crkva.grafika.dr.jpg
Владика . Николај Велимировиќ

 

Јас и ти се среќаваме на патот на животот, пријателу мој. Јас и ти прв пат се гледаме, и види, јас и ти скоро добро се познаваме. Јас го познавам она што го движи твоето битие, ти го познаваш она што го движи моето битие. Она што го движи и моето и твоето битие, тоа е желбата за живот. Од каде јас те познавам тебе, кога прв пат те гледам? Од каде ти ме познаваш мене, кога прв пат ме гледаш? Оттаму, што јас те наоѓам тебе во мене, а ти ме наоѓаш мене во тебе. Ти си варијанта на мене, јас сум варијанта на тебе; во суштина едно сме двајцата. Затоа кога се среќаваме, ние и не си поставуваме еден на друг прашање: кој си ти?, но: каде? Јас знам дека ти сакаш кон животот, и ти знаеш дека јас брзам кон животот. Затоа ние се прашуваме само за патот: каде? И околу патот се пречкаме. Јас ти велам тебе: ти одиш по лажен пат, кој не води во живот. Ти ми велиш мене, дека јас одам по погрешен пат, кој води во пропаст. И ние се разделуваме и се чувствуваме сосема несродни. И колку повеќе се пречкаме, толку повеќе се покажува нашата несродност. И се отвара амбис меѓу нас, и расте, и расте; ти си на едниот негов брег, јас на другиот, и неговите брегови се повеќе се оддалечуваат, и оддалечуваат, и накрај толку се оддалечени, што нити јас ги разбирам твоите зборови против мене, нити ти моите аргументи против тебе. И не слушајќи се еден со друг, секој мисли дека победил.

 Но ете, јас и ти ќе умреме, и тогаш ќе бидеме едно. Твојот череп ќе го допира мојот, твоите ребра ќе се плетат низ моите, твоите раце ќе се свиткаат околу моите, твојот прав и мојот прав ќе бидат едно. Па кога нашите коски по смртта ќе мора да бидат едно, зошто мислиш дека ние за животот не би можеле да бидеме едно?

Јас и ти сакаме да го осигураме животот. Ете, месечината и земјата и сонцето се осигурани, тие не се колебаат во своите основи, на кои се положени. А јас и ти не сме осигурани, и не сме неколебливи на оние основи, на кои сме положени. Со што е осигурана месечината, за да не се колеба? Со водството на сонцето. Со што е осигурано сонцето, за да не се колеба? Со водството на едно поголемо сонце. Земјата ја привлекува месечината и со својата сила ја држи и ја води со себе. Сонцето ја привлекува земјата, и со својата сила ја држи и ја води со себе, заедно со месечината. Едно поголемо сонце го привлекува нашето сонце, и со својата сила го држи и го води со себе, заедно со земјата и месечината. Секоја голема ѕвезда ја привлекува блиската помала ѕвезда, и ја држи, и ја води.

Со чие водство јас и ти сме осигурани? Кој е оној кој не привлекува и не држи? Кој е оној кој е блиску до нас, а има повеќе живот од нас?

Јас велам: Бог. Ти молчиш.

Јас велам: Бог. Ти молчиш.

Твоите мисли не се мои мисли; твојот пат не е мој пат. Кога ти одиш на запад, јас одам на исток, кога ти одиш на север, јас на југ.

Но ете, и јас и ти, каде и да одиме, одиме во средба на смртта. На сите четири страни од светот смртта ги поставила своите стражи. Ние одиме и одиме, и упаѓаме од заседа во заседа на смртта. И кога ќе умреме коските наши ќе се соединат под земјата. Па кога нашите мртви коски може да се соединат, зошто нашите живи мисли не би можеле да се соединат? Зошто во смртта да сме едно, а во животот двајца?

Додека сме деца јас и ти, ние стоиме под едно водство, кое не привлекува и не држи. Најблиските големи ѕвезди, кои не водат во периодот на детството, тоа се нашите родители. Тие имаат повеќе живот од нас, и ние го наоѓаме нашиот живот осигуран во нивниот живот. Тогаш, кога стоиме пред погледот на нашите родители, од нашите души се иселува стравот и сомнежот. Пратени од родителските очи, ние се осудуваме да им пркосиме на многу опасности, на кои не би смееле ни лицата свои да им ги завртиме, кога би знаеле, дека лицето на нашите родители е завртено од нас. Погледот на нашите родители вселува мир и спокојство во нашата душа; нивната грижа за нас ги подигнува нашите срца; нивната љубов кон нас ги оплеменува нашите мисли; нивниот еден глас е доволен, како труба архангелска да го оживее целиот умртвен живот во нас.

