Premin161.162

АДОТ Е ПОЛН СО ЗДРАВИ ЛУЃЕ


Сакам да комуницирам со различни луѓе. Тоа е склоност, особеност на мојот карактер уште од детството, која премина и во пастирската служба. Имам многу маани и недостатоци и како свештеник и како човек, но достапен сум и во постојан контакт со луѓето . Разговарм со нив, допуштам да ми се доближат во парохијата, на улица, насекаде.
          Многу често во пократки или долги разговори со православни и неправославни, верни или неверни, познаници или сосема непознати, го слушам истото во различни верзии: „Најважно е да сме здрави!“, „Да даде Господ, да бидеме здрави!“ или „Оче, знаеш, ништо не е поважно од здравјето!“.
Интересно е што и нашите православни, и тоа мирајни со долгогодишно искуство и духовни плодови, го кажуваат ова спонтано и искрено. Нивниот внатрешен глас обично звучи со надеж, но понекогаш и со очај и воздишка. За нас, кои сме го нашле и поверувале во Христа Спасителот и свесно сме решиле да Го следиме, дали навистина е така? Зарем оваа идеја – фиксација  не е заблуда?
         Дали здравјето како добродетел, дар од Бога и некоја полуосознаена дарба е најважното нешто во нашето пребивање на Земјата? Што ни кажа Спасителот Христос: „Но барајте го најнапред царството Божјо и Неговата правда, и се ова ќе ви се придодаде“ (Мт. 6,33). Неговото царство - на земјата или на небото, во другите или во себеси. А тоа е поврзано со едно откровение - верата! Зрнце вера, но вистинска вера, пламена, жива, која дава и носи плодови на секој кој се обратил кон Синот Божји.
         Простете ми, но која е ползата да се биде здрав но далеку од Бога?! Каква награда ќе добие тој што се радува на отсуството на болест, а е невнимателен и немарен за спасението на својата душа!
Ете, ова е одлучувачкото, најважното и суштественото. Тоа што ја крие тајната на животот овде и таму. Пеколот е полн со здрави луѓе. Оние кои слушнале за Бога, но дозволиле Неговото живо слово да помине покрај нив, или со насмевка, блага, а понекогаш и потсмев, реагирале на сè што е поврзано со Него. Оние кои се плен на духот на овој свет, прифаќајќи ги правилата на кесарот и заблудите на минливоста. Оние кои се движат по широкиот пат и воопшто не размислуваат за никаква промена, бидејќи тоа ќе ги извади од  личната комфорна зона. Оние кои не сакаат да ги видат знаците од небото и да ги слушнат тивките Небесни ѕвона. Но Тој, во Својата милост и човекољубие, ја почитува нивната слободна волја. Не ги присилува и не ги турка во ниту еден правец, туку како добар татко ги поддржува, па дури и бдее над нив. Но, сите тие кои го исповедаат ова мислење, нема како да се спасат!

Premin161.162.a
            Зашто во Царството Небесно се влегува преку молитва и дела, преку длабока и внатрешна „метаноја“ и непрестајна борба. Непопустлива и страшна борба на два фронта - внатрешен и надворешен, насочена против нашата стара природа и демоните, кои го попречуваат и сакаат да го осуетат секое наше искачување на духовната скала.
Местото во рајот се заслужува. Со жртва од страна на оној кој сака да биде во него и да постигне вечно блаженство и спокој во милоста Божја. Ништо лично за неистомислениците, но тоа се правилата на христијанството. На ова е изградена целата христијанска етика. Да се каже јасно и точно - подобро е да си болен, но верен, отколку да си здрав, но неверен!
         А здравјето, како и сè друго, е дар од Седржителот Христос и само Тој одлучува дали и во кое време да го даде на секој роден од жена. Сите сме во Неговата десница и Тој управува со минатото, сегашноста и иднината на Универзумот и на секој човек поединечно. Затоа, според Неговата сеопфатна промисла, Тој ни испраќа болести и искушенија. Тоа е и смислата на страданијата. Тие се белег за избраните.
           Еден од современите отци на Православието, свети Игнатиј Брјанчанинов, сакал да им повторува на посетителите што доаѓале кај него: „Силните страдања се најсигурниот предзнак дека Бог го избрал човекот!“. Особено телесните и душевните болести и тагите кои ги придружуваат. Тој самиот многукратно страдал, бил врзан за кревет, но на тој начин полека и исповеднички го пробивал патот кон Небесното.
           Колку свети и праведни луѓе имале телесни и душевни немоќи и до последниот здив се бореле со нив, доживувајќи ја сета горчина и непријатност во нивната света служба! Тие го носеа својот крст и го благословуваа Спасителот низ солзи и речиси непопустлива физичка или душевна болка. Оптоварени со дијагнози и утешувајќи се во својата несакана, но прифатена немоќ. Тие покажаа големо смирение пред непоколебливоста на Божјата волја!
          Примерите на св. Апостол Павле, свети Амвросиј Оптински и свети Јован Шангајски или трнливиот и поучен пат на Достоевски, кој до последниот здив страдал од шизофренија и епилепсија - сите тие го благословија Господа Бога и му останаа верни на светото Православие. Ова е „христијанството што лелека“ кое проси и се моли во страдањата и угнетувањата прво за духовна слобода и полнота, а потоа за исцеление. Тоа нема ништо општо со евангелието за просперитет во видливиот и физичкиот свет…
          Отците на минатото сведочат за познати или сосема непознати старци кои, доколку долго време не ги нападнала некоја болест или телесно страдање, сметале дека тоа е знак дека Христос не ги благословил и ги оставил некаде на периферијата на Своето свето внимание.
Затоа, на почетокот и на крајот на секоја проповед мора да си го поставиме прашањето - „За кого дојде Бог? За здравите или за болните на овој свет?“. Затоа што Он е Лекар на душите и телата, а Неговата Црква е вечната Витезда, болница за лекување на секоја болест и немоќ. Да се молиме за здравје, но и за спасение, бидејќи здравјето не треба да стане примарна цел и идеја на верникот, особено на православните.
         Затоа, сите ние, децата на овој болен свет, да погледнеме подлабоко во смислата на нашето битие и да го бараме не безболното, туку душеспасителното во кривулестите патеки на нашето посветено и осветено од Спасителот странствување, затоа што ни претстои да се појавиме пред Неговиот милостив и Страшен суд, на кој ќе треба да дадеме добар и достоен одговор за сè!

Premin161.162.b


Текстот е поместен во списанието Премин, септември/октомври, двоброј 161/162


Автор: отец Јасен Шинев
Извор: богоносци.бг


Превод: Симеон Стефковски