ЗА БРАКОТ И ВОСПИТУВАЊЕТО

Еден од древните отци на Црквата рекол дека светот не би можел да опстои без Таинствата, поточно, без непосредното Божјо содејство и без преображението кое самото содејство го извршува над луѓето. Единственото Таинство кое се извршило по падот на човекот од Бога и изгонувањето од рајот - тое е Таинството на Бракот. И надвор од христијанското искуство бракот претставува таинство, во таа смисла, што се извршува нешто што преку посредство на едноставните човечки сили не би можело да се изврши, се воспоставува, колку што е тоа можно, во границите на отпаднатиот свет единството помеѓу мажот и жената, а со тоа и целовитоста на сечовекот за кого се зборува во почетокот на поглавјето Битие. Тоа е момент од колосална важност. Тоа е момент, кога двајца вљубени, еден во друг можат да станат единствена плот, и тоа не само физичка плот, но и своевидна телесна реалност која во себе ја вклучува разликата и во душевноста и во духовноста.

Во Стариот Завет ние читаме за тоа како првиот човек бил создаден од сечовекот, во него, според учењата на некои од отците се заокружувало и женското и машкото битие. Човекот започнал да созрева, да расте, и чукнал часот кога во него, во тој еден човек повеќе не можела да се соединува полнотата на машкото и женското битие. Тогаш Бог му ги довел сите животни, за човекот да може да сфати дека тие имаат по два пола, и за тој да може да се почувствува, како што е кажано во Светото Писмо, дека е единствениот сам. Во мигот кога човекот ја почувствувал својата осаменост Бог му испратил тврд сон и го одделил од него машкото од женското. Тој ги разделил на тој начин што во секој од нив останало по нешто од другиот, давајќи му на секој од нив можност да се препознава себеси еден во друг. Тој и таа сочинувале една целина. Кога Адам ја видел пред себе Ева, тој воскликнал: „Тоа сум јас пред моите сопствени очи". Тоа било вистинското „јас", тоа било вистинско единство од двајца што тие дури и не се чувствувале обнажено. Тие се гледале себеси како единица, како човек во две личности.

Подоцна, кога падот бил извршен, тие еден во друг ја забележале својата голотија, виделе дека се голи, поточно, туѓи еден на друг. И ете, од тој момент започнала борбата за повторно соединување. Привлечноста на еден кон друг, очајничкото, заслепувачко привлекување, крикот „врати ми се" - сето тоа проникна во брачната љубов, во љубовта на двајцата, при што секој се препознавал себеси во другиот и истовремено, во другиот не ја видел сопствената ограниченост, туку нова полнота, нова убавина, нова смисла. Бракот, поточно, тајната на таа средба, се исполнувала тогаш кога тие двајца еден во друг се препознавале самите себе и се гледале еден во друг исполнети во таа полнота на животот, која тие можат да ја имаат исклучиво еден со друг. Соединувајќи се, тие и телесно, и душевно, и духовно, колку што тоа било можно тогаш, и колку што тоа е можно сега, во паднатиот свет, го сочинувале сечовекот. Тоа е восхитувачка тајна. Тоа е онаа полнота на човекот која се јавува во обете личности. Бракот е Таинство, затоа што сега, оваа поделба која била извршена со гревот, во значителна, но и одлучувачка мера е ублажена.

Еден од отците на Црквата говори за некои собитија кои мнозина можат да ги вознемират, зачудат. Тој искажува една мисла дека во брачното единство, мажот и жената се соединуваат така што нивното единство може да се спореди само со единството помеѓу Христос и верникот, кога овој се причестува со Светите Тајни. Ете еден критериум во кој, еден од отците го видел телесното единство помеѓу мажот и жената како полнота на тоа единство, какво веќе е достигнато во душевното и духовното! Тоа значи дека мажот и жената се гледаат еден со друг како себе самите, но без оние сенки, без тоа нагрдување кое секој човек обично го забележува кај друг човек. И кога тие се соединуваат, тогаш, според зборовите на апостол Павле, се гради една мала црква. Навистина, во Христос, во Бога со благодатта на Светиот Дух тие стануваат една плот, едно суштество, истовремено останувајќи единствени и неповторливи личности. Во бракот се надвладува последната граница на поделбата. Во идеалот на односите помеѓу мажот и жената не е скржавоста, тоа не е желба да се надвладее, тоа не е грабање, туку благодарна и со почит согледба, и отстапување на себеси во другиот и прием на другиот во себе самиот во љубовта, во созерцувачката тајна на љубовта. Тоа е идеалот на бракот.
Секако, во бракот во паднатиот свет делуваат и други сили. Постои полова желба, постои скржавост, но исто така, постои и тоа дека двајца се соединуваат во таква љубов која ги симнува сите ограничувања. Сега, тие стануваат единствени. Кога се раѓа дете, тоа не доаѓа во светот како резултат на грабање, туку како плод на отстапување на еден човек на другиот, едната половина на втората или втората половина на првата. Тука, јас би сакал да преминам на прашањето за децата.

