Hristos.adot1
ХРИСТОС - КРАЈ НА РЕЛИГИЈАТА


Во најдлабока смисла, Христијанството претставува КРАЈ НА РЕЛИГИЈАТА. Во евангелскиот разговор за средбата со Самарјанката при кладенецот на Јаков, Христос не остава никаков повод за сомнеж за тоа. ’Господи! – Му вели жената – гледам дека си пророк. Нашите татковци се поклонуваа на оваа планина, а вие велите дека местото каде треба да се поклонуваме е Ерусалим‘. Спасителот ѝ вели: ’Верувај ми, доаѓа времето кога ниту на оваа планина, ниту во Ерусалим ќе Му се поклонуваат на Отецот… Но ќе дојде време и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот во дух и вистина, бидејќи такви поклоници Отецот бара за Себе‘ (Јн 4,19-21.23). Самарјанката го поставила прашањето за култот, т.е. за религијата, а Исус, одговарајќи ѝ, коренито го променил самото прашање. Никаде во Новиот завет не ни е прикажано Христијанството како ’култ‘ или ’религија‘. Бидејќи религијата е потребна онаму каде што постои непоминлива преграда меѓу Бога и човекот. Но, Богочовекот Исус Христос ја разруши таа преграда, зашто ни вратил и дарувал нам не нова ’религија‘, туку нов живот.


Во раниот христијански период оваа слобода на Црквата од ’религијата‘, во обичната смисла на тој збор, им давала повод на паганите да ги обвинуваат христијаните за атеизам. Оти не ги интересирала ниту свештена географија, т.е. местата каде што престојувал Христос во деновите на Своето земно служење, ниту храмови, ниту култови. Тие не оделе на поклоништва. Во ’старите‘ религии имало илјадници храмови, илјадници ’свети места‘, но за христијаните сето тоа било минато. Тие немале потреба од ’ракотворни‘ храмови – самата Црква, Телото Христово, собраниот народ Божји – во сознанието на верните биле вистински храм. ’Разрушете го овој храм – рекол Христос за Ерусалимскиот храм – и за три дни ќе го подигнам‘ – но Он го говорел тоа за храмот на Своето Тело (Јн 2,19.21).

Самата Црква била нов, Небесен Ерусалим – и верата во тоа дека Христос невидливо доаѓа и присуствува помеѓу оние што Го љубат била за нив доволна. ’Историчноста‘ на Христос, секако, била неспорна основа на христијанската вера, но за верните поважно нешто од ’историскиот‘ спомен за Христа бил опитот на Неговото присуство меѓу нив. На тој начин, во Него бил јавен КРАЈОТ на РЕЛИГИЈАТА, затоа што Он Самиот бил одговор на секоја религија и нејзино исполнување, задоволување на целата човечка жед за Бога, зашто во Него животот, загубен од човекот, му бил вратен нему."


Отец  Александар Шмеман

Заживот на светот

 

Извор од фб профил на

Georgij Gligorov