Сите вие знаете – го знам и јас тоа – колку уморен е нашиот живот, претоварен со илјада работи кои нè интересираат. Откако видовме што прават светците на нашата Црква, барем да го правиме минималното што зависи од нас. Христос ги прифаќа и стотте, ги прифаќа и триесетте, ги прифаќа и петте (плодови) што ќе Му ги дадеш. Ако не можеш илјада пати, сто пати, педесет пати на ден да си спомнеш за Него, спомни си десет пати и кажи Му со љубов: „Христе мој!“ Не да Го молиш за твојата сиромаштија, за мајка ти, за твојата болест, за твојот успех. Не. Помоли Го да влезе во твоето срце. Не можеш десет пати на ден? Пет пати не можеш ли? Ако Го почувствуваш и Го поканиш, макар и два пати на ден, после еден месец ќе почувствуваш наслада и ќе започнеш да Го бараш десет пати на ден, после тоа дваесет пати, а после тоа веќе ќе започнеш да Го чувствуваш внатре, во твоето срце.

Детаљ од Бигорската книгохранителница (Фото: Ристе Стамаџиев)

Тоа го правеле светците кои имале големо срце. А ние што да сториме за да имаме маченички дух? Каде да го покажеме своето херојство?

Прво, меѓу тагите, болките, пречките, неуспесите, бурите на животот. Насекаде во животот среќаваме болка и помраченост. Животот ни е исполнет со болка. Во тие тешки моменти, кога ни доаѓа да кажеме дека Бог е виновен, ме заборавил – којзнае, можеби и да не постои Бог, или ако постои, тогаш Тој е суров, зошто да ме измачува вака, кога неверниците си живеат толку убаво – во тие тешки моменти да кажеме: „Слава Тебе, Боже“. Покажи дека си Христов маченик, дека ја прифаќаш со радост болката што ја среќаваш во својот живот.

    Покажи маченички дух таму, каде што е твоето секојдневно поле: во твојот дом, при својот сопруг, при својата сопруга. Кога сопругот се прибира од работа изморен и ти зборува неучтиво, ти не се разгневувај. Кога ќе те навреди, ти премолчи. Покажи му љубов, понизност, трпение. Ако жена ти го прегори јадењето, ти не брзај да викаш, изеди го. Стави малку лимон во него, за да стане повкусно и кажи ѝ: убаво е јадењето, за да не разбере дека изгорело. Нека царува љубовта дома. Кога гледаш дека твојот сопатник во животот постапува неправедно со тебе, ти не брзај да викаш дека си во право. Нема значење дали си во право или не, не е важно што е правилно, туку што сака другиот. Заборави за себеси, откажи се од себеси, постави го другиот пред себеси. Тоа значи смрт, тоа значи мачеништво – заради Христа.



Извадок од книгата: Архимандрит Емилиан, Усещане за Бога: Осем слова за духовното израстване, София 2011.
Превод: Наташа Наумоска

 

Извор:

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/pomoli-go-hristos-da-vleze-vo-tvoeto-srce/