од Ерма


Видение третo

Градење на Кулата којашто ја претставува Црквата

 

Глава 1.
Видението што го имав, браќа, е следно. Откако често постев и Му се молев на Господа за откровението коешто ми беше ветено преку онаа Старица, истата ноќ ми се јави Старицата и ми рече:

„Бидејќи многу се молиш и сакаш да знаеш сè, дојди во полето, и околу петтиот час ќе ти се јавам и ќе ти го покажам тоа што треба да го видиш.“

Ја прашав Старицата:

„Госпоѓо, на кое место од полето да дојдам?“

„На кое-годе сакаш“.

Избрав едно убаво, осамено место. Но, пред да прозборам за да ì го кажам местото, таа ми рече:

„Ќе дојдам таму каде што ти сакаш“.

И така, браќа, ги избројав часовите и се најдов во полето, на местото на коешто ì реков да дојде. И видов подготвена клупа од слонова коска, а на клупата ленено перниче; клупата беше покриена со тенка ленена ткаенина. Гледајќи го сето тоа подготвено, без да видам некого на тоа место, се исплашив, ми се крена косата од страв, и ме обзеде ужас зашто бев сам. Сепак, си дојдов при себе и си споменав за славата Божја. Се охрабрив и, клекнувајќи на колена, почнав да ги исповедам своите гревови на Бога, како што го правев тоа и порано. И дојде Старицата се шест момчиња, коишто ги видов и порано, застана зад мене и слушаше како се молам и како се исповедам пред Бога. Таа ме допре и ми рече:

„Ерма, престани постојано да се молиш само за своите гревови; моли се и за правда, за да добиеш дел од неа за твојот дом.“

Таа ме зеде за раката и ме крена, и ме приведе до клупата, а на момчињата им рече:

„Одете и ѕидајте“  

Кога останавме сами, таа ми рече:

„Седи тука.“

„Госпоѓо, нека седнат прво презвитерите.“

„Ти реков – седи.“

Сакав да седнам на десната страна, но таа ми покажа со раката да седнам на левата страна. Јас се натажив, зашто не ми дозволи да седнам на десната страна, но таа ми рече:

„Не биди тажен, Ерма. Местото на десната страна им припаѓа на оние коишто веќе Му угодиле на Бога и кои пострадале за Неговото име. Тебе уште многу ти недостасува за да седиш со нив. Но, остани во простотата своја, и ќе седиш со нив; и сите оние што ќе прават дела и ќе го претрпат она што тие го претрпеле.“

Глава 2

Јас ја прашав:

„Госпоѓо, би сакал да знам што претрпеле тие?“

„Слушај: лути ѕверови, камшикување, темница, крстови заради името Негово. Затоа десната страна на Светињата е нивна, и на секој оној што пострадал заради името Божјо, а за останатите е – левата страна. Но, и за едните и за другите, и за оние што седат на десната страна и за оние што седат на левата страна – едни и исти се даровите на ветувањето, единствено што тие што седат од десната страна имаат (некаква) слава. Ти сакаш да седиш на десната страна, но кај тебе има многу недостатоци. Очисти се од своите слабости, а и сите што не се колебаат ќе се очистат од своите гревови до тој ден.“

Откако го кажа тоа, таа сакаше да замине, но јас паднав пред нејзините нозе и ја замолив, заради Господа, да ми го покаже видението коешто ми го беше ветила. И таа повторно ме фати за раката и ме крена, и ме седна на левата страна на клупата и, подигајќи некаков светол жезал, ме праша:
 
„Гледаш ли нешто големо?“

А јас ì одговорив: „Госпоѓо, не гледам ништо?“

Таа ми возрати: „Зарем не гледаш пред себе голема Кула, којашто се гради над водата, од блескави четвртасти камења?“

И навистина, се градеше квадратна Кула од страна на оние шест момчиња кошто беа дошле со неа. Илјадници други луѓе носеа камења, некои од длабочините на водата, други од земјата, и им ги подаваа на шестмината момчиња. Тие ги земаа камењата и ги вградуваа во Кулата: камењата што беа извлекувани од длабочините, ги поставуваа такви какви што се, зашто тие беа мазни и толку добро се прилепуваа еден до друг, што не можеше да се забележи линијата на соединувањето. И зданието на Кулата изгледаше како да е направено од еден камен. Но оние камења коишто беа земени од земјата, не беа сите употребени за градење. Некои од нив градителите ги отфрлаа, некои ги вградуваа, а некои ги кршеа и ги отфрлаа далеку од Кулата. А и многу други камења лежеа околу Кулата, и не беа употребувани за градење, зашто некои од нив беа нерамни, или имаа пукнатини, некои беа бели и тркалезни и не беа употребливи за градење на Кулата. Видов и другу камења коишто градителите ги фрлаа далеку, и тие паѓаа на патот, но не се задржуваа на него, туку се стркалуваа во беспаќа; други, пак, камења паѓаа во оган и гореа, некои паѓаа блиску до водата, но не можеа да се стркалаат во водата, макар што сакаа да се стркалаат и да потонат во водата.

 (Продолжува)

Подготви: д-р Драган Михајловиќ

 

Ангелот му даде дванаесет заповеди:

1) да верува во Бога;

2) да живее во простота и невиност, да не злослови и да му дава милостиња на секого што проси;

3) да ја љуби вистината и да ја одбегнува лагата;

4) да го чува целомудрието во помислите;

5) да се учи на трпение и великодушност;

6) да знае дека покрај секој човек е поставен еден добар и еден зол дух;

7) да се плаши од Бога и да не се плаши од ѓаволот;

8) да прави секакво добро и да се воздржува од секое зло;

9) да Му се моли на Бога од длабочината на душата со вера;

10) да се чува од тагата, која е сестра на сомнежот и гневот;

11) да ги испитува вистинитите и лажните пророштва;

12) да се чува од секоја зла желба.

 

„ПАСТИР“ ( Видение I - Глава 2) ...

http://preminportal.com.mk/component/search/?searchword=%E2%80%9E%D0%9F%D0%90%D0%A1%D0%A2%D0%98%D0%A0%E2%80%9C%20%20

 

 

Посети: {moshits}