Hristos.prekrasno38

ЗАБРЗУВАЊЕ НА ВРЕМЕТО
- Георгиј Фечору


             Времето денес лета брзо, многу побрзо отколку порано. Дали тоа сте го забележале? Немаме време да прочитаме книга, да размислиме за нешто свое, не ни останува време дури ни за тоа да бидеме малку со децата и со својата сопатничка на раскрсниците од овој живот.
Некогаш луѓето се движеле бавно, посмирено го работеле сето она што требало да го сработат во текот на денот, во сите денови на својот живот. Денот го започнувале со утринска молитва и го завршувале со вечерна молитва; За време на трпезата го изговарале „Оче наш“ и не пристапувале кон ништо, а претходно да не се осенат со знамението на Светиот Крст. Односно, човекот во секое време и на секое место наоѓал слободен момент за да упати збор и молитва кон Бога и за возврат во душата бил сигурен дека не е сам. Иако неговиот живот бил тежок, со полети и падови (таков воопшто и треба да биде животот на секој, за да може во него на нешто да се научи), тој му давал чувство на полнота. Тоа било постоење кое се чувствува во сета полнота.
            А сега сè се работи во трк, така што речиси во сето време чувствуваме како да сме лишени од радоста на моментот, несовршени во она што го работиме и чувствуваме. Дури и кога некој ја извршува својата молитва (оној кој за тоа чувствува порив), неговиот ум не е таму. Тој ита напред, се насочува кон грижите на денешниот ден или на секојдневието во целост. А кога се фаќа за некоја работа, дури не му паѓа ни на ум дека треба да се прекрсти, затоа што веќе размислува за нешто друго – и на крајот на краиштата, тоа не се вклопува и во околината. Како да треба Бог да оди по светот, да се угледува на него, а не обратно.
       …Душевното страдање кое го чувствуваат повеќето од луѓето, и кое мнозина приморува да се фрлат во вртлогот на сите можни гревови, тесно е поврзана со ова болно минување на времето, за кое повеќе немаме трпение. Немаме, затоа што времето повеќе не го мери животот со Бога – со изворот на времето и животот. Тоа е мачно време, кое ни дава мерило на оттуѓеност и изнемоштеност после празното трчање. И колку повеќе трчаме, толку поосамено се чувствуваме. Тука почнува маѓепсаниот круг. Зашто, колку поосамено се чувствуваме, толку ни е потешко да го поднесуваме мачниот тек на времето, кој повеќе не наоѓа своја смисла и радост. Така, почнуваме да итаме со сè поголемо брзање; како во песок се криеме во работата, во разноразните грижи и обврски, а во малубројните моменти на одмор, кога остануваме насамо со самите себеси, ни станува уште потешко, и почнуваме сè од почеток. Токму поради тоа бил и смислен телевизорот – за да ја ублажи оваа незаминлива самотија, која ја чувствуваат луѓето на денешнината, презирајќи го Бога до Негово потполно заборавање и незнаење. Телевизорот, весниците, интернетот, сензацијата, еротиката и насилството, силните чувства, емоциите кои се преливаат преку секоја мерка – сето тоа е дадено, за нас да нè натера да заборавиме на тоа дека нашиот живот постанал прекраток и мачен. Живееме така, како да не го живееме сопствениот живот.
             ...Ве молам, сопрете се за миг во оваа трка на празнина. Треба да го пронајдеме своето загубено време, повторно да го вратиме. Како? – Одејќи што почесто на Света Литургија. Времето на животот на нашата душа се напојува, како и сè што е создадено во овој свет, со благодатта Божја, во дадениот случај – со времето на Царството. Обидете се тоа да го направите и ќе видите како вашиот живот ќе се промени.
         Ве молам, купувајте го своето време, стоејќи трпеливо на исповедта. Зашто гревот е главниот виновник за забрзувањето на времето на нашиот живот. Бог не ни дава повеќе време, за да не ги продлабочиме уште повеќе гревовите во кои се наоѓаме.
Купувајте време, сопирајќи се што е можно почесто во текот на денот, за да изговорите: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот!“
                Купувајте го времето исфрлајќи го телевизорот, не плашејќи се од тоа „што ќе речат соседите, пријателите и роднините!“ Телевизорот е најголем хронофаг (голтач на времето) во целата историја на светот. Тој во просек на човекот му изедува по 3,7 часа дневно. Кај старците и децата – повеќе, кај младите во пубертет помалку. Ви се чини дека е невозможно да го исфрлите? Но, зарем не е полесно да се одречеме од телевизорот, отколку да страдаме поради загубата на толку скапоценото време на нашиот живот, на моментите кои заминуваат и не се враќаат, на времето во кое си сè уште здрав, додека си жив? Дали некогаш сте виделе среќен човек кој гледа телевизор? Или сме заборавиле и воопшто не сакаме да знаеме што значи среќа? Тогаш сме ја заслужиле својата судбина...
             Треба повторно да го пронајдеме времето, исто како порано да станеме чувствителни за несреќата и болката на пријателите, роднините, соседите и луѓето на улица – а најмногу чувствителни за гласот на сопственото срце, толку тажно, толку сирото, како да сме умреле во туѓ крај, погребани во грижите и проклетите задоволства од животарењето, лишено од Бога.
              Ве молам, немојте овие зборови да минат покрај вашите уши – зашто не знаеме уште колку Бог ќе нè трпи.

 2023

fb МАНАСТИР СВ.ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