Не знам дали ти се случило, но кога ќе им се приближиш
чувствуваш дека тука нешто се случува.
Нешто излегува од овие луѓе;
некоја сила, радост, благодат, светлина.
Ти доаѓа мило, се успокојуваш, се ослободуваш.
Не сакаш да си заминеш, да се одлепиш, да се разделиш.
„Каде да одам – велиш – тука мириса на Бог, рај, радост и светлина.
Како да одам пак кон мракот, сега откако ја сретнав Светлината“.
Кога ќе заспиеш во прегратката на Христос
не можеш во никоја друга прегратка да се смириш.
Освен ако не те потсетува на Неговото благоухание.
Една таква „поинаква“ прегратка сретнав во личноста на еден човек, кој за мене е она што го нарекуваме „човек Божји“.
Не затоа што е совршен, секако одамна престанав да верувам во човечко совршенство, туку затоа што е благодатен, исполнет со Христа…
                  Што значи благодатен? Тоа значи дека среде падовите во грев, грешки и гревови, маки и промашувања,
успеал да ја задржи целата надеж во Христа.
Го мириса пеколот, а копнее по рајот.
Го вкусил мракот, а се заљубил во Светлината.
Не се разочарува, затоа што не бил маѓепсан од неговата сила.
Светоста не е совршенство, туку целосно посветување на Бога.
Оние кои се посветија – се осветија.
Оние кои се оголија, Бог ги облече.
Верувај во својот разум и ќе се збудалиш.
Препушти се на Бога и ќе се успокоиш.
                 Умот е една прекрасна алатка, но не за да ти носи радост.

starec.Sofronij.Saharov1

             Во тој човек, кој уште како мало дете заминал на Света Гора и денес е епископ на Црквата, ја сретнав љубовта Божја. Апсолутната приемчивост, поддршка и љубов за она што бев, а не за она што би сакал или требаше да бидам.
Бидејќи, верувајте ми, не сум толку добар.
Може и воопшто не сум.
Полн сум со грешки, страсти и гревови.
Тешко е некој да ја види темнината на мојата душа без да се стресе.
Но тој човек никогаш не направи да се чувствувам лошо поради мојот мрак. Никогаш не ме разочара. И во најлошиот грев ми велеше:      

                „Подобро е да си грешник со смирение, отколку добродетелен со ароганција“. Не очајувај, не се губи во мракот, верувај во Светлината која ја носиш во себе. Врати се кај Бога за да мечтае твоето срце за твоето покајание.
Овој човек стана голема и топла прегратка Божја среде мразот на моите гревови.
                Бидејќи лагите се зло, може да зборуваме и да читаме за љубовта Божја,
но ако не нѐ земе некој во прегратки,
ако не се најде некој да нѐ прифати и да ни прости,
да те засака без резерва и без остаток,
никогаш нема да доживеме што значи љубовта Божја.
                 Сега се сеќавам на стиховите на поетот, кој велеше,
Христе мој, заспивав во многу прегратки, но само твојата ширеше благоухание…“


о. Хараламбос (Ливиос) Пападопулос

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

https://crkvaveles.wordpress.com/2023/10/29/%d0%bb%d1%83%d1%93%d0%b5-%d0%b1%d0%be%d0%b6%d1%98%d0%b8-%d1%81%d0%be-%d0%bc%d0%b8%d1%80%d0%b8%d1%81-%d0%bd%d0%b0-%d0%b1%d0%be%d0%b3/?fbclid=IwAR2nY6ZKiStCi9VtRc_7gVbIleIsMxOoyp_Zc9yprmSPx9IZFnLQeIU7gQw