TViTer735

ЧУДАТА СОЗДАДЕНИ ОД РАНИ

Нашите животи се формираат преку нашите рани. Тоа што го живееме се порази кои сме ги преобразиле во живот или сме ги претвориле во сопствен пекол. Целиот наш живот е битка за да го претвориме и преобразиме мракот во светлина. Да го земеме суровиот хаотичен материјал на нашата душа, полна со загуби и рани, и преку Божјата благодат да и дадеме облик и убавина. Ова е влогот на нашиот живот,и начинот на кој ќе го претвориме пеколот во рај. Како раната ќе стане чудо. Како гнојницата ќе стане живот.
           „Душевната рана ( траумата ) би можеле да ја дефинираме како негативен настан кој е толку потресителен што не можеме да го разбереме, да го обработиме или да го оставиме зад нас. Тоа  е нејзината лукава страна - ние не можеме ниту да си споменеме точно што се случило, ниту да ги анализираме и да ги разбереме нејзините последици. Во нас е забележана, но останува скриена и се открива само преку симптомите и болките. Тоа го менува начинот на кој ја перципираме реалноста без да не предупреди за нејзините итри и подмолни функции“.
Емоционалната рана најмногу се создава во детството. Не е тешко да разбере зошто. Бидејќи детето сè уште потенцијално ја формира сликата за себе, за другите и за светот.