Додека сме деца јас и ти, сомнежот е немоќен кон нас. Ако се појави во нашата детска душа сомнеж во животот, ние ја рушиме со една помисла на нашите родители. Ако се помрачи некогаш челото наше од прашањата: дали животот е сигурен, или тој е само еден призрак на вистинската смрт? - ние се сеќаваме на своите родители, и само тоа сеќавање го решава нашето прашање во корист на животот. Затоа што ако нашиот мал, детски свет понекогаш ни изгледа несигурен, ние го соединуваме со животот на родителите, и така соединети чекориме напред.

Ако дојде војна, ние се држиме за скутот на своите родители. Ако настане бура, ние се спасуваме под нивната закрила. Ако удри болест, ние во нив бараме оздравување. Се проближи ли смрт, ние во нив гледаме свој моќен сојузник против смртта.

И така ние наоѓаме слобода и живот во своите родители. Ние во тој златен период се чувствуваме како пливач на вода, кого некој со врвци од брегот го придржува. Ние не се плашиме од ништо пливајќи, зашто знаеме, дека во случај на опасност некој ќе не повлече кон брегот и ќе не спаси.

Но кога веќе сме израснале над родителите наши, јас и  ти, пријателу мој, кој може сега да го засили нашиот живот, кога ќе ослаби?

Кој ќе го осветли сега кога ќе потемни? Под чија закрила да се повериме јас и ти сега, кога ќе почнат војни, бури и кога ќе удрат болести? Во кој сега да најдеме моќен сојузник, кога смртта ќе се наднесе над нашата глава? Јас и ти пливаме по бескрајно море; гледаш ли ти некој брег, и гледаш ли некој, кој од брегот не придржува, за да не потонеме?

Кој е оној што ги замени родителите од нашето детство? Кој е оној, кој е и сега блиску до нас, а има повеќе живот од нас?

Јас велам: Бог. Ти молчиш.

Јас велам: Бог. Ти молчиш.

Твојата мисла не е моја мисла.

+++
Ах, прозбори, пријателу мој! Не молчи, но проговори заедно со мене. Јас и без тебе би можел да одам по Христос. Јас и тогаш би одел по Христос, кога сите би отпаднале од Него, и кога би останал сам. Како би можел јас да не одам по Него, кога знам, дека Тој има повеќе живот од мене и дека Тој го осигурува животот, и до гробот и после гробот? Но јас ти зборувам заради тебе не заради себе, пријателу мој. Верувај ми, сите други патишта, по кои одиш ти, барајќи живот, криви се и бесцелни. Јас ги знам сите, бидејќи и јас по сите нив лутав. Сите тие патишта го водат животот твој во бесмисла и смрт.

Ах, прозбори , пријателу мој! Не молчи, не молчи, но прозбори  заедно со мене! Кога нашите мртви коски несвесно ќе се соединат, нека се соединат и нашите живи срца, и нашите мисли, и нашите зборови! Да се соединиме во Оној, кој соединува во Себе се. Да се соединиме во Бога, и да речеме: Оче наш голем Кој си на небесата и на земјата, и Кој ги  оживуваш небесата и земјата, ние го предаваме духот наш и телата наши и животот наш во Твоите раце. Ние не наоѓаме никаде во светот осигурување на нашиот живот, освен во Тебе, моќен и бесмртен Животе. Во друштво со Тебе ние имаме се, без Тебе ние сме најсиромашни и најбедни суштества во светот. Без Тебе ние сме мртви и кога живееме, со Тебе, пак, сме живи и кога умираме. Ние Ти повикуваме сите со еден глас од оваа долина на трулежноста, каде се распаѓаме заедно со своите дела:

Господе, чии мисли палат нови сонца, помисли на нас твоите деца и слуги, кога ќе почне да гасне животот во нас. Само помисли на нас, и целата темнина наша ќе биде осветлена. Удостој не само со помислата Твоја, и смртта ќе исчезне од нашиот хоризонт, и животот наш ќе стане голем како Тебе, Боже, и сигурен како небото Твое. Амин.

 Подготви: Михаила Поповска