Кој е белегот за тоа дека нашата молитва е услишена?

– Кога за време на молитвата не нѐ вознемирува никакво сомневање и кога надежта на нашата молитва не бива ослабувана од неочекување на она за што се молиме, како и кога за време на самата молитва чувствуваме дека веќе сме го примиле она за што сме се молеле, тогаш не треба да се сомневаме дека нашите молитви навистина се услишени.

Зашто, доколку оној што се моли се удостои да биде услишен и да го добие она за што се моли, тој ќе може и да верува дека Бог го гледа и дека може да ја исполни неговата просба, зашто се неизменливи зборовите на нашиот Господ и Спасителː „Сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете и ќе ви биде“ (Марко 11, 24).

Божјиот Син Господ Исус Христос укажува на многу причини, кои ѝ помагаат на молитвата да биде услишена. Така, молитвата бива услишена, кога двајца се согласат да се помолат (сп. Матеј 18, 19); или кога некој се моли со вера, која е голема макар толку, колку што е големо синаповото зрно (сп. Лука 11, 8); или кога некој се моли неотстапно (сп. Лука 11, 8); или кога со молитвата ја соединува и милостињата (Мудр. Сирах. 29, 15), - и други дела на милосрдноста (сп. Иса. 58, 6-9).

Гледате на колку сѐ начини се добива благодатта за услишување на молитвата; затоа никој да не паѓа во очајание, дека не може да ги испроси од Бога спасоносните блага. Зашто, ако претпоставиме, дека ти недостасуваат многу од оние работи кои се потребни за услишување на молитвите, па зар не можеш да бидеш постојанен во молитвата, никогаш да не отстапуваш од неа? Тоа може да го прави секој само, ако сака. Само поради таа и таква молитва Господ ветил да ни даде сѐ што ќе посакаме. Затоа, да пристапуваме кон ваквата молитва без колебливост во верата, и ќе го добиеме она за што се молиме.

Ова ни го ветил Самиот наш Господ, велејќиː „Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори“ (Лука 11, 10).

Но секој што се моли треба да знае, дека тој навистина нема да биде услишан, ако се сомнева во тоа дека ќе биде услишан.

Свети Јован Касијан

 

Избор од фб профил на

Светланка Трајчева