Луѓето честопати му велеле на отец Пајсиј:

– Отче, јас пушам и не можам да престанам. Што да правам?

– Сакаш ли да се откажеш од пушењето, ќе прашаше старецот.

– Да, се обидував многупати да престанам, но не успеав.

– Добро. Отсега па натаму нема да пушиш и Бог ќе ти помага.

Тогаш човекот, кој страдаше од оваа страст, рече:

– Можеби, отче…

Старецот Пајсиј го прекина и со остар, но истовремено и со доверлив тон му рече: „Нема ‘можеби’, готово! Немој повеќе да се согласуваш со помислите кои ти велат дека можеби нема да успееш!“ Старец Пајсиј сакаше да истакне дека сме слободни и независни. Доколку со нашиот живот управува некоја страст, тоа е така, зашто самите ние се согласуваме со тоа. Кога дозволуваме да останеме робови на некоја страст, тоа се случува затоа што ја сакаме и посакуваме да бидеме нејзини робови.

Во истиот миг кога ќе почнеме да копнееме за својата духовна слобода и ќе посакаме да Го следиме Христа, ќе се ослободиме од своите страсти и ќе станеме слуги Божји. Тоа значи дека имаме власт над себе. Христос сите заповеди им ги дал на оние кои се робови на гревот, велејќи им да го остават гревот и да тргнат по Него. Па така Бог му вели на крадецот: „Не кради!“, на измамникот „не лажи!“, на развратниот „не прељубодејствувај!“

Доколку не доброволно, туку насила сме поробени од гревот, тогаш зошто Бог бара од нас да го оставиме гревот и да се приближиме кон Него? Бидејќи Он ни кажува да го сториме тоа по сопствена волја, тоа покажува дека ние сме биле поробени од нашите страсти, зашто ги сакаме и ги посакуваме во нашиот живот. Од моментот, во кој решително ќе ги замразиме и ќе ја насочиме својата љубов кон Бога, ние веднаш ќе се избавиме од нив. Ете зошто е најважно да ја осознаеме својата „болест“ – а тоа е нашето доброволно пребивање во злото – и да ја замразиме, да го засакаме доброто – тогаш тоа ќе стане наше.

Извор: Бигорски манастир