2. „Аристократско“ владеење

    karelin.jpgТука духовниот отец настапува како џентлмен. Тој  е префинето услужен и љубезен. Кога го прима духовното чедо, станува од столот, се восхитува од неговиот изглед, го истакнува неговиот вкус за облекување. Духовното чедо почнува да се чувствува како да е дама на која витезот ì го подарил своето срце. Има само едно финале: Секое духовно чедо смета дека витезот-учител искажува платонска љубов токму спрема него, како единствено достоен за такви високи чувства. На другите духовни чеда тој гледа со уште поголема свирепост, одошто во случајот на „демократското владеење“. Учителот аристократ им се заблагодарува на своите чеда за посетата и, испраќајќи ги до вратата, прави тажен израз на лицето. Тој во сè ги оправдува своите духовни чеда. За него е мошне тешко да искаже некаков прекор; па дури и да е навреден, вели: Не сум навреден, само сум разжалостен. Ако на духовните отци „демократи“ нивните чеда им носат како подарок кромпир и макарони, на учителот-аристократ му носат букет цвеќе, претпочитајќи кринови, а понекогаш и торта. Често, собирајќи ги духовните чеда, тој емотивно им чита некоја книга, на пр., „Морално богословие“ од Мартенсен и потоа им го толкува прочитаното. Кога оди во црква, духовните чеда, како толпа, го следат или го чекаат пред вратата. Кога служи, секое духовно чедо се интересира кого прв ќе го спомене на молебен, и на тоа често му придава трагично значење. Општо земено, аристократското владеење со духовните чеда се претвора во некаков витешки роман во кој Христос воопшто не се споменува, а Неговото место го зазема духовниот отец.

      Треба да се каже дека простите луѓе некако инстинктивно се оддалечуваат од учени монаси и учители со аристократски манири. Тие се чувствуваат непријатно и туѓо во нивно присуство, но затоа дами со диплома се восхитени од таквите учители. Затоа тука, без тоа да го сака духовниот отец, се јавува поделба на „плебејци и патриции“: „плебејците“ некако спонтано остануваат пред прагот. Учителот-аристократ излегува на средба со гостите со извесна свеченост. Таа манифестација на свеченост е втисната како печат на неговото лице. Подрасникот на него е секогаш чист и испеглан; тој претпочита бела облека. Често во неговиот стан има пијано или фортепијано. Обично таквиот учител има голема библиотека, во која напоредо со духовна литература се наоѓа и световна. Ако случајно, додека вади некоја книга, од рафтот испадне некое дело од Виктор Иго или од Валтер Скот, тој, со блага доза на тажна насмевка, се правда: „ Јас морам да ја познавам психологијата на грешникот, за да го исправам“. Тој сака да истакнува дека за него сите луѓе се еднакви. Но, во разговорот често го споменува своето дворско потекло – вистинско или лажно. 

 

Подготви:д-р Драган Михајловиќ

 Посети:{moshits}

 

karelin1.jpg Архимандрит Рафаил (Карелин)
Однос меѓу духовниот отец и духовните чеда
(1)