TViTer721

ПОЗНАНИЕТО НА ВИСТИНАТА И СЛОБОДАТА ОД СМРТТА

          Црквата отсекогаш имала извесен недостиг на добри проповедници. Поради различни околности, не секој човек доволно го владее зборот. Овој факт дава повод некои луѓе да ја отфрлат верата. Нема кој да ми го докаже постоењето на Бог, велат тие. Сепак, овие „негирачи“ навистина не сакаат да поверуваат - па бараат изговори за нивното неверие.
             „И така, верата доаѓа од слушање, а слушањето – од словото Божјо”, вели апостол Павле (Рим. 10:17). Меѓутоа, Словото Божјо не е само пишаниот текст на Светото Писмо, тоа е и Словото кое стана тело – кое се воплоти (Јован 1,14) и преку Кого е создаден нашиот свет (Бит. гл. 1). Тоа значи дека верата може да се достигне и со размислување за Божјото воплотување и со гледање на Неговите созданија. „Така што она, кое може да се знае за Бога, ним им е познато, бидејќи Бог тоа им го откри. Оти она, што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божеството, се гледа уште од создавањето на светот, гледани според нивните созданија, па така тие немаат изговор.“ (Рим. 1, 19-20), вели апостол Павле. Свети Јован Златоуст, толкувајќи го овој пасус од Посланието до Римјаните, напишал: „Бог го направи она,кое повеќе од гласот можеше да го привлече нивното внимание, имено – го постави пред нив Своето создание, кое преку едно созерцание  за убавината на сè што е видливо ги научи и мудрите и необразованите, и бесчувствителните и примитивните да ги подигнат своите мисли кон Бога“. Имено,токму по тој пат и светата великомаченичка Варвара ја достигна верата во Бога, чиј спомен денес го празнува нашата Црква.
              Затворена во кула поради својата убавина, таа успеала да си го постави вистинското прашање додека од таму го гледала видливиот свет: Кој е причината за Универзумот? Дури откако ја доведе во прашање вистинитоста на паганскиот светоглед и го отфрли верувањето во идолите, Варвара се сретнала со христијаните кои и раскажале за Христос.
             Девојчето умрело од рацете на сопствениот татко, безумниот јазичник Диоскор. Тој лично и ја отсекол главата на својата ќерка, што не само ги потврдило зборовите на Спасителот дека родителите ќе се кренат против своите деца (Марко 13,12), туку и докажал дека не наоѓа аргументи против христијанството. Единствениот аргумент била смртта.
До ден денес, сите кои се обидуваат да се борат против Вистината прибегнуваат кон овој или слични „аргументи“ - тие не ја побиваат Вистината, туку сакаат да ја уништат, не сфаќајќи дека е невозможно Вистината да биде победена. Затоа што Вистината е Самиот Христос.
             Би ги советувале оние кои сè уште не станале христијани, подобро да го разгледаат светот околу нив. Тогаш тоа што се случи со великомаченичката Варвара може да им се случи и на оние кои сè уште не поверувале. Или пак, тоа што се случи со познатиот советски научник, академик од Руската академија на науките, соработник на Королев во проучувањето на вселената, лауреат на Лениновата награда и херој на социјалистичкиот труд Борис Раушенбах, кој напиша книга за Света Троица и ја објасни вака: „До богословието  ме доведоа препирките околу христијанската Троица. Како човек на науката, не го разбирав триединството на Троица и сакав да го побијам овој очигледен апсурд. Но... концептот на Троица се покажа како логички беспрекорен. Така, додека размислував за тројството, всушност се занимавав со математика“.
           Зборовите на Раушенбах не се само зборови на вистински научник кој се обидува да најде одговори на поставените прашања. Ова се зборови на човек кој се обидува да ја пронајде Вистината и преку неа да ја добие слободата (Јован 8:32). Слободата од смртта.

Автор: Архиепископ Виктор Коцаба
Извор: blogs.korrespondent.net/ bogonosci.bg

За Преминпортал: Симеон Стефковски

Декември 2022 лето Господово