Современата наука постепено го потврдува она во што Црквата верувала уште од почетокот. Во оној миг кога се воплотува живо човечко суштество, веќе сопостои сета полнота на човештвото. Тоа е веќе човек. Може да се каже дека воплотувањето се извршило оној миг кога архангел Гаврил ја известил Дева Марија за воплотувањето на Христос. И Таа нему му одговорила: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои". Веќе во тој миг била отелотворена сета полнота на воплотувањето. Истото се случува и во бракот. Во процесот на обликување на детето во утробата на мајката тоа може да восприеми се што се случува не само со него, но и околу него. До него доаѓаат звуци, треперењето на воздухот, преку својата мајка тоа станува дел од средината што го опкружува. Затоа, црковните педагози ја советуваат мајката да се моли, но да не се моли формално, не едноставно да ги произнесува молитвите, да не молитвослови, туку да општи со Господ, да ја споделува со Него сета своја радост, со сиот свој трепет, да Му дозволи на Бога да делува во неа. Можно е да се моли на глас, затоа што звукот на таа молитва на необјаснив начин доаѓа до зародишот, до детето кое постепено се обликува. Доколку молитвата се произнесува со благодарност, тивко, обмислено, детето веќе се приопштува со тајните на мајчинската молитва. Ова е восхитувачки! А кога детето ќе се роди тогаш е неопходно да се молиме за него над самата колевка: да му се пеат црковни песни; да се молиме со црковни зборови кога тоа се уште не ги разбира, но преку звукот на гласот може да го восприеми молитвеното расположение и преку него да оживее во молитвата, област што Му припаѓа на Бога. Кога детето малку ќе потпорасне и може да учествува во нештата, со него, во тие мигови се исполнува нешто што може да одигра колосална улога. Доколку во семејството има раздор, вресоци, заемно непријателство, во тој случај, тоа ја разбива целовитоста на неговата душа затоа што секој вресок ја потресува неговата душа и понекогаш ја разбиваат на најситни делчиња како стакло кое се крши од притисок на високи тоналитети.

Но, според критериумите како детето ги слуша тие молитвени зборови, се присоединува кон нивната звучност, тие стануваат дел од неговата плот и неговата крв. И овде јас би сакал да наведам пример кој остави траг во мојата душа.

Во нашиот храм доаѓаше еден човек по име Василиј Федоров. Тој имаше таков бас, со таква потресна убавина што не вдахновуваше сите нас со своето пеење. Но, ете, тој се разболе од рак, легна во болничка постела. Јас го посетував секој ден. Отпрвин, ние заедно се молевме: јас многу невешто, затоа што немам доволно слух и добар глас, пеев молебен за негово оздравување и за неговите роднини кои, во тој момент, не беа со него. Потоа, тој почна да заслабнува, и јас пеев сам. И еден ден, отидов кај него на посета и слушнав од главната медицинска сестра дека можеби повеќе и не треба да доаѓам затоа што тој е во без сознание и умира. Јас влегов во неговата соба: од десно и од лево на неговиот кревет седеа неговата жена и неговата ќерка, кои пристигнаа од далечната Јапонија и го нашле веќе без сознание, како умира. Тогаш се сетив дека тој ми зборуваше колку молитвените зборови се испреплетале со неговата душа, и им реков на неговата жена и ќерка да застанат една крај друга, клекнав на коленици и започнав, како што умеев (лошо!) да му пеам великопосни страдални песнопенија. И сите ние видовме како постепено неговото сознание му се враќа, се засилува и се воздигнува во него. По извесно време тој ги отвори очите. Јас му реков:

-    Василиј, Вашата жена и ќерка седат лево од вас. Вие умирате. Простете се со нив.
Тие се простија спокојно, длабоко и трогателно. А потоа му реков:
-    А сега можете спокојно да умрете.
Тој легна, влезе во кома, и така умре. И оние песнопенија кои тој сиот свој живот ги пееше, го вратија во живот во тој краток интервал кој нему му беше потребен за да не ги остави жената вдовица и сиромашката ќерка без последен поздрав.

Ќе ви раскажам уште еден случај кој длабоко ме погоди.

Многу години наназад во сергиевската црква имаше еден многу, многу стар ѓакон. Тој имаше осумдесет и шест години. Поради староста, тој речиси го имаше загубено гласот, но пееше на клиросот затоа што беше единствен кој тоа можеше да го прави секој ден. Понекогаш умеевме да се најдеме заедно на клиросот, јас читав, а тој пееше. Тој читаше и пееше со таква искричава брзина што јас не бев во состојба да го следам во книгата. Еднаш, кога заврши службата, му реков:

-    Отец Ефтимиј, вие денес ми ја откраднавте сета служба, но најлошо од се е што ја откраднавте и од самиот себе. Вие не можевте да ја следите богослужбата.
Тој просолзе и ми рече:
-    Прости ми, но знаеш, јас сум роден во едно застрашувачки сиромашно село, моите родители не можеа да ме нахранат. На возраст од пет години ме дадоа во манастир, и во манастирот јас живеев до револуцијата. Таму научив да читам, таму научив да пеам. Секој ден ги слушав службите и тие станаа дел од мојата душа. И кога ги гледам буквите, мене не ми е потребно да ги читам: и кога ги слушам песнопенијата, не ми е потребно да се сосредоточувам над нив. Само да ги видам буквите од зборовите, небаре Божјата душа со некаква струна се допира до мојата душа, и сета душа, како харфа започнува да пее. Јас пеам така брзо, затоа што харфата во мене пее, душата ми пее. Ова ми беше дадено од збор до збор во текот на моето детство и сиот мој подоцнежен зрел живот.

Ете каква ризница со богатство можеме да му дадеме на едно дете, воопшто, се што сакав да кажам за бракот. Во срцевината на бракот се наоѓа Господ Исус Христос, благодатта на Светиот Дух, и така Светата Тајна Брак дејствува во Христос.

 

Извор:

Скопска православна епархија

2015

Библиотека Современо благословие, Книга 7

 10-ти мај 2018 лето Господово