Постојат различни начини на кои можеме да им се спротивставиме па лошите помисли, да го ослободуваме нашиот дух од секоја страсна или хулна помисла. Прв, кој го препорачуваат Отците на Црквата е покајанието. Вториот е да го насочиме вниманието и нашето битие на нешто друго. Кога нашето внимание за ова другото се продолжува, непријателот престанува да се интересира и нè напушта.

Ако страстите се силни и ако некоја страшна, жестока, грешна помисла не сака да нè напушти, не ни останува ништо друго освен да се бориме со плач, толку време колку што овој зол дух настојува.

Нашиот ум се наоѓа во постојана борба со умот на непријателот. За да го устроиме нашиот живот неопходен е овој став па постојана борба. Зашто ако заспиеме го оставаме непријателот кој никогаш не спие, да си ја врши својата работа и во опасност сме да го загубиме нашето спасение.

Трезвеност. Еве со што треба да почнеме, така да ништо, ако ни е можно, не бидува без Бога.

Светот кој нè опкружува денес живее подинамично отколку порано. Но колку повеќе движење постои во светот, толку потешко станува да ја сочуваме христијанската совест. Нападнати сме од секаде, преку вратите на чувствата, со што се разбранува површината на нашиот живот. Во бурите на нашата епоха соодветствува секогаш да бдееме. Ова е првото нешто што ви го барам: Слушајте го словото на Евангелието, бдејте и престанете да си играте!

Да го запазиме ова внимание, кое го сочувува нашето тело во постојана подготвеност. Благодарение на оваа подготвеност, дури и во сон, можеме да ја имаме на ум целта на нашиот живот. Молитвата може да продре дури до она што психолозите го нарекуваат потсвесно. Еден вистински подвижник секогаш се внимава себе си, дури и во сон. Ако неочекувано се појават лоши помисли, тој се подига и се моли. Така полека-полека свеста ќе просветли сè што правиме во секојдневниот наш живот.

Не оставајте нештата од овој свет да ви го расејуваат умот. Соберете го целото ваше внимание, посветете ја целата своја енергија на еден живот кој му одговара на духот на заповедите на Евангелието.

Да го собираме својот ум наспроти расејувањата на надворешниот свет. Никогаш умот не ќе може да остане постојано во Бога без подвиг. Веќе од овој живот должни сме да се научиме да престојуваме во Бога, како што навистина ќе се случи со нашиот дух после смртта.

Кога зборуваме за присуството на Бога во нашиот дух, тоа не значи дека Го гледаме Бога, туку дека Бог нè гледа нас. Еве го правилниот став: Дејствуваме пред Бога кој е присутен и нè гледа.

За прашањето на соништата не можам да кажам ништо повеќе од Свети Јован Лествичник. Според Отците на Црквата најдобар став е да не им веруваме. За да нè убеди да поверуваме во нашите визии непријателот може навистина да покрене соништа кои после тоа се остваруваат во секојдневниот живот. Треба, значи, да бидеме многу разумни. Доста е еднаш да ни се случи да поверуваме, и еве ја прелеста со сите нејзини опасности. Ние го имаме словото Христово и на Апостолите. Тоа ни е доволно.

Многу е важно да се стремиме никогаш да не се здобиеме со видливи знаци на Божјото благоволение, како што е на пример дарот на чудотворството.


Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј (Сахаров), За духот и животот, Скопје 1996, 49-52.

Извор: Бигорски манастир