         TViTer736   

              „Децата се принудени да се потпираат исклучиво на своите родители, кои често не се доволно зрели, трпеливи или урамнотежени. На пример, може да биде трауматично за детето ако мајката - несвесно - падне во длабока депресија кратко време по породувањето. Исто така трауматично за него може да биде неговата изложеност на изливите на гнев или агресија на неговите родители. Дополнително, најголемата категорија на душевни рани е онаа на „невините“ рани, едно дете може да добие и траума од она што психолозите го нарекуваат „запоставување“,што означува  дека во важна фаза од неговиот живот (во текот на првите пет години а особено во текот на првите осумнаесет месеци), детето не добило грижа, чувство на спокој, утеха или, да употребиме поопшт, но многузначен збор - љубов“.
            Тоа што траумата се создава претежно во младоста и детството, нè означува, дека сè доаѓа од родителите и не би можело да дојде од личности и состојби и во други подоцнежни фази од нашиот живот. Човек може да добие душевна рана од било кое лице и состојба во која било фаза од животот, особено во младоста и детската возраст.
Она што е важно да се нагласи за подобро да се разбере начинот на кој функционира траумата кај нас е:
а) дека нè секогаш постои точен спомен за доживеаната траума, т.е. – како се појавила и
б) дека не е толку едноставно или лесно човек да признае дека зад бројните дисфункционални однесувања се крие трауматично искуство.
            Можеме да кажеме дека нема човек без рана. Сите ние сме ранети суштества. Ова не е обвинение или прекор, туку егзистенцијална вистина. Ние сме тварни и расипливи. Ние не сме богови, ние умираме. Не сме совршени, правиме грешки. Совршенството му припаѓа само на Бога, Кој е несоздаден и Извор на животот.
         Не постои човечки живот во кој не се бројат загубите. Самото наше раѓање е губење на светот на соништата; една тага. Губиме нешто за да запознаеме нешто ново. Една реалност (на внатрешноутробниот живот) умира за да влеземе во еден нов свет. Подоцна, како доенчиња, доживуваме нови загуби, со единствено чувство дека, сепак, не сме едно тело со мајката – очигледно – не сме една волја. Ние сме одделни. Тоа е рана. Тоа е губење на единството и блаженството; на едно „цело“ кое станува парчиња и делови; на еден свет кој се раздробува. На крајот на краиштата, јас не сум едно со мајка ми, туку посебен. Како ќе преживеам? Кој сум јас? Зошто постојам? Овие прашања носат стрес, страв и неизвесност. Доколку не се одговорат со грижливото присуство на мајката, а подоцна и на таткото, тие се трансформираат во трауматски искуства кои сме повикани да ги надминеме во текот на животот. На нашиот животен пат ќе доживееме многу вакви разочарувања и загуби. Како кога ќе дознаеме дека нашата мајка има друг маж (нашиот татко), а нашиот татко има друга жена (нашата мајка), кога влегуваме во светот на училиштето каде што има различности, борба и натпревар. Пубертетот ќе дојде со губење на детското чувство, со телото, кое се формира повторно, со љубовта и нејзините битки и многу други страници од животот, полни со радост и тага, смеа и солзи и доволно трауматски противречности.
           Целта на нашиот живот е: како раната ќе стане чудо, како поразот ќе стане живот, на кои начини раната ќе ја трансформираме во креативност, светлина, радост, чувство, ерос, љубов. Не го прават  ли тоа искуствата? Дали искуството во своето најдлабоко значење не е напор на човекот да излезе од својот пекол? Да им придаде светлина, боја, звук на своите рани? Тоа е светоста, најголемата уметност на животот. Претворањето на една голема рана во средба со Бога.
           До денешниов ден во мојот живот немам прочитано, слушнато или видено уметник без рани, терапевт без рани и светец без крст. Целиот наш живот се заснова на загуби кои се преобразени или отповикани.
Чувствувам дека тука престојува Бог. Во нашата рана. Зашто, чудо е како едно такво слабо творение како човекот, со толку многу пропуштени желби и разочарувања, загуби и рани, може да го преобрази својот “материјал”. Каква сила постои во него што му дозволува да ја претвори темнината во светлина? Самиот Бог. Тој имено дејствува во нас, претворајќи ја темнината во светлина, непостојаноста во вечност.
Ако нешто открива дека во нас е Божјиот образ, дека во нас суштествува Неговото дихание, тоа е дека и покрај нашите душевни рани сите можеме да се спротивставиме на темнината и пеколот. Овој свет има неверојатна болка. Има и многу радости. Но, да бидеме искрени! Болката те тера да ги заборавиш. Илјадници часови радост исчезнуваат во моментот на болка. Секогаш болката ни изгледа како нешто туѓо. Нешто во нас реагира против болката и смртта. Св. Јован Златоуст вели - „Ние сме родени за вечноста и не ја прифаќаме смртта“.
Едно од многуте нешта што покажуваат дека Бог е во нас, дека длабоко во нас го поседуваме  белегот на Неговиот печат, таму во Рајската градина, е моќта да го преобразиме мракот во светлина.
              Се разбира, не секогаш, не во сите фази од нашиот живот, и очигледно не сите луѓе на еден ист начин или во исто време. Некои можат да направат промени во својот живот повеќе од другите. Тоа е една  вистина која сите ја знаеме. Затоа што има души кои се поповредени од другите. Не влегуваме сите во арената на животот со ист багаж. Некои имаат добар геном или подобри родители. На нив позитивно влијаела околината, образованието итн. Сепак, Бог не го остава животот на ниту еден човек без сведоштво. На сите луѓе им дава можности и пригодни прилики за исцеление на многу и различни начини.
            Прекрасна и голема тајна е да се видат луѓе чии траорни искуства им диктирале дека треба душевно  да се разбијат, но тие настојувале кон животот, светлината, позитивноста и убавината. Тие живеат, се борат, сонуваат, создаваат, се смеат и ги просветлуваат другите. Кога ќе дознаете за животот на овие луѓе, не можете да не извикнете: „Пофалба на тебе, Боже!“. Како толку многу рани и чемери, разочарувања и предавства, таги и несреќи станале светлина? Како станале светост и рај? Ова е чудо. Самиот Бог, Кој живее во нас.
Веќе стасав до одредена возраст и полека чекорам по сртот на животот. Понекогаш  се спуштам право, а понекогаш  се тркалам по падините на мојот живот. Не ме трогнуваат чудата, кои „вреват“, се прикажуваат на телевизија и се разнесуваат по пазарите на религиозните спектакли. Големото чудо се извршува во душите на луѓето. Мистериозно и прекрасно. Можеби не е потребен поголем доказ за постоењето на Бога од човек чија историја мирисала на адот, но по Божја благодат тој  ја преобразил во рај.
Кога повторно ќе ве прашаат дали верувате дека Бог постои, не се губете во зборовите и толкувањата, тие не се ни потребни, само покажете на личноста која се издигнала над сопствените  рани, која не дозволила прашањето „Зошто?“ да му го уништи животот.

Автор: о. Харалампиј Пападопулос / sveticarboris.net
За Преминпортал: Симеон Стефковски

TViTer726