ѓакон Андреј Кураев

Go to fullsize image

Кога се приоѓа кон изучување на историјата на религијата, треба да се биде подготвен на едно, можеби, непријатно откритие. Треба да откриеме и признаеме дека религиите навистина се различни. Кога сите околу вас тврдат дека сите религии се исти и дека религиите се само различни патиштата кои водат кон една иста Цел, и дека разликата помеѓу религиите е само во одредени обреди, но дека суштински сите тие учат едно исто - тогаш потребна е одредена самостојност и проникливост во размислувањата за да се забележи дека модата, сепак, греши. Религиите се различни.
На крајот од првиот милениум пред Рождеството Христово вавилонскиот властодржец Асурбанипал на следниот начин ја опишува својата религиска дејност за смирување на големите богови, навредени поради тоа што народот доволно не ги почитувал: „Мојот дедо Синахериб беше погребен. Како жртва за него, овие луѓе живи ги закопав. Нивните тела ги дадов на кучињата, свињите, гавраните, орлите. Извршувајќи ги овие работи, го смирив срцето на големите богови, моите господари"1.

Дали можеме да речеме дека во овој случај постои само обредна разлика со онаа религија која во тие времиња почнал да ја исповеда соседниот народ, народот Израилев? На неговите пророци Бог им зборувал: Ете Го постот, што Го избрав: раскини Ги оковите на неправдата, одврзи Ги врските на јаремот, и угнетените пушти Ги на слобода и скриш Го секој јарем; раздели Го лебот свој со Гладните, и скитниците сиромаси одведи Ги во домот свој; ако видиш гол, -облечи Го, и од еднокрвниот не се криј. (Иса. 58, 6-7). Зарем тогаш патот на Исаија и патот на Асурбанипал се само два различни пата кон истата Цел?

Сепак религиите навистина се различни и овие разлики треба да се забележат, споредат и - проценат.
Токму ова последното предизвикува најголема недоумица во свеста на современите луѓе. Зарем е можно да се проценат религиите според скалата „полошо - подобро", „повисоко - пониско", „совршено - примитивно" ? Зарем сите религии не се подеднакво вредни од духовно - морална точка на гледање? Нема ли да се појави нетрпеливост и шовинизам, ако една религија се претпостави над други, та дури и многу поразлични религии? Како е возможно меѓусебно да се споредат религиите? Секој народ и секоја епоха ги одбираат за себе оние облици на религиски живот, кои им одговараат според содржината и според вкусот. Дали е коректно религијата на Европјаните да ја нарекуваме повисока и посовршена од религијата на Јапонците? Или расправиите помеѓу религиите за тоа која е од нив највистинита - се налик на расправиите помеѓу поклониците на смокингот и љубителите на џинсот? Различни луѓе избираат различни облеки. Тоа е сосема природно. Кој ќе се зафати со докажување на предноста на џинсот во однос на машкиот костум, или на недостатоците на спортскиот стил во споредба со вечерното облекување?

Различните стилови и модели на облека би било возможно да се споредуваат и да им се дава оценка по скалата „подобро - полошо", само во случај кога би имале јасна претстава за „идеална облека". Тогаш би било возможно да се рече: бидејќи токму овој облик на облека според овие или оние параметри не одговара на примерот за идеалната облека, имаме право да кажеме дека тој стил не е совршен.

Така и во религиската сфера можат да се споредуваат и проценуваат религиите само во случај ако имаме претстава за тоа каква би требало да биде идеалната религија. Можеме ли да замислиме таква идеална религиска формула?

Колку и да е тоа чудно - можеме. За да ја воочиме, дури и не е потребно самите да бидеме религиозни. Може да се размислува дека Бога воопшто го нема, и дека религиите не се ништо повеќе од обиди на човечкиот религиозен ум да мисли за Апсолутното. И ете така, „од страна", не со поглед на богослов, туку на „познавач на религијата", може да се набљудува разновидноста на религиските учења и да се забележи: религиите со слични зборови и ликови говорат за Недостижниот и Безграничниот. Секако дека тоа се човечки зборови и проекции на човечки претстави за Несознатливиот. Секој обид за „проекција" на човечкото на Натчовечкото е секогаш извесна дрскост.

Но, различни религии во Апсолутното Битие „препознаваат" различни човечки ствојства. Некои во Божеството препознаваат - Ум. Некои - Дејство. Некои - Закон. Некои - Сила. И, еве, да претпоставиме дека среќаваме двајца проповедници, од кои едниот вели : „Јас во Бога гледам Творец, Вечен космички Ум, Владика и Судија...". А другиот додава: „Да, вие сте во право, сето тоа може и мора да се рече за Бога. Но, јас би се осмелил да додадам уште едно име на овие кои ги наведовте... Уште тоа дека Бог е - Љубов...".

Која од овие две предложени концепции би требало да се прогласи за повисока, почовечна (иако овој збор овде во некоја мера звучи парадоксално), похумана?
Дури и на човек кој себе не се идентификува ниту со една од религиските традиции, при изучувањето на разноликоста на религиските мислења, му станува очигледно дека формулата „Бог е љубов" е највисока од сите можни човечки престави за Божеството.
Но, ако тоа е така, тогаш тоа значи дека сме го избрале клучот за решавање на појдовниот проблем за проучување на религиите. Сега знаеме на која основа можеме меѓусебно да ги подредиме религиските учења. Пред нас сега е оној идеал со кој можеме да ги подредиме реалните историски религии. Со мерилото „Бог е љубов" можеме да им пријдеме на различните религиски толкувања и токму како со некаков сонар да ја измериме нивната реална длабочина.

Две од овие прашања ќе ги пратиме во длабочината која ја истражуваме и на овие две прашања ќе чекаме одговор . Првото од нив е дали во односната религија постои идејата дека Бог е - Љубов. Ако оваа формула ја нема, тогаш - дали ја нема само поради случајност (да речеме дека таа идеја авторитетните текстови и учители во дадената традиција просто не стигнале да ја изнесат), или таа во таа традиција во принцип е невозможна и логички неповрзлива со нејзините појдовни претпоставки.

А второ прашање е - ако оваа идеја историски постои (или барем логички е дозволена) во дадената традиција, тогаш како таа традиција ја сфаќа.


1. Т. Јакобсон, „Ризници на темнината", Историја на месопотамската религија; Москва, 1995 г., стр. 260. Заради вистината ќе забележам дека тоа е време на длабока криза во сумеро-вавилонската религиска традиција, кога во неа јакне влијанието на окултно-магиската практика и верување.

Извадок од книгата:

„НЕМА СПАСЕНИЕ НАДВОР ОД ЦРКВАТА“

Издавач: Канео ,Охрид, Дебарско- кичевска епархија