Duhovden4.jpgПо Воскресението и Вознесението Христово, поширока група Негови ученици - „народ собран близу сто и дваесет души” - „беше истрајно и еднодушно на молитва и молење” (Дела 1, 14 - 15) во „горната одаја” во Ерусалим. Но тоа собрание сè уште не претставуваше Црква. Беше тоа собрание од луѓе соединети со заеднички спомени и заеднички надежи, собрание од заплашени луѓе, без јасно сознание за тоа што очекуваат и на какво дело се повикани. Само неколку дена порано го потпрашуваа својот Учител за тоа дали во текот на истата година ќе го ослободи еврејскиот народ од римскиот јарем и ќе го воспостави Царството Израилево (Дела 1, 6). Се чини дека нивните очекувања дури ни после искуството на Воскресението не ги надминуваа границите на овоземните грижи и амбиции.

Тие луѓе и нивното собрание коренито се преобразуваат со настанот на Педесетница. Евангелистот Лука се прифаќа да ни го опише искуството на тој ден користејќи слики што можат да претставуваат извесен опис; повторно беа сите „еднодушно собрани” - во познатата „горна одаја” во Ерусалим.

И „одеднаш настан шум од небото, како бучење на силен ветар и се исполни сиот дом каде што седеа (Дела 2, 2). А заедно со тоа опиша и некој вид видение: како да се распоредија пламени јазици - „јазици како огнени” – над собраните ученици, „и се исполнија сите со Дух Свети” (Дела 2, 4).

Иако искуствата на тие настани можат да бидат прикажани само со аналогии од слики, промената што настанува кај учениците од нивното „исполнување” со Светиот Дух има мошне конкретни и видливи пројави: „почнаа да говорат на други јазици” (Дела 2, 4) - ненадејно почнаа да зборуваат на сите јазици на народите и племињата што се беа собрале во Ерусалим за да ја отпразнуваат Педесетница. Секој од мноштвото народ од усните на учениците можеше да го чуе и својот јазик - „и се восхитуваа и се чудеа” (Дела 2, 7). А тие, дотогаш преплашени ученици, луѓе едноставни, неуки - „некнижевни и прости”, како што забележува Лука - со леснотија и мудрост на искусни беседници почнаа да му проповедаат на народот „за величествените дела Божји”. Сега веќе знаат кои се и што обавуваат, ја познаваат смислата на настаните што претходеа и знаат на каков живот ги повикуваат луѓето со својата проповед. Ги повикуваат да се крстат за со тоа да го примат ‘дарот на Светиот Дух’ – да земат учество во секогаш отворената можност за ‘Педесетница’. И „три илјади души”, што се крстија првиот ден, се собираа на трпезата на Евхаристијата - „во кршење леб”. Во меѓувреме „апостолите вршеа многубројни чуда и знаци” - исцеленија на немоќни, оздравувања на демоноопседнати, дури и воскреснувања на мртви, како што беше воскресението на Тавита во Јопија.

Слегувањето на Светиот Дух не е некој магиски додаток на човековите можности и благодатни дарови. Претставува ослободување на можноста за живот кое во себе нема ништо несловесно (безлогосно) и „натприродно”. Духот слегува над нашата природа менувајќи го не логосот на таа природа (она што нашата природа е), туку нејзиниот начин на постоење, начинот на обликување на нашата ипостас. Прифаќајќи Го Духот Божји престануваме да постоиме црпејќи ја ипостаста од условеноста на биолошкото наследство и од автономизираната индивидуалност. Постоиме затоа што љубовта Божја го оживува, го устројува и го ипостазира нашето битие. Таа ослободеност од природната условеност и усогласеност на нашето постоење со животворната волја Божја како органска последица ги има сите „знаци” од животот на Христа и на апостолите што ги наведува Светото Писмо - „знаците” коишто Црквата непрестајно ги доживува кај личностите на своите Светители.

Исцеленијата на немоќните, знаењето многу јазици и богословската мудрост, како и многуте други дарови, се плодови на човековата преродба ‘во Светиот Дух’. Како што при раѓањето на детето чудесно изненадување претставува првата пројава на животот: првата воздишка и првиот плач, а подоцна првата насмевка и изразот во погледот, како првите зборови што ги склопува младенчето - чудесни но разбирливи пројави на личноста што се раѓа – така чудесни но разбирливи се и плодовите од преродбата на човекот ‘во СветиотДух’. А ако тие плодови не се секогаш видливи, тоа не е затоа што Духот се дарува во различни количества - „зашто Духот не се дава со мерка” (Јован 3, 34) - туку затоа што се различни противењата на смртта што ги развива нашата слобода.

Посети:{moshits}

 Слегувањето на Светиот Дух – фреска од манастирот на св. Никола во с. Љубанци (скопско